1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД го казнуваат Лукашенко, Путин му дава поддршка

Јенс Јенсен
29 мај 2021

По принудното слетување на патничкиот авион во Минск и апсењето на блогерот Протасевич, САД воведуваат санкции против Белорусија. Поддршка за Лукашенко, пак, доаѓа од Русија.

Belarus Minsk | Präsident Alexander Lukaschenko
Фотографија: Sergei Shelega/BelTA/AP/picture alliance

Вашингтон наредната недела ќе ги стави во сила казнените мерки против девет белоруски државни претпријатија, соопшти портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки. Овој чекор беше најавен уште во април, како реакција на бруталните постапки на белоруските власти против опозициските демонстранти. САД првпат воведоа санцкии против Белорусија во 2006 година.

Освен тоа, со ЕУ се усогласени чекорите што треба да се преземат против лица од опкружувањето на белорускиот претседател Александер Лукашенко. Министерството за надворешни работи на САД издаде предупредување за патувањата во Белорусија. Американската воздухоловна агенција ФАА ги предупреди авиокомпаниите на „екстремна претпазливост“ во врска со летовите над Белорусија.

Џен Псаки, портпаролка на Белата куќаФотографија: Drew Angerer/Getty Images

Псаки за „насилното пренасочување на летот на Рајанер под изговор“, како и за апсењето на критичарот на режимот Роман Протасевич, рече дека претставуваат „директен напад врз меѓународните стандарди“. Лукашенко, според Псаки, мора да овозможи „веродостојна меѓународна истрага на настаните“, да ги ослободи „сите политички затвореници“ и да стапи во „широк дијалог со претставниците на демократската опозиција и цивилното општество“.

Повеќе:

За да се казни Лукашенко, треба да страда белоруската економија

Лукашенко – уште еден силеџија пред портите на Европа

Кој е Роман Протасевич?

Фотографија на денот: Каде е Роман Протасевич?

Претходно, рускиот претседател Владимир Путин му даде поддршка на белорускиот претседател Александер Лукашенко. На средбата што се одржа во Сочи, Путин се согласил со гостинот од Минск дека „емоционалната“ реакција на Западот на настаните била претерана. Белорусија и Русија работат на создавање „унија“, изјави Путин. Во рамки на руско-белоруската унија двете страни соработуваат во сферата на економијата и одбраната, но Кремљ инсистира веќе подолго време на посилна интеграција на двете држави. Рускиот претседател се смета за последен силен сојузник на властодржецот во Минск.

Александер Лукашенко и Владимир Путин во Сочи, Русија, 28.05.2021Фотографија: MIKHAIL KLIMENTYEV/Sputnik/AFP/Getty Images

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, вчера му порача на Лукашенко дека демократскиот пресврт во неговата земја е само прашање на време. „Никаква репресија, колку и да е силна, никава бруталност и никаква принуда“ нема „на авторитарниот режим да му дадат каква било легитимност“, рече таа. ЕК му вети на белоруското население економски пакет тежок три милијарди евра штом раководството на земјата ќе почне со „демократски премин“.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми