Бегалски камп на поранешна депонија
Местото каде што сега се наоѓа прифатниот центар со децении беше градска депонија. Преку депонијата е нанесен само слој земја. Населението зборува дека тука сѐ почесто се појавуваат гасови, како метан. Границата со ЕУ (Хрватска) е оттаму одалечена само 5 километри, а помеѓу има мински полиња. Тука постои само смрдеа, 3 шатора и резервоари за питка вода. Нема тоалети, тушеви, струја, како ни болничари. Но, се чини дека драматичната состојба во која се наоѓаат мигрантите во кампот на Вучјак како и нивниот апел за итна помош не го засега никого. За тоа сведочи и следнава фотогалерија на Дирк Планерт:
Голготата на мигрантите во БиХ
Страдањето на бегалците на ридот Вучјак кај Бихаќ очигледно никого не го интересира. Ним, покрај институционална грижа, им недостасуваат и храна, лекови, лекари, струја, тоалети... Меѓу мигрантите има и деца...
Последица на недејствувањето
18 месеци пристисокот постепено растеше за во петокот, на 14 јуни, да дојде до кулминација. Покрај кампот на Меѓународната организација за миграција (ИОМ) во близината на Бихаќ, на една ливада кампуваа 500 лица. ИОМ не ги регистрираше, така што не можеа да добијат ни храна ниту помош. Во попладневните часови пристигнаа полициски автобуси и луѓето беа повикани да се качат во нив.
Транспорт
Во Бихаќ проценуваат дека тука се наоѓаат 6 до 8 илјади мигранти, што е 20 насто од тамошното население. Камповите се премали да ги примат сите и многумина се сместени во напуштени куќи. Исто така, секојдневно се зборува за грабежи. Пред градинка дојде до бодење со нож. Се прошири страв, поттикнат од социјалните мрежи. Автобусите запреа 10 километри надвор од градот на макадамскиот пат.
Доаѓање на Вучјак
Ова место повеќе децении служеше за одложување на градскиот отпад. Преку депонијата е нанесен само слој земја. Населението зборува дека тука сѐ почесто се појавуваат гасови од депонијата, како метан. Границата со ЕУ е оттаму одалечена само 5 километри, а помеѓу има мински полиња. Тука има само смрдеа, 3 шатора и резервоари за питка вода. Нема тоалети, тушеви, струја, како ни болничари.
Абдул Рахим Билал
...го извадија од полициското комбе. Затрепери, врисна од болка и со него веќе не можеше да се разговара. Набрзо потоа лежеше во нечистотијата држејќи ги рацете во пределот на слепото црево. Автобусот тргна. По енергичната реакција, еден полицаец повика итна помош. Ѝ требаше половина час да дојде. Три дена подоцна, според информациите од болницата, Абдул Рахим Билал е отпуштен.
800 луѓе на депонија
За само неколку дена полицијата довезуваше сѐ повеќе мигранти на Вучјак. Ги фаќаше секаде низ градот, во споредни улици, на железнички шини, секаде. Во градот сега можат да се видат само мал број мигранти. Голем дел од населението смета дека ги напуштиле и ЕУ и владата во Сараево. „Моравме самите себе си да си помогнеме“, велат тие.
Леб и супа
Поголемиот дел од овие момчиња доаѓаат од Авганистан, Пакистан и од Сирија. Потоа следат Индија, Египет и Газа. Тука горе, тие од локалниот Црвен крст двапати дневно добиваат леб и супа. Претставниците на ИОМ доаѓаа тука во бела Дачија Дастер. Не сторија ништо.
Црвениот крст се надева на помош
Соработниците од локалниот Црвен крст во Бихаќ велат дека за згрижување на бегалците или за купување санитарни средства не добиваат пари од владата во Сараево или од ИОМ. Поради тоа пред неколку дена упатија повик до граѓаните на Бихаќ со молба да донираат храна.
Воени приказни
Некои од мигрантите од Вучјак се 10 недели на пат кон Европа, а некои дури 3 години. Тие зборуваат за војната во Сирија, терористички напади и полициското самоволие во Пакистан и ракетите испукани во Газа. „Да беше можно да се живее во нашите земји, немаше да бидеме сега тука.“
Повеќе нема сила
Џима Ал Хамид во Сирија бил во еден од затворите на Асад. Тој доаѓа од близината на Идлиб. На пат е веќе 3 години, една година поминал на Лезбос, во кампот Мориа. „Не можам веќе“, вели 26-годишникот. „Сакам само да живеам дома, ништо повеќе. Тука се плашам. Се плашам од полицијата, како и од криминалците тука горе“. Криумчарите бараат 3.000 евра. Тој ги нема.
This ist not a camp…
Тие сакаат да бидат слушнати. Ова е нивниот крик. Поради тоа со себе зедов лист и пенкало. Една госпоѓа од една француска организација за човекови права, го напиша ова наместо нив. Очајнички обид да добијат помош.
Без права
Хасан Али е депортиран на Вучјак, иако ИОМ го регистрираше како мигрант и доби место во кампот „Бира“. Тој вели: „Полицијата ме уапси во градот. Кога им ја покажав својата ИОМ-картичка и им реков дека сум сместен во 'Бира', тие ми рекоа дека ќе ме удрат ако уште еднаш го повторам тоа. А потоа ме донесоа овде. Зошто? Не знам“.
Јадење во нечистотија
Храната на Црвениот крст се состои од две скромни супи дневно. Тука нема струја, тоалети, тушеви, и не постои можност да се испере облеката. Речиси сите имаат проблеми со здравјето, а лекари нема. Болничарите на Црвениот крст велат дека немаат доволно материјал за да се грижат за луѓето.
Дете на отпад
Најмладиот мигрант во кампот има 12 години. Полицијата го пронајде во градот и го доведе на Вучјак. Тој го поседува само она што го има на себе. Стратегијата на „преплавениот“ град Бихаќ е јасна: „Исчезнете од овде“. Винивници за тоа се надлежните во ЕУ и во Сараево.
ЕУ знае сѐ
Европската унија не може да каже дека не знаела ништо. Двајца војници на ЕУФОР беа на Вучјак и видоа сѐ. Тие за тоа ќе го информираат својот главен штаб. Оваа ситуација многу потсетува на војната во БиХ. Бихаќ беше „заштитена зона“ на ОН, но само на хартија. Тогаш тука имаше набљудувачи на ОН, кои не сторија ништо. како и ЕУФОР денес.