1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Белград и Скопје - добрососедство на стаклени нозе?!

1 септември 2017

И покрај дијалогот меѓу официјални претставници на Белград и Скопје и затворањето на неодамнешната дипломатска афера, пишувањата на српски медиуми индицираат дека таму ништо не се сменило

Symbolbild Flaggen von Mazedonien und Serbien
Фотографија: Colourbox/A. Mijatovic

Надминување на недоразбирањата или само привремено и привидно смирување на релација Белград - Скопје, зад која тлеат нови потенцијални провокации? Политичарите остануваат на ставот дека низ дијалог се надминати сите недоразбирања. Но, ако се има предвид кои теми добиваат гласност во дел од медиумите за кои се смета дека се под влијание на српската власт, се чини дека проблемот е далеку од решен. Веста што ја пренесоа српските медиуми е дека Демократската партија на Србите во Македонија испратила до Собранието три прашања адресирани до Владата во врска со „дипломатскиот преседан“, а нејзиниот лидер Иван Стоиљковиќ за агенцијата „Танјуг“ изјавил дека одговорите ги очекува на седница на Собранието во средината на септември.

Вчера Стоиљковиќ од претседателот на Собранието, Талат Џафери, добил одговор дека „со оглед на тоа што прашањата се однесуваат на работи од надлежност на повеќе министерства, треба одделно да бидат поставени до соодветните министерства“. 

Три прашања, многу обвинувања

Стоиљковиќ и партијата прашуваат: Што точно направила Македонија, односно нејзините безбедносни служби и дипломатските претставници акредитирани во земјата, за да се случи дипломатскиот преседан и Србија да го повлече целиот персонал од амбасадата? Ако зад ваквите активности стојат претставници на странски фактори во Македонија, што значи тоа за националните и државните интереси на Македонија, во врска со развојот на добрососедските односи и регионалната соработка и стабилност? Третото прашање е - како Македонија ќе се изјасни на седницата на Генералното собрание на Интерпол на 29 септември во Кина на прашањето за прием на Косово во оваа меѓународна организација?

„Индикативно е што прашањата следат откако недоразбирањата се затворени преку разговор меѓу претставници на властите од двете земји, а персоналот на амбасадата повторно вратен во Скопје“, велат дипломатски извори за ДВ. Според нив, ова наликува на оставање подотворен прозорец за реактивирање на недоразбирањата по потреба, односно посредна инвестиција во одржувањето на некаков замрзнат конфликт. Особено е индикативно што доаѓа од партија која беше дел од минатата владејачка коалиција во Македонија, а токму нејзиниот лидер непосредно пред повлекувањето на српскиот дипломатски персонал во српска „Политика“ излезе со став дека „позицијата на Србите во Македонија во однос на Србите во регионот е понезавидна, затоа што во таа држава на мала врата се вратиле 'деведесеттите'“.

„За жал Македонија, како и во деведесеттите години пак станува 'сигурна куќа' за секој антисрпски гест и акција - како и во Загреб и во Тирана, олеснувајќи го на тој начин зацврстувањето на послушната власт која ги извршува преземените обврски кон своите покровители“, оцени лидерот на ДПС.

Според него, проблемот настанал со тиранската платформа, која ја смета за сериозна поддршка на проектот за „голема Албанија“ и за јадрото на антисрпската политика на Западот на Балканот.

„Токму преку актуелизирањето на албанското прашање се отвора нов простор за понатамошен политички притисок врз Србите и Србија, со што се изнудуваат политички отстапки на наша штета... Генерално 'Тиранската платформа' нуди систем на решенија кои ќе бидат во интерес само на албанската заедница во Македонија, а на штета на Србите и сите останати, вклучувајќи ја тука и самата држава во која со ова ќе се забрза процесот на развој на паралелни друштва... Крајно време е да ги збиеме редовите, да ставиме точка на импровизациите и да воспоставиме стартегиски принципи за одбрана на српскиот народ во регионот. Затоа Декларацијата што ја најавуваат претседателите на Србија и на Република Српска, Александар Вучиќ и Милорад Додик, треба да биде темел за зачувување и иднината на нашиот народ“, напиша Стоилковиќ во „Политика“.

Потоа за српски „Информер“ обвини дека „од Скопје се прави центар за дестабилизација на Србија“.

Политичарите остануваат на ставот дека низ дијалог се надминати сите недоразбирањаФотографија: imago/Pixsell, Picture alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Пакт против Србија

Случајно или не, истиот медиум вчера објави текст под наслов: „Истражуваме што прави лидерот на ДС во Скопје: Шутановац и Заев направиле пакт против Србија!“ На средбата одржана пред четири дена меѓу премиерот Заев и претседателот на Демократската странка во Србија, Драган Шутановац, која како што соопшти Владата, „било изразено задоволство од брзото надминување на ситуацијата создадена со повлекувањето на дипломатскиот персонал во амбасадата на Република Србија во Скопје и договорено двете земји, сите евентуални недоразбирања во меѓусебните односи да ги решаваат исклучиво по пат на дијалог“. Притоа премиерот Заев порачал дека политичките партнери треба да ја имаат меѓусебната соработка како определба што на сите во регионот ќе им обезбеди стабилна и економски просперитетна иднина.

Но „Информер“ на оваа средба ѝ припиша заговорнички карактер - „притисок врз Белград и Вучиќ“. Таа оценка ја темели врз изјавата на Жељко Цвијановиќ, уредник на порталот „Нов стандард“, кој бил убеден дека средбата во Скопје ја организирале западни моќници за да го провоцирааат официјален Белград.

„Секој кој мисли дека Заев и Шутановац би можеле самостојно да ја организираат таа средба ја преценува нивната моќ и ги потценува приликите на Балканот. Ако таа средба не ја организирале американски дипломати, Шутановац не би се ни осудил што било да го праша Заев, додека на вториов не би му паднало на ум да го провоцира Белград со бескорисна средба. Тоа е порака до Вучиќ, дека ако во наредните недели и месеци не биде кооперативен, Шутановац, како и Заев, би можел да стане миленик на Западот. Ова е и закана на Србија со 'македонско сценарио' доколку Белград не ги раскине пријателските односи со Москва“ оценил Цвијановиќ.

Независни српски новинари велат дека подолг период во Србија владе практика - сѐ што официјалните власти не сакаат јавно да го кажат, тоа да го прават медиуми под нивна контролаФотографија: DW/I. Petrovic

„Јужна рушевина“

Во колумна во „Политика“ под наслов „Дојди, мало моме“ авторот Горан Козиќ ги анализира односите во регионот, а колумната ја почнува со приказна за свештеник кој отишол на служба во српски манастир во Македонија, но мештаните секој ден му ги краделе крстовите (златниот, па сребрениот, резервниот...). И самиот се прашува зошто ја раскажал, вели дека не знае, но смета дека нема да „штети“.

Македонците не се само крадци во црковната епизода. Таа е само уверира за политичката.

„Зошто да чекаме - воскликнаа Македонците и го прогласија, за време на онаа власт (2008) Косово за држава“ пишува авторот и во симулирање на две реченици на „македонски јазик“, продолжува: „Рипаф како бесните тигри по свој путот ка Европата. Меѓутим, потресно је што они не сфатаф да Европата неќе да буду ни данас ни утре, ни онда кад постану Европа, неќе бити Европа“.

Според авторот, „Македонија имала некое почетно историско ткиво да се развие во релативно нормална држава“. И само толку.

„И нив ги малтретирале Турците, но не само нив. Многу подоцна имале солидна Внатрешна македонско револуционерна организација, имаат и сега карикатура од ВМРО, доста напредуваа додека се богатеа пуштајќи нафта и алва за Србија под санкции, а тогаш во контакт со Србите и културно напредуваа. На крајот, по нешто влегоа во историјата, бидејќи во Куманово свечено ја прославија нашата капитулација (...) Македонија со својот избор го избра својот гробар“,  пишува авторот, нарекувајќи ја земјата „јужна рушевина под лажно име - Mакедонија“. На крајот објаснува дека „зад злобната и необразована 'мома' од насловот, се крие тинејџерка“.

Независни српски новинари со кои разговараше ДВ, велат дека подолг период на сцената владе практика - сѐ што официјалните власти не сакаат јавно да го кажат, тоа да го прават медиуми под нивна контрола. Според нив, таквата, политичко-новинарска, како што тривијално ја нарекуваат „буразерска спрега“, веќе подолг период создава магла во јавниот дискурс преку деформирање и извртување на фактите, што предизвикува штета не само во домашната јавност, туку и во односите со соседите.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми