1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел најави рестрикции за невакцинираните во земјата

БГ/ ДПА
10 август 2021

Граѓаните кои не се вакцинирани против коронавирусот во Германија ќе мора зачестено да се тестираат, но државата повеќе нема да им го плаќа тоа. Тие нема да можат да влегуваат во јавни објекти без негативен тест

Berlin | Pressekonferenz: Angela Merkel
Фотографија: Clemens Bilan/Getty Images

Германската влада од 23 август годинава ќе им наложи на сите невакцинирани и оние кои не го прележале коронавирусот да приложуваат негативен тест за секоја посета на болници и негувателски домови, како и за отворени или затворени угостителски објекти, фризери, вежбални, спортски центри и базени.
Во преноќувалишта, оние кои не се вакцинирани ќе мораат да приложат негативен тест на пристигнување, а потоа ќе мораат да се тестираат двапати неделно.
Целта на мерките е да се натераат што повеќе луѓе да се вакцинираат поради стравот на властите во земјата од нов бран на пандемијата, откако бројот на нововакцинирани почна да стагнира.
Канцеларката Ангела Меркел, по консултациите со премиерите на 16 германски покраини, вечерва ги повика граѓаните да се вакцинираат, уверувајќи ги дека има доволно дози за сите. Таа им порача дека на тој начин ќе се заштитат себеси, но ќе ги заштитат и оние кои не можат да се вакцинираат, нарекувајќи го тоа „придонес за заедницата“.
Меркел смета дека ќе биде добро доколку се постигне стапка на вакцинирани „над 70 проценти и до 80 проценти“. Во моментов, 55,1% од целото население е целосно вакцинирано.
Поради надоаѓачкиот нов Делта сој на вирусот, ќе останат во сила мерките за задолжително физичко дистанцирање и задолжително носење маски во трговијата и јавниот транспорт.
Од 11 октомври годинава, владата ќе ги укине и бесплатните тестови за коронавирусот, по што, невакцинираните ќе мораат самите да плаќаат за тест доколку сакаат да се вклучат во јавниот живот. Исклучок се само оние кои не можат да бидат вакцинирани или не се препорачува вакцина.
Седумдневната инциденца на новозаразени на 100.000 жители во Германија денеска достигна 23.5. Пред помалку од еден месец таа беше само 4.9.
Во наредниот период ќе се отвори дебата дали целосно да им се забрани пристап на невакцинираните. Меркел соопшти дека оние кои се вакцинирани не треба да стравуваат од нов локдаун.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми