1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Без следење на контактите на заразените, влегуваме во мрак

27 октомври 2020

Во моментов нема податоци колку од новодијагностицираните се утврдени врз база на следење на контакти, а колку сосема случајно. СЗО укажува на важноста од мониторинг на контактите.

Nordmazedonien | Coronavirus | Pandemie
Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски објави дека е заразен со коронавирус. Неговиот резултат влегува во последниот биланс од 247 новодијагностицирани од вкупно 737 тестирани, што значи дека секое трето лице од тестираните е позитивно на вирусот. Но, што значат тие бројки, освен дека заразата експоненцијално расте? Колку повеќе растат бројките што секој ден ги соопштува Министерство за здравство, сѐ помалку има валидни податоци за изворот на заразата и за состојбата на новодијагностицираните. Според домашни експерти, проблемот е што поради недостиг од кадар во моментов нема аналитичка, туку дескриптивна, описна епидемиологија.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски е заразен со коронавирусФотографија: Regierung Nordmazedoniens

„Бројките на новодијагностицирани сами по себе не значат ништо, ако не се знае нивната структура, ако не се следат следат контактите на заразените, ако не се има увид во патеките за трансмисија на заразата, ако не се има увид во постоење кластери и нивно контролирање. Во моментов немаме податоци колку од новодијагностицираните се утврдени врз база на следење на контакти, а колку сосема случајно, затоа што дел од лицата сами се тестирале со намера да патуваат надвор од земјава. Според неофицијални податоци, голем дел од бројката на новодијагностицирани е резултат на тестирања токму заради потребата да се патува, што говори за стихијност во детекцијата на заразата. Со оглед дека има недостиг на стручен, и воопшто на медицински кадар, не само кај нас, туку во многу земји, секаде ‘владее‘ повеќе описна, отколку аналитичка епидемиологија, што ја намалува ефикасноста во битката со вирусот“, објаснува нашиот соговорник.

Повеќе:

Само 20% од заразените со коронавирус имаат симптоми, секој стоти завршува на респиратор

Филипче најави мобилизација на здравствениот кадар

Долгорочни последици од Ковид-19: „Не можев да ја кренам главата“

Недостиг на мониторинг

Ваквите проблеми ги детектира и Светската здравствена организација (СЗО). Европа треба „сериозно да ја забрза“ борбата против коронавирусот, а недостигот на мониторинг на контактите на заразените може да ја одвлече болеста во мрак“, предупреди главниот експерт на Светската здравствена организација (СЗО) за вонредни ситуации, Мајк Рајан.

„Моментално во Европа каскаме зад овој вирус, а за да излеземе пред него, потребно е сериозно сериозно забрзување. Но, сведочиме на голем број случаи, сведочиме на распространување на заразата, сведочиме на многу висока стапка на инфекција и на недостиг на капацитети за поведување какво било ефикасно следење на контактите на заразените, што ќе ја однесе инфекцијата во мрак“, изјави Рајан на прес-конференција.

Тој „мрак“, сивата бројка на заразени и лица кои не даваат податоци за контакт, ја отежнува работата на здравствените власти, со што дооколку трендот продолжи, може да се соочат со едно решение – делумни или целосни карантини.

„Многу земји сега се соочуваат со серија карантини во претстојните недели. Сигурен сум дека ниедна земја во Европа или светот не сака да биде во таква ситуција“, вели експертот на Светската здравствена организација (СЗО) за вонредни ситуации, Мајк Рајан.

Но, во Европа ситуацијата е алармантна откако голем број земји објавија рекордни бројки, почнувајќи од Франција, која вчера за првпат регистрира над 50.000 новозарзени, а бројот на смртни случаи во Европа го надмина прагот од 250.000. Според Рајан, 46-те европски членки во СЗО сочинуваат 46 проценти од вкупните инфекции во светот и скоро третина од сите смртни случаи.

Некои политичари се залагаат за многу краток, временски ограничен и делумен „локдаун“, сметајќи дека сега е последниот момент да се направи нешто, за бројката на новозаразени да не стане уште поголема. Но, дури и поблагите мерки резултираат со протести и нереди, какви што вчера се случија во Торино, Милано и други италијански градови, поради ограничувањето на работата на рестораните и кафулињата до 18 часот и затворањето на спортски сали, кина, тетри, теретани, базени. Протестите завршија со кршење на излози, димни бомби и молотови коктели фрлени врз полицајците.

Судири помеѓу демонстрантите и полицијата во Милано, 26.20.2020Фотографија: Matteo Corner/ANSA/picture-alliance

Пред губење на контролата

Според македонските здравствени власти, во овој момент полициски час не е решение за справување со корона-кризата.

„Верувам дека измените во Законот за заштита на населението од заразни болести ќе се донесе и ќе се изгласа, со цел да избегнеме полициски час. Ова се мерки кои практично имитираат полициски час. По 23 часот, ништо не работи, практично граѓаните нема каде да одат, сега и времето не е убаво, па сите треба да седат дома. Затоа апелираме да се излегува само ако има некаква потреба“, изјави вчера министерот за здравство Венко Филипче.

Во моментов се води битка за болнички легла, за побрзи термини за тестирање и повеќе тестови, но вирусот е побрз од подготовките.

Соседна Бугарија која во изминатото деноноќие регистрира 2.243 новодијагностицирани од 7.659 тестирани, како и рекорден број починати - 42, веќе размислува за поставување полски болници, со оглед дека расте и бројката на хоспитализирани, а капацитетите не се безгранични. Според светските агенции, сѐ повеќе земји се на работ на губење на контролата врз болеста и пред одлуки за „локдаун“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми