Безредија во Венецуела
16 април 2013„Овде сме затоа што ни ги украдоа гласовите, не‘ измамија“, вели 60-годишната Селма Орјуела, која учествуваше на протестите во Каракас. Таа е убедена дека на изборите всушност победил кандидатот на опозицијата Енрике Каприлес.
Претходно, шефицата на Изборната комисија, Тибисај Луцена, го прогласи Мадуро за победник на изборите, со освоени 50,75% од гласовите. Каприлес, според Државната изборна комисија, добил 48,97% гласови.
Каприлес бара ново пребројување на гласовите. Според него, на изборите имало 3200 инциденти кои треба да се истражат. Тој ги повика своите приврзаници на протести. Во безредијата што се случија на протестите, полицијата мораше да употреби солзавец. Демонстрантите напаѓаа со камења и стапови. „Нема да го признаеме резултатот од изборите се‘ додека не се преброи секој глас“, рече Каприлес.
Американскиот претседател Барак Обама преку својот портпарол соопшти дека со оглед на „тесниот резултат“ проверката би била „важен, мудар и неопходен чекор“, за сите граѓани на Венецуела да веруваат во изборниот резултат. Ново пребројување на гласовите побара и Организацијата на американски држави и на венецуелските власти им понуди помош преку тим експерти за избори.