1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За Македонија може да биде предоцна

Б. Георгиевски/стандард/јунгевелт12 јуни 2015

Времето за Македонија брзо одминува и без решение на кризата во прашање се доведува препораката за ЕУ, коментира австрискиот весник „Стандард“. Методите на ЕУ веќе не даваат ефекти.

Фотографија: DW/K. Blazevska

Македонија може да биде оставена на цедило од Европа, коментира виенскиот весник „Стандард“ во текстот посветен на неуспехот на кризните преговори во Брисел. Коментаторката на „Стандард“, Аделхајд Велфл оценува дека времето за Македонија брзо одминува и објаснува дека до крајот на јуни треба да се состави содржината за Извештајот за напредокот. „Доколку не се најде решение следните денови, ќе биде предоцна. Тоа значи дека Македонија нема да добие нова препорака за почеток на пристапни преговори“.

„Тоа би им одговарало на оние во ЕУ кои не сакаат проширување и ангажман во Југоисточна Европа. На авторитарната влада во Скопје тоа и‘ е и онака сеедно. Но, со официјалното отфрлање на европскиот пат во нестабилната држава ќе се зголеми и опасноста за несигурност и насилство. ЕУ би го довела под прашање досега најуспешниот надворешнополитички инструмент- политиката на проширување- и ќе го прекрши ветувањето дадено во Солун во 2003 година, имено дека иднината на Западниот Балкан е во ЕУ“.

„Уште полошо: Брисел ќе разочара милиони луѓе кои се‘ уште веруваат во реформската сила на ЕУ и во неа гледаат единствена надеж за демократизација. Тоа можеби им е сеедно на граѓаните на ЕУ. Но ќе биде неодговорно да се остават на цедило луѓето од Југоисточна Европа бидејќи дестабилизацијата на Балканот ќе значи и дестабилизација на ЕУ“.

„Очигледно е дека инструментите и иницијативите на Европската комисија за Балканот одамна се исцрпени. Методите не даваат ефекти. Потребно е државите од ЕУ да ги отворат очите и да развијат нова методологија. На пример, на владите во Македонија и во БиХ нема да им биде сеедно доколку се доведе во прашање визната либерализација, бидејќи на тој начин ќе ги имаат и граѓаните против себе“, коментира „Стандард“.

Во извештајот од состанокот во Брисел, весникот наведува оти премиерот Груевски на преговорите му нудел на Заев вицепремиерско место, и уште четири министерски места за неговата партија кои преку „право на вето би ја контролирале неговата работа“.

„Вазалите на САД!“

Марксистичкиот „Јунге Велт“ од Берлин ја анализира состојбата во регионот низ прашањето за изградбата на гасоводот „Турски тек“, со кој, како што наведува, се става на проба „вазалниот однос“ на членките и кандидатите за членство во ЕУ кон Западот.

„Турскиот тек е во спротивност со геополитичките интереси на САД. Вашингтон со сите средства сака до себе да ги врзе земјите на Балканот- особено Грција. Се торпедира дури и најавата за соработка со Русија. Најнова жртва на таквата политика беше Македонија, бидејќи македонскиот премиер Никола Груевски не сакаше да ги поддржи западните санкции против Русија, а во март најави дека неговата земја би можела да учествува во Турски тек. Потоа во бившата југословенска република започнаа тензии“, пишува „Јунге Велт“.

Во текстот потоа се додава дека Груевски на крајот сепак потклекнал под „притисокот од Западот“ и изјавил дека Македонија нема да се приклучи кон гасоводот против волјата на Вашингтон и Брисел. Вестите од Македонија добро ги разбраа и во соседните земји, пишува натаму „Јунге Велт“, и го наведува примерот на Србија и најавите на премиерот Александар Вучиќ дека земјата ќе го „диверзифицира“ снабдувањето со гас.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми