1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Белград и Приштина: ни близу ни далеку

Марина Максимовиќ/ Симе Недевски21 март 2013

Последната рунда од дијалогот меѓу Белград и Приштина донесе нов напредок, но и натаму нема конечен договор. Се појави уште еден „клучен“ датум- 2. април како термин за завршниот состанок.

Фотографија: Council of the EU - M@S

Маратонската седма рунда од дијалогот меѓу Белград и Приштина траеше 12 часа, а завршена е со надеж во договор и со прво заедничко обраќање на премиерите на Србија и на Косово. Долгиот ден во Брисел пред се’ беше посветен на решавање на прашањето за заедницата на српски општини на Косово, а беше одбележен со дури три заеднички состаноци на Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика Кетрин Ештон со Дачиќ и Тачи, додека пак во паузата на овие „трилатералки“ се одвиваа поеднични консултации на Ештон со двајцата премиери.

Шефицата на европската дипломатија на крајот на денот на кој го прослави и својот 57 роденден изјави оти е уверена дека „решението на најтешкото прашање кое се однесува на северно Косово“ е на дофат: „За да осигураме дека она за што тука го разговареме биде применливо и на теренот, потребни се консултации пред повторно да се состанеме на 2. април на завршниот состанок за овој сет прашања и оваа група разговори“, истакна Ештон.

Да се живее како сиот нормален свет

По оваа седма рунда преговори премиерите на Србија и на Косово за првпат заедно говореа пред новинарите. Тие се сложија во констатацијата дека е постигнат напредок во разговорите. Српскиот премиер Ивица Дачиќ истакна дека како што одминува времето оптимизмот за постигнување решение може да биде се’ поголем.

„Не можам да кажам ни дека сме близу ни далеку бидејќи во секој момент погледот на ситуацијата во која се наоѓаме се менува“, изјави Дачиќ дополнувајќи: „И натаму постојат разлики кои се однесуваат на надлежностите на заедницата на српски општини, но морам да кажам дека во текот на овие седум средби изградивме однос да ги почитуваме договорите и да ги решаваме тешките проблеми и прашање, кои досега никој и не се обидел да ги реши“. Српскиот премиер смета дека во Брисел во моментов се разговара за најтешките и најважните теми кои ги оптоваруваат односите меѓу Белград и Приштина со „децении ако не и со векови“ и оти заради решавањето на проблемите, свртувањето кон иднината и стабилноста на регионот е неопходно да се најде „сеопфатно и долгорочно“ решение.

Иако како што кажа, Балканот не е наклонет кон компромиси, Дачиќ сепак нагласи дека компромисот е неопходен и оти Србија „не игра игри ни со Белград ни со Приштина: „Ние немаме време, и тоа не поради добивањето датум за преговори со ЕУ, туку поради тоа што мораме да го решиме проблемот за да овозможиме нашиот народ и држава да живее како сиот нормален свет.“

Време за договор

„Потврдувам оти дојде до напредок за некои прашања. Истотака не можам да кажам дали сме блиску или далеку од решение, но одиме во добра насока“, се надоврза косовскиот премиер Хашим Тачи на изјавата на својот српски колега и додаде: „Очекувам дека во наредните денови ќе дојдеме до решение за нормализација на односите меѓу Србија и Косово, пред се’ во северна Митровица, за да имаме слобода на движење, владеење на законите и развој на демократското општество.“

Тачи уште оцени дека „двете држави и двата народа“ загубиле многу време во конфронтации и оти сега е време за отворање на „ново поглавје на добрососедски односи и евроатлантски интеграции“: „ Договорот за нормализација на односите меѓу Србија и Косово значи и воспоставување стабилност во регионот. Уверен сум дека иднината на нашите народи е иднина на стабилност, мир и развој“, заклучи Тачи.

Веќе денеска (21.03) Дачиќ и Тачи со ист авион од Брисел патуваат за Њујорк каде треба да присуствуваат на седницата на Советот за безбедност на ОН, на која ќе се говори за напредеокот во дијалогот меѓу Белград и Приштина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми