Без стратегија нема туризам во Охрид
25 август 2010Од око може да се процени дека споредено со лани, годинава за близу 50 одсто е помала туристичката посетеност, а со тоа и прометот од туризмот остварен во јули и август. Меѓу охриѓани владее тотална разочараност. Во последен момент дел од хотелите ги симнаа цените, но не доволно да им парираат на околните морски дестинации.
Ерол Сулејманоски речиси две децении е во туризмот. Поседува синџир од кафетерии, ресторан, дискотека. Тој отворено признава дека ова лето треба што побрзо да се заборави: „Централната и локалната власт треба заедно да ги усогласат ставовите дека туризмот е важна гранка. Суетите да се тргнат на страна и да се работи. Вака ќе имаме уште полоши сезони, по кои не ќе можеме да врзeме крај со крај.“
Охрид мора да ја сопре нелојална конкуренција во туризмот
Скапите реклами и билборди, учеството на саемите поддржани од државата, за хотелиерите и локалната власт останаа без поволен резултат. Предвидувањата за лоша туристичка сезона беа присутни од стартот на оваа 2010, по глобалната економска криза која не ја одмина и Македонија. Но изостана обидот, на кризата туристичките работници да и се спротивстават организирано. Згора на тоа не уништи нелојалната конкуренција вели Сулејманоски: „Моја препорака е да имаме барем министерство за туризам, како сите развиени европски земји. Македонија е релативно неискористено подрачје за туристите. Со воведувањето на министерство за туризам ќе се направи голем чекор во спречувањето на нелојалната конкуренција. Ќе се постават стратешки цели и би требало туризмот да тргне напред од ова мртвило.“
Странците го сакаат автентичниот лик на Охрид
Соња од Скопје со години е редовна гостинка и ги критикува урбанистите: „Охрид треба да има лик на еден традиционален град, кадешто треба да се истакнат традиционални вредности, а не треба да има кич елементи. Странците бараат автентични, а не ефтини работи, а Охрид ги има доволно и не му се потребни дополнителни работи.“
Полоша сезона и дождлив јули не паметам вели Марија, која издава апартмани чија цена се движеше меѓу 25 и 30 евра: „Споредено со лани и предминатата година можам да речам дека посетеноста е помала за 30 до 40 проценти. И луѓето коишто бараат сместување се се’ попребирливи, ситничарат во некои работи.“
Пештанци, како и охриѓани допрва ќе размислуваат, каде потфрлија, смета Ивана: „Некои сметаат дека имавме помалку гости поради годинашните поплави. Можеби поради лошата инфраструктура, иако годинава и колекторот проработи. Во Лагадин пред и по Пештани се изградени нови вили, можеби е и поради тоа.“
Во најслабата сезона доминираа младите
Охрид не одлучил, ќе гради елитен или масовен туризам. Грдата слика на автобуската, буквалното напаѓање на гостите и тргање за ракав за да заминат кај нив, ниту неколкуте изречени казни не успеаа да ја поправат. Наспроти нив губат агенциите и хотелите кои работат легално. Прегласната музика, панаѓурот на плоштадот и кејот и натаму ги бркаат повозрасните гости, а во градот доминираат младите: „Клубовите и дискотеките беа преполни. Велат дека било криза, дека имало послабо гости. Нема врска. Младите трошат повеќе, бидејќи кога ќе излезат пијат повеќе, се шетаат подолго“, вели Драгана. Дека Охрид е рај за младите потврди и гостинката од Сараево: „Ноќниот живот и плажите се супер. Ова е туристички град и овдека ми е многу поубаво.“
Со убави впечатоци од Трпејца заминува и Ненад. По мајка е Македонец, а оваа населба ја открил дури лани: „Човек ако дојде на Балканот, а ја пропушти Македонија тоа е штета. Ако дојде во Македонија, а да не го види Охрид е многу жално, а ако дојде во Охрид, а да не ја види Трпејца, тогаш се’ промашил.“
За Охрид сезоната е дефинитивно промашена. Останува надежта дека конгресниот туризам од септември и по некоја залутана странска група гости ќе ја поправат лошата слика.
Автор: Милчо Јованоски
Редактор: Александра Трајковска