1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

220611 GMF Abschluss

23 јуни 2011

Глобализација, човековите права и медиумите - тоа беа темите што преовладуваа на тридневниот „Глобал медиа форум“, кој во организација на Дојче веле се одржа во Бон. Тој заврши вчера (22.06.).

Фотографија: DW

Со околу 1.600 учесници од над сто држави, глобализацијата можеше да се огледа во самата конференција. По три конференциски дена, падна и завршниот збор од интендантот на Дојче веле, Ерик Бетерман. Тој упати апел до сите медиуми во светот да ја понесат својата одговорност во заштитата и спроведувањето на човековите права. Нивното почитување ги засега сите, насекаде во светот, нагласи Бетерман.

„Равенката е едноставна: без човекови права, нема граѓанско општество. Без нив нема владеење на правото, нема стопанска благосостојба. Медиумите, пак, стојат во средината.“

Улогата на социјалните мрежи

Фејсбук и Твитер - помошни средства на Арапската пролетФотографија: picture-alliance/dpa

На четвртиот „Глобал медиа форум“ беа организирани педесетина различни работилници и предавања, на кои меѓу другото стана збор и за трговијата со луѓе; слободата на интернетот и жртвите од нарко-војната во Јужна Америка. Присутните новинари учествуваа и на практичните работилници, на пример за тоа како да се известува за повредите на човековите права, а притоа да се почитуваат правата на жртвата. Една тема се провлекуваше низ речиси сите дискусии: улогата на новите медиуми и социјалните мрежи - нивните можности и граници, нивната поврзаност со класичните медиуми, шансите што ги нудат, но и ризиците што ги носат.

Томас Деве од Зимбабве е координатор на Милениумската кампања на ОН за земјите од јужниот дел на Африка. Многумина новинари од цел свет се согласуваат со него во ставот дека...

„Социјалните мрежи се важна алатка за нас, преку која можеме да се поврземе. Луѓето имаат можност да ги искажат своите ставови во однос на државата и општеството.“

Фејсбук револуција?

Добитничката на наградата „Најдобар блог“, 18-годишната Лина Бен Мени од ТунисФотографија: DW

Блогерката Лина Бен Мени од Тунис не се согласува со ставот на Томас. Таа е добитничка на наградата за „Најдобар блог“, што се доделува на маргините на „Глобал медиа форум.“ Таа особено се противи на поимот „Фејсбук револуција“, што често се употребува кога се говори за актуелните револуции во Северна Африка.

„Не станува збор за Фејсбук, интернет или Твитер револуција. Тоа е револуција на народот, револуција на честа. Во Тунис таа не почна на интернет, туку на улица. Интернетот беше само помошно средство.“

Темата човекови права и натаму останува на агендата на „Глобал медиа форум.“ Следната година во јуни, на петтата конференција, ќе стане збор за правото на секој човек на образование.

Автор: Матијас фон Хајн/Трајче Тосев

Редактор: Симе Недевски

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми