1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Безусловна поддршка од Бундестагот за С. Македонија

БГ
27 септември 2019

Двете најголеми владејачки партии, ЦДУ и СПД и дадоа поддршка на С. Македонија, а кон неа се придружија и опозициските Зелени и Либерали. Популистичката АфД беше против, а Левицата делумно воздржана.

Deutschland Bundestag
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/M. Schreiber

Одлуката да се одобри почеток на преговорите со ЕУ за С. Македонија донесе жива дебата меѓу пратениците во германскиот Бундестаг, која на крајот заврши со огромно мнозинство од 476 гласови „За“, 122- „против“ и 16 воздржани.
Како подносители на предлогот, пратениците на владејачките конзервативци и социјалдемократи го поздравија напредокот на Скопје, а притоа во повеќе наврати беше потенциран Преспанскиот договор, но и реформската агенда на владата.
Прв пред говорницата застана пратеникот на СПД, Јосип Јуратовиќ кој инсистираше дека земјата ги исполнила сите услови за почеток на преговорите.
По гласањето, Јуратовиќ за Дојче веле изјаави дека му е „многу мило“ поради успехот на С. Македонија.
„Сите се согласивме дека С. Македонија повеќе не смее да се жртвува. Мислам дека земјата во последните 1-2 години навистина стори многу, и симпатиите тука апсолутно се на нејзина страна“, вели Јуратовиќ.

Срцето на Европа
Во однос на текстот во кој се наведува дека Бундестагот ќе го следи исполнувањето на бараните критериуми, Јуратовиќ објаснува дека тоа не се никакви услови, и дека истото било наведено и во текстот кога се гласало за почеток на преговорите со ЕУ на Црна Гора и Србија.
„Честитки за се што беше направено и благодарност до сите демократски сили во С. Македонија што го овозможија овој момент“, вели Јуратовиќ.
Петер Бејер од партијата на канцеларката Ангела Меркел порача дека со одобрувањето на почетокот на преговорите се испраќа сигнал до сите млади во обете земји да имаат надеж.
„Вториот сигнал е до трети држави како Турција, Русија, Кина, Саудиска Арабија кои не сакаат да доје до приближување до ЕУ. (...) Овој регион е во срцето на Европа и во наш голем интерес е да ги испратиме овие силни сигнали до западниот Балкан“, рече Бејер.

С. Македонија испиша историја

Мануел Сарацин од партијата на Зелените ја критикуваше владата поради поставувањето на дополнителни услови за Албанија и оцени дека „ова требало одамна да се стори“.
„Обете земји ги исполнија критериумите на ЕУ и сега ЕУ мора да си го исполни ветеното. С. Македонија испиша историја со договорот со Грција. Ништо нема да биде подобро ако ги одложиме преговорите. Имаме обврска двете земји да ги третираме фер. Нашата неодлучност и наштетува на перспективата на регионот“, рече Сарацин. 
Либералите најавија дека ќе го поддржат одредувањето датум за С. Македонија, а бараа Албанија да се врати на дневен ред на парламентот дури откако ќе ги исполни дополнителните услови. Нивниот предлог беше одбиен. Пратеникот Томас Хакер од оваа партија оцени дека „С. Македонија со големи напори ги надмина споровите со соседите и спроведува внатрешни реформи." 
„Велиме 'Да' за Македонија денеска, а за Албанија тогаш кога ќе ги исполни поставените услови“, рече тој.

АфД против проширување на ЕУ

За пратеничката група на АфД е неприфатливо приближувањето на обете земји кон ЕУ, како што се покажа подоцна и во гласањето. Зигберт Дрозе од редовите на популистичката партија инсистираше дека ни С. Македонија ниту Албанија не ги исполнуваат Копенхашките критериуми и предлагаше на земјите да им се даде „привилегирано партнерство“.
„Зошто ова брзање. (...) ЕУ не учи од своите грешки и најпрво овие две земји мора да ги исполнат Копенхашките критериуми. Натамошен критериум е институционалната стабилност, а тоа го нема особено во Албанија каде опозицијата го бојкотира парламентот“, рече Дрозе.
Од Левицата, партијата на поранешните источно-германски комунисти, исто така се спротивставија на приближувањето на двете земји кон ЕУ, наведувајќи серија идеолошки причини за тоа: од влегувањето на западните концерни во балканските држави, до недостатокот на економски и социјални критериуми во преговорите со ЕУ.  На крајот на своето излагање, Андреј Хунко од Левица побара да се остават балканските земји да градат подобри односи со Русија.
Уште двајца пратеници на СПД на крајот на дебатата изразија поддршка за Скопје. Пратеникот Метин Хакверди рече дека „двете земји имаат уште долг пат до полноправно членство“. „Погледнете ја картата на Европа и ќе ви стане јасно дека Западниот Балкан е оставен како осамен остров надвор од ЕУ иако се наоѓа во нејзиното срце. Во вистинско време го решаваме ова прашање. Овој ден може да биде историски доколку двете земји ги исполнат задачите и го реализираат патот“, рече Хакверди. Неговиот партиски колега Кристијан Петри оцени дека „ова е добар ден за Европа."
„Колку влади во Европа ќе беа во состојба да спроведат договор како Преспанскиот покрај сите отпори во земјата. Затоа С. Македонија треба да се награди“, рече Петри.

Заокружување на реформите
На крајот беше усвоен предлогот кој во вторникот го усогласија двете владејачки партии ЦДУ и СПД. Во него, покрај пофалбите, меѓудругото се бараат и гаранции дека реформскиот курс и заокружувањето на потребните реформи во С. Македонија ќе бидат одржани. Се акцентира и потребата од преземање дополнителни напори во делот на владеењето на правото, ефикасноста на Специјалното јавно обвинителство, борбата против корупцијата и организираниот криминал и засилување на институциите за заштита и подобрување на човековите права. На седницата, како гостин, присуствуваше и вицепремиерот Бујар Османи.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми