1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бегство во неизвесност

С. Бабори / О. Салет / ЕМФ19 декември 2015

Иако во Мазар-и-Шариф, во северен Авганистан, сѐ уште е релативно безбедно, многу луѓе планираат да избегаат. Стравот од неизвесна иднина во туѓина е голем, но стравот од останување е уште поголем.

Фотографија: Majeed/AFP/Getty Images

Заби Моради е нервозен. Таксистот од Мазар-и-Шариф веќе ги има спакувано работите, подготвен е за бегство. Неговиот шверцер постојано му подгрева надеж. Заби всушност требало веќе со денови да биде на пат, заедно со сопругата и двете деца. Виза има само за во соседната земја - Иран, а потоа мора некако да се снаоѓа со семејството.

„Прво патувам за Иран, потоа продолжувам преку Турција, со помош на шверцери“, раскажува тој.

Мазар-и-Шариф се наоѓа на северот на Авганистан. Градот им е свет на муслиманите и за разлика од остатокот од земјата - релативно безбеден. Тука е стациониран и германскиот Бундесвер.

Сепак, бројот на оние кои сакаат да избегаат се зголемува секојдневно. Заби има 24 години, има матура. Се плаши од бегство, од тоа да се откаже од сѐ и да ѝ заврти грб на татковината. Но стравот од останување е уште поголем.

„Сакам да избегам затоа што нема работа и поради безбедносната ситуација. Овде е многу опасно. Само што ќе го напуштиш градот, веќе си загрозен од талибанците и терористичката милиција ИД. Братучед ми неодамна беше киднапиран и убиен. Стравувам многу за својот живот.“

Овде можете да го погледнете видеото:

Бегство во неизвесност

02:40

This browser does not support the video element.

Земјата веќе ја имаат напуштено неколку милиони Авганистанци. Тоа се пред сѐ образовани луѓе, со добри примања. Зашто, за повеќето луѓе бегството е прескапо. За патување до Европа шверцерите бараат до 20.000 американски долари.

Но, има и луѓе кои остануваат од убедување. Трговецот Мохамад Таќир е еден од нив: „Ако младите само половина од трудот кој го вложуваат во бегство го инвестираат во сопствената земја, би имале подобра иднина. Се жалат дека нема работа. Ниту еднаш не сум видел дека за тоа излегле на протести. Едноставно си ги пакуваат работите и тргнуваат за Европа“, нагласува тој.

Заби за себе веќе има донесено одлука. И, одеднаш се јавува и шверцерот - може да се тргне! Пакување и на пат во неизвесна иднина.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми