Белгија - извор на џихадизам
16 ноември 2015Поради исламистичкиот тероризам Белгија во последните 18 месеци се најде во центарот на вниманието на светската јавност. Според политикологот Асием ел Дифрауи проблемите се од домашна природа. „Белгијците го запоставија следењето на оваа сцена, ги запоставија мерките за превенција, всушност сѐ запоставија“, вели Дифрауи за ДВ. Главна причина за пропустите гледа во внатрешната поделеност на земјата. „Белгијците едноставно се премногу зафатени сами со себе. Валонците и Фламанците со години меѓусебно се блокираат и поради тоа никој нема капацитет да се занимава со внатрешнобезбедносните проблеми во земјата“.
Статистиката најдобро објаснува зошто е неопходно поквалитетно дејствување: според наводите на лондонскиот Меѓународен центар за студирање на радикализацијата и политичкото насилство (ИЦСР) во периодот меѓу крајот на 2011 и крајот на 2013 година речиси 11 илјади исламистички борци отпатувале за Сирија и Ирак. Од нив, речиси секој петти бил од Западна Европа. Со 296 борци, Белгија е во врвот на земјите од кои потекнуваат борците во Сирија и Ирак. Заради споредба, од осум пати поголемата Германија, според проценките „само“ 240 борци заминале во „света војна“. Во споредба со бројот на населението, Белгија со 27 борци на милиони жители е најголем снабдувач на џихадистите.
Гратчето Вервиер на истокот на земјата, според наодите на студијата на Универзитетот во Лиеж, станало симбол за успехот на исламистичките фанатици. При рација на белгиската полиција поради сомневање за терористички напад на почетокот на 2015 година убиени се двајца исламисти кои отвориле оган врз полицијата. Експертите ги истражувале интеграцијата и општествените односи во Вервиер, кој е меѓу најсиромашните градови во Белгија. Од 53 илјади жители, 15 отсто имаат мигрантско потекло. Во градот живеат 117 нации. Меѓу нив е и втората по големина чеченска заедница во Белгија, која важи за некој вид центар на исламскиот фундаментализам. Според наводите на еден поранешен припадник на исламистичката сцена, од 2011 година 8 или 9 лица од Вервиер отпатувале во Сирија за да и‘ се приклучат на терористичката организација „Исламска држава“.
Без кохерентна стратегија
Во Белгија живеат околу 400 илјади муслимани. Меѓу нив, малубројни се оние кои се подготвени на насилство. Сепак, во односот кон оваа група граѓани веќе со години се јавуваат несогласувања и судири. Стратегијата во борбата против фанатизмот се‘ повеќе делува како симболична политика: Антверпен во 2009 година го забрани носењето шамии во јавност, а две години подоцна Белгија донесе закон против целосното покривање на телото. Без разлика дали се работи за автобус, улица или кино, жените повеќе не смеат да носат бурка. Доколку се прекрши законот следува парична казна од 137 евра.
Организацијата "Sharia4Belgium" („Шарија за Белгија“), која отворено регрутира борци за џихад, во 2012 година беше и официјално забранета. Во голем судски процес, лидерот на организацијата во 2014 година беше осуден на 12 години затвор. Стратегиите се различни: по терористичките предупредувања од почетокот на годинава, белгиската влада најави дека ќе делува построго. Серија мерки, меѓу кои и прислушување на телефоните, требаше да донесат поголема сигурност. Но сите тие мерки, како што покажува и најновиот развој на настаните по нападите во Париз, не донесоа многу успех.