1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Белград делумно задоволен од изборите

Ивица Петровиќ/ Александра Трајковска 9 јуни 2014

По првите прелиминарни резултати од изборите на Косово се чини дека во Белград се само делумно задоволни. Аналитичарите оценуваат дека Белград сепак може да воздивне, оти „колку работел, одлично поминал“.

Фотографија: DW/B. Shehu

„Излегувањето на 53.000 Срби на вонредните парламентарни избори на Косово покажува дека тие го послушале повикот на Владата на Србија“, изјавува претседателот на одборот за Косово и Метохија на Собранието на Србија Милован Дрецун, но сепак додава дека можело да биде многу подобро. Дрецун смета дека по „значајната излезност“ на Србите, Владата на Србија ќе треба да продолжи со процесот за нормализација на односите во наредниот период.

„Мислам дека на северот на Косово не е добро сфатено значењето на делувањето на идните пратеници, бидејќи ако темелот на политиката во наредниот период е ставен на формирање на заедници на српските општини кои произлегуваат од Бриселскиот договор, тогаш е потребна силна поддршка од српските пратеници во парламентот во Приштина, бидејќи од нив ќе зависи создавањето на законодавна рамка која е неопходна на Косово и Метохија“, додаде Дрецун. Тој исто така наведе дека се очекувало излезност на значително поголем број Албанци на изборите од 43 проценти и дека може да се очекува Србите да добијат поголем број од десетте загарантирани мандати. Како што вели, таа излезност покажува дека ниту Албанците не се задоволни како Приштина ги решава проблемите на граѓаните.

Северот на Косово дел од поширока приказна?

„Би требало да се констатира дека е постигната малку поголема излезност на Србите отколку на локалните избори, но дека е таа постигната пред сѐ во централно Косово“, ги коментира за ДВ првите неофицијални резултати од изборите Душан Јањиќ, координатор на Форумот за етнички односи. „Мислам дека е тоа резултат на фактот дека централно Косово уште од 2005 година имаше свои претставници во косовските институции и таму е веќе и правно прифатено дека мораат да живеат, работат и соработуваат со косовските институции“, вели Јањиќ.

Северно Косово е поинаков проблем и слабата излезност на северот покажа дека изостанала политичка работа од Белград, смета Душан Јањиќ. Тоа можело да предизвика нови сомнежи во вистинските немери на Белград околу примената на Бриселскиот договор, вели Јањиќ, но истовремено дополнува дека мисли оти тука навистина не се работи за некакви вистински лоши намери на Белград. Целиот проблем, според неговите зборови, мора да се посматра во многу поширок геополитички контекст:

Душан ЈањиќФотографија: Zulfija Jakupi

„Оваа влада пред сѐ нема капацитет кој од неа го очекува Европската унија. Таа нема ниту доволно знаење, ни доволно искуство, ниту доволно расчистени лични и политички односи во себе, многу тешко се снаоѓа со многу проблеми, а особено во поглед на северот на Косово. Тој проблем на северот е, меѓу локалните и овие избори на Косово, секако важен за една глобална приказна, а тоа се односите на Русија, Европската унија и Америка. Оттука мислам дека Брисел, Вашингтон и Москва ќе мораат посериозно да се позанимаваат со северот на Косово, бидејќи мислам дека овој резултат покажува дека постои доволен капацитет да се заживее таканаречениот замрзнат конфликт на северот на Косово“, напоменува Јањиќ.

Доверба во владата, а не во Бриселскиот договор

Белград, се разбира, мора да биде задоволен, бидејќи Србите сепак излегоа на овие избори, оценува Јањиќ. Кратката кампања, отсуство на јасен став, доцниот повик, сѐ се тоа причини зошто Белград сепак по сѐ може да биде релативно задоволен:

„Проблемот е што таа излезност на Србите на северот на Косово беше мотивирана од довербата во Владата и Александар Вучиќ, а многу помалку од довербата во Бриселскиот договор“, нагласува Јањиќ. „Србите значи и натаму гледаат во Белград, а Белград со тој проблем се занимава маргинално. А и кога се занимава не е јасно каква е неговата стратегија што се однесува до долгорочните определувања, а луѓето на терен сакаат да знаат каде ќе ги запишуваат децата на училиште, каде ќе се вработуваат, каде ќе градат куќи. Тоа се долгорочни планови и одлуки“.

„Мислам дека Белград во моментов сепак може да воздивне“, заклучува Јањиќ. „Колку што работеше, одлично мина, но тоа секако значи дека мора повеќе да работи на тој проблем и да отстранува некои политички структури кои ги остави уште Александар Вулин, поранешниот директор на канцеларијата за Косово и Метохија. Ако се разбира не сакаат северот на Косово политички и меѓународно им се се скрши од глава“, истакнува Јанјиќ.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми