1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бегалци бегаат пеш од САД во Канада

Д‘Амурс Џилиан Кестлер
15 февруари 2017

Плашејќи се од ригорозната бегалска политика на американскиот претседател Трамп, сѐ повеќе бегалци се обидуваат илегално да влезат во Канада.

Flüchtlinge fliehen von USA nach Kanada
Сеиду Мохамед од Гана залутал на температура од -20 степени Целзиусови и со тешки премрзнатини завршил во болницаФотографија: Maggie Yeboah

Во јужниот дел на провинцијата Манитоба е екстремно студено. Многу семејства, жени и деца на температури под нулата одат преку полиња низ снегот кој им стига до половината. Од американската граница до канадското место Емерсон има 12 километри. Голема е опасноста да се залута и да се замрзне. Неодамна двајца млади мажи од Гана, поради екстремни премрзнатини, ги загубија прстите на рацете и нозете.

Се зголемува бројот на мигранти кои се обидуваат пеш илегално да стигнат во Канада. „Загрижени сме, зашто овие луѓе поради студот го ризикуваат нивниот живот“, вели Рита Кахал, раководителка на невладина интеррелигиозна организација во Манитоба, која им помага на доселениците во оваа провинција во источна Канада. Од април лани, само во Манитоба биле доставени 300 барања за азил од бегалци кои нелегално ја минале канадската граница. Претходните години нивниот број бил околу 70.

Без вистинско сослушување

Кахал за нараснатиот број наведува повеќе причини, а една е: многумина велат дека се плашат од екстрадиција од САД во нивните татковини. Во САД, по доаѓањето на Доналд Трамп на претседателската функција, тие не се чувствуваат веќе сигурни, не веруваат во фер процедура за време на постапката за добивање азил. Некои баратели на азил се загрижени поради политичката и општествената клима во САД и поради начинот на кој би биле третирани во иднина. 

Најголем дел од апликантите на азил ја преминуваат канадската граница во близина на Емерсон. Селото со 700 жители се наоѓа на 110 километри јужно од провинцискиот главен град Винипег и граничи со две американски сојузни држави - Минесота и Северна Дакота. Само во првиот викенд во февруари, соопштува полицијата, границата илегално ја преминале 22 бегалци, а 21 во неделата потоа.

Сличен тренд на илегално преминување е присутен и во други делови во Канада. Границата меѓу САД и Канада е долга речиси 9000 километри и е порозна. 

Многу од бегалците стигнати во Манитоба, доаѓаат од Сомалија, Еритреја или од Џибути. Проблемот за Емерсон стана толку голем, што беше организиран кризен состанок со претставници од полицијата, канадската гранична служба и политичари. „Најголема грижа беше безбедносната ситуација“, вели еден претставник на Емерсон по средбата. „Имаме насоки како да се справуваме со евентуален натамошен зголемен број. Владата ни пружа голема поддршка.“

Меџи Џебоа е социјален работник и претседател на ганската заедница во Манитоба. Многумина од луѓето всушност не сакале воопшто да дојдат во Канада, раскажува таа. Но, им било советувано со автобус да отпатуваат до Минесота или Минеаполис и оттаму со такси да продолжат до канадската граница. Оттаму, им било кажано, можат пеш да стигнат во Канада.

Опасно патување

Џенет Денч, раководител на Канадскиот бегалски совет, ЦЦР, укажува на опасните патишта по кои се движат барателите на азил за да стигнат во Канада. Причината е договорот меѓу САД и Канада од 2004. година, со кој двете земји меѓусебно се сметаат за безбедна трета држава. Договорот предвидува бегалците да поднесат барање за азил онаму каде прво пристигнале и потоа да не можат по своја волја да избираат друга земја. Значи, според договорот, барателите на азил директно би биле депортирани назад во САД.

Постапката за добивање на азил во Канада се води пред Службата за имиграција и бегалци, која е независна од владата. Договорот од 2004. година на бегалците не би им овозможил фер и уредна постапка за добивање заштитен статус, вели Денч во разговор со Дојче веле. Откако Трамп го донесе спорниот декрет и забрани влез на бегалци, организациите за човекови права, како канадската филијала на Амнести интернешнл, бараат од канадската влада да го укине овој договор. „Наше мислење е дека Канада треба да го напушти договорот. Ние никогаш не го поддржувавме, а илегалните премини на границата се најочигледните и најпознати последици“, тврди Денч.

Првиот човек на канадската организација на Амнети интернешнл, Алекс Нив, се согласува со тоа мислење:

„Внимателно формулирано, нереално е да се верува дека САД во овие денови се сигурна држава за бегалците.“

Меѓутоа, канадскиот министер за доселување, Ахмад Хусен, неодамна истакна дека Канада ќе се придржува до договореното.

Иако е рано за шпекулации, истакнува Кахал, се очекува пораст на илегалните преминувања на границата со затоплувањето на времето: „Не сум сигурна дека стигнавме до врвот, останува да сочекаме.“

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми