1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пандемијата- шанса за наоѓање алтернатива на огнометот?

Елиот Даглас
31 декември 2020

Германија во рамките на корона-рестрикциите ja забрани продажбата на ракети и петарди за оваа новогодишна ноќ. Дали ова може да биде шанса да се бараат поодржливи алтернативи на пиротехниката?

Berlin | Neujahr 2020
Фотографија: AFP/O. Andersen

Развиен во Кина пред повеќе од илјада години, огнометот оттогаш стана составен дел од прославите ширум светот. Од новогодишните прослави, до Денот на независноста во САД и Дивали во Индија, многу настани станаа речиси незамисливи без светлечкиот спектакл - мини експлозии што го осветлуваат ноќното небо.

Но, како што расте свесноста за климатските и еколошките проблеми, фокусот сѐ повеќе се насочува кон штетноста на овие пиротехнички спектакли. Бидејќи ракетите и петардите се направени од штетни пластични и хемиски соединенија, огнометот не само што предизвикува загадување на почвата, туку може сериозно да влијае на квалитетот на воздухот што го дишеме.

Вистинското влијание на огнометот

Загриженоста за прекумерното загадување на воздухот за време на пандемијата на коронавирусот поттикна неколку индиски држави и главниот град Њу Делхи - кој е соочен со еден од најголемите проблеми со смог во светот - во ноември да го забранат традиционалниот огномет за годинешниот фестивал Дивали - познат како Фестивал на светлината. Тоа е најголемиот празник на индусите, џаинците и сиките, кој трае пет дена и завршува со голем огномет.

Огнометите го загадуваат воздухот

01:09

This browser does not support the video element.

Многумина ѝ пркосеа на забраната. Така, на последниот ден од фестивалот, Индискиот индекс за квалитет на воздухот (АКИ) во главниот град регистрираше „сериозно“ високо ниво на ситни честички (ПМ2,5) од 481. Индексот инаку има максимална вредност од 500.

Повеќе:

-На огнометите во Германија црно им се пишува...

-Новогодишен огномет и петарди - за едни радост, за други проблем

-Новогодишна ноќ во барут и чад

Според Светската здравствена организација (СЗО), „честичките ПМ2,5 може да продрат низ белодробната бариера и да влезат во крвниот систем. Хроничната изложеност на ваквите честички го зголемува ризикот од кардиоваскуларни и респираторни заболувања, како и од рак на белите дробови“.

Најновиот извештај на Сојузната агенција за животна средина во Германија вели дека во земјата, над 2.000 тони такви честички се додаваат во атмосферата преку огнометите секоја година - од кои дури 75 проценти токму на 31 декември.

Огнометите го загадуваат не само воздухот

Јирген Реш, претседател на германската еколошка организација Дојче Умвелтхилфе (ДУХ), веќе подолго време спроведува кампања за заострување на законите за огномет. Иако постојат различни проценки за нивото на емисии на штетни гасови кои придонесуваат за ефектот на стаклена градина за време на новогодишните прослави во земјата, Реш тврди дека целиот проблем го надминува само прашањето за загадување на воздухот. „Во Германија имаме 10.000 тони пластика и опасен отпад предизвикани од новогодишниот огномет секоја година“, тврди тој.

Георг Алеф од Веко, водечки германски производител на ракети и петарди, посочува дека не постои такво нешто како климатски неутрален огномет. Но, тој вели дека современата технологија го променила нивното влијание врз животната средина - и дека неговата компанија работи на тоа да ги направи своите производи што е можно поприфатливи за животната средина.

„Кај согорувањето што се случува со огномет, како и со секое согорување, нешто се емитува во воздухот. И, нашите производи ги имаат тие ситни честички. Но, тука е и прашањето за употреба на тешки метали или тешки метални соединенија како олово, жива, хром и така натаму. Сите овие компоненти се користеа во минатиот век. Но, денес тоа е забрането “.

Алеф тврди дека неговата компанија Веко отишла подалеку од многу други производители на ракети и петарди: на пример, во нивните ракети тестираат влакна што можат да се компостираат и користат огнометни батерии делумно изработени од растителни материјали. Тие се надеваат дека ќе можат да ги заменат пластичните капаци на ракетите со верзија направена од рециклирана хартија до следниот дочек на Нова Година.

Некои компании произведуваат и огномет базиран на нитрати, а не оној вообичаениот на база на јаглерод.

Георг Алеф вели дека напредокот е забавен од фактот дека биоразградливите материјали се поскапи од конвенционалните и сè уште не се широко достапни. А тука е прашањето за безбедноста, па може да поминат години пред да се одобри нов вид ракета.

„Не можеме да ја користиме секоја (еколошка) компонента, особено кога станува збор за безбедносни прашања. И, ако сакате да имате целосно нула емисии на штетни гасови и материи, единствениот начин е целосно да се откажете од огнометот “, вели Алеф.

Дронови и ласерски спектакли наместо огномет

Ваквата можност им е привлечна на екологистите како Јирген Реш. „Зошто треба да прославуваме некои настани на ваков примитивен начин, со експлозии, истрелување ракети?“, прашува Реш.

Дотолку повеќе што постојат алтернативи. Во Јужна Кореја, каде употребата на огномет е главно ограничена на официјални настани, спектаклите со беспилотни летала се покажаа како одлична алтернатива во последните неколку години.

Најубавите новогодишни огномети

01:08

This browser does not support the video element.

Германскиот град Ландсхут, каде огнометот на новогодишната ноќ веќе неколку години е забранет, се прослави со своите импресивни спектакли со ласерски светла. И во Даблин, претходната Нова година беше дочекана со комбинација на традиционална пиротехника и ласерско шоу.

И додека Алеф верува дека огнометот е важен дел од германската култура и „уметничка форма“ што мора да се зачува, Реш се надева дека пандемијата  ќе им понуди шанса на земјите да прифатат алтернативни решенија што се поприфатливи за животната средина. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми