1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бек цврсто го држи кормилото на СПД

Моника Дитрих 11 март 2008

Турбулентен период за германските Социјалдемократи, чија веродостојност е доведена во прашање. Повод за недоразбирањата е односот спрема Левичарската партија. Претседателот Курт Бек опстојува врз изменетиот курс на СПД

Бек прекрши едно табуФотографија: AP

Големата сала за прес-конференции беше преполна кога Курт Бек по двонеделно отсуство поради грип излезе пред јавноста. Додека тој боледуваше, во неговата партија се водеше тешка рововска борба во барањето вистински став спрема Левичарската партија. Принципот, всушност, беше јасен: во источниот дел на земјата, ако е нужно, соработката е дозволена, во западниот во никој случај нема соработка. Но, по изборите во покраината Хесен, работите се измешаа.

Андреа Ипсиланти се откажа од премиерска функција во покраината ХесенФотографија: AP

Принципот го прекрши Андреа Ипсиланти со настојувањето да стане покраински премиер на Хесен, што единствено беше можно со подршка од Левичарите. Тој курс го подржа и Курт Бек, но за многумина во партијата ова претставуваше разбивање на едно табу. Во меѓувреме Ипсиланти се откажа од таквите планови и поради отпорот во сопствената фракција, но спорот се разгоре.


Бек демонстрира волја за лидерска улога
Многумина во СПД се против соработка со Левичарите, оти ги сметаат за партија од протест и без политичка програма, затоа што произлезе од државната партија на некогашната Источна Германија и поради тоа што ја сметаат за недемократска. Политичките противници, пак, ги обвинија социјалдемократите за неверодостојност, на Бек му се префрлува дека го прекршил дадениот збор. Враќајќи се на политичката сцена, Курт Бек веднаш ги отфрли сите шпекулации за внатрепартиски обид за пуч, за наводно размислување за оставка или за губење на авторитет. „Не е важно само цврсто да се седи во седлото, туку и да се води коњот во вистинска насока. Можете да сметате на тоа дека јас го водам“ - рече тој. Бек опстојува и врз новиот курс - неговите сопартијци во покраините сами да решаваат дали ќе соработуваат со Левичарите. Но, на сојузно ниво тој и натаму исклучува секаква соработка со нив поради непремостливи противречности, пред се’ во надворешната политика. Левичарите, имено, бараат Германија веднаш да ги повлече своите војници од Авганистан, што за социјалдемократите не доаѓа предвид.
Прилагодување на ситуацијата не ја става под прашање веродостојноста
Курт Бек во јануари, пред изборите во Хесен и Долна Саксонија, уште зборуваше дека СПД никогаш нема да соработува со левичарите во западниот дел на Германија. Сега искажа жалење ако тоа придонесло за иритации, но не прифаќа приговори дека го прекршил зборот: „Сметам дека партиите мора да се постават спрема новонастанатата ситуација. Веродостојноста не се губи ако тоа се прави во светлина на развојот на настаните. Инаку, би се парализирале за сите времиња“. Левичарската партија останува политички противник за социјалдемократите, исто како и либералите или демохристијаните, нагласи Бек.
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми