1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Без гранични бариери - прв чекор на „Отворен Балкан“

3 јануари 2022

За денеска е најавен првиот пробив на граничните бариери, во сферата на фитосанитарната, ветеринарната заштита и безбедноста на храната

PK Open Balkans-Gipfel in Tirana
Фотографија: Albania Premiership Press Office

Од понеделник, трети јануари, одгoворно тврдам дека почнува иницијативата „Отворен Балкан“, од страна на Србија, најави српскиот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Бранислав Недимовиќ.

Првиот пробив ќе биде направен во сферата на фитосанитарната и ветеринарната заштита, и безбедноста на храната.  

„Што конкретно значи тоа? Досега, храната штo тргнуваше од Северна Македонија кон Србија се анализираше и во лаборатории таму, а кога ќе стигнеше овде, се анализираше и во Србија, од нашата фитосанитарана или ветеринарна инспекција. Сега тоа повеќе го нема. Ги усогласивме лабораториските анализи и сите евентуални мониторинзи и различни програми за заштита, без разлика дали станува збор за билки, за стока од животинско потекло или некоја друга. На граница веќе нема застанување заради контрола од инспекциитe, а ништо нема да биде на штета на безбедноста на храната“, изјави Недимовиќ за РТС.

Договорот за соработка во областа на ветеринарството, безбедноста на храна и фитосанитарната политика, беше еден од трите трилатерални договори што пред две недели беа потпишани во Тирана меѓу претставниците на Србија, Северна Македонија и Албанија, кои потоа требаше да бидат ратификувани во парламентите на трите држави. Откако српските пратениците го поддржаа овој Договор, според Недимовиќ, Србија добила нов простор, односно 50 отсто повеќе население на кое ќе може да му ја пласира својата стока.

„Во ‘90 -тите години луѓето правеа граници. Со иницијативата  ‘Отворен Балкан’   тие бариери се уриваат. Ова не е замена за ЕУ, туку прифаќање на истите принципи на кои функционира ЕУ“, потенцира  Недимовиќ.

Нема веќе да има долги чекања на камионите на границитеФотографија: Tomislav Georgiev/Xinhua/imago images

Олеснување на трговијата

Заради празниците, македонските власти надлежни за оваа сфера не беа достапни за коментар дали реално се завршени сите предуслови пласманот на храна од денеска да почне без инспекции на граница. По средбата  Заев-Рама-Вучиќ  во Тирана на 21-ви декември, македонската влада соопшти дека потпишаниот Договор за соработка во областа на ветеринарството, безбедност на храна и фитосанитарната политика ги уредува формално-правните аспекти на ова прашање, и ќе ја олесни трговијата со живи животни, храна, добиточна храна од животинско, неживотинско и мешано потекло, растенија, растителни производи и други стоки.

„Со овие договори се воспоставува соработката, заснована врз заеднички стандарди и взаемно признавање на резултатите од спроведените контроли, и ќе претставува средство за олеснување на легалната трговија и ефикасно спречување на недозволената трговија и царинските неправилности во државите потписнички на Спогодбата, но и пошироко“, соопшти владата.

Заев тогаш ја потенцираше важноста на земјоделско-прехранбената индустрија.

„За тоа колку е значаен овој сектор, говорат и бројките. Земјоделско-прехранбената дејност во вкупниот промет на индустриското производство учествува со 24 отсто од вкупниот промет во регионот на Западен Балкан, споредено со просекот на ЕУ, каде што земјоделските и прехранбените производи учествуваат со 15 проценти“, рече Заев.
Ако на тоа се додаде и податокот дека земјоделството како примарен сектор учествува со 12 отсто во вкупниот БДП на Западен Балкан, во споредба со просекот на ЕУ каде земјоделството учествува во 1,56 отсто во вкупниот БДП, јасно е зошто трите држави очекуваат придобивки од олеснувањето на процедурите.
На седмиот состанок на Иницијативата  „Отворен Балкан“  во Тирана учествуваше и сегашниот мандатар Димитар Ковачевски, но тогаш од позиција на заменик-министер за финансии.

Рама: Ако е предавство да мислиш за иднината, тогаш сум предавник

00:30

This browser does not support the video element.

„Договорите кои ги потпишуваме се влог во иднината, зајакнување на економската соработка и односите меѓу народите на  Балканот.  Компаниите и граѓаните на земјите од регионот добиваат олеснети услови за движење, работа и трговија по примерот на европските земји. Верувам дека оваа иницијатива ќе се проширува, зацврстува и ќе придонесе кон економски стабилен и развиен Балкан“ рече тогаш Ковачевски.

Српски компании ќе го пренасочат извозот

Од Белград веќе стигнаа првите одгласи дека споменатите олеснувања биле поздравени од српските компании, а некои од нив планирале и да го пренасочат извозот кон Северна Македонија и Албанија, со што практично за првпат ќе се појават на пазарите во двете соседни земји.

„Кога ќе ги погледнете бројките, комплетната размена меѓу трите држави во секторот храна е околку 420 милиони евра. И тоа со границите. А замислете колкав простор се отвора кога границите ќе се тргнат во овој сектор? Нема веќе задржување на граница, нема веќе чекање на камионите повеќе часови, нема чекање на наоди од лаборатории за да се пушти камионот или не“, потенцира српскиот министер за земјоделие.

Ако Србија во 2021 година имала 5 милијарди долари извоз, со просторот што се отвора во рамките на „Oтворен Балкан“ очекува тој да достигне и милијарда евра.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми