1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

ЕУ планира нови санкции против Белорусија

Бернд Ригерт
25 мај 2021

Како одговор на „загрозувањето на воздушниот сообраќај“ од страна на властите во Минск, ЕУ ќе ги заостри санкциите против Белорусија. Допрва треба да се провери колку остри ќе бидат новите санкции.

Brüssel EU Gipfel Treffen Außenpolitik
Фотографија: Yves Herman/AP Pictures/picture alliance

Сите мобилни телефони да се предадат или барем да се исклучат! Ова беше упатството до шефовите на држави или на влади на ЕУ и нивните најблиски соработници во салата за состаноци во Брисел. За време на разговорите за Белорусија, ништо не требаше да излезе надвор, ниту твит ниту СМС-порака, како што обично се случува. Оваа итна молба на претседателот на самитот, Шарл Мишел, требаше да ја потенцира драмата на моментот и важноста на заклучоците. Само на крајот од тајните разговори беше објавен заедничкиот текст на Европската унија за целосно едногласно да реагира на принудното слетување на ирскиот авион во Минск во неделата и апсењето на белорускиот противник на режимот и неговата партнерка.

Фотографија: picture alliance/dpa/ONLINER.BY/AP

ЕУ бара ослободување на притворените

За време на вечерата, лидерите на ЕУ одобрија список на различни опции за санкции, кои треба натамошно да бидат разработни од Европската комисија Комисијата и од Советот на министри на ЕУ и формално да стапат во сила. ЕУ, исто така, бара итно ослободување на притворениот новинар Роман Протасевичи неговата руска пријателка Софија Сапега. На Телеграм се појави видео во кое Протасевич вели дека е во притвор. Како е направено видеото и дали е снимено доброволно, не е јасно. Сличните апели од страна на ЕУ за ослободување на уапсените по насилното постапување врз демонстрантите во Белорусија во изминатите неколку месеци, меѓутоа, минаа без одговор од властите во Минск.

Притворениот белоруски новинар, Роман ПротасевичФотографија: Telegram/@nexta_tv

Остри зборови

ЕУ „во најсилна можна смисла“ го осуди принудното слетување на авионот на Рајанер, кој леташе од Атина до Вилнус. Безбедноста на цивилното воздухопловство е загрозена. Меѓународната авијациска организација мора да ја испита оваа „невидена и неприфатлива постапка“, се вели во заклучоците од самитот. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, зборуваше за „киднапирање“ и „очигледна неправда“. Полскиот премиер Матеуш Моравјецки го обвини раководството во Белорусија за „државен тероризам“. Канцеларката Ангела Меркел ги означи како „целосно неприфатливи“ образложенијата од Минск за принудното слетување под притисок на воен авион.

Повеќе: Западот треба да воведе санкции против Белорусија кои навистина ќе болат

Белоруските власти тврдеа дека имало закана за поставена бомба во леталото при прелетот на белорускиот воздушен простор. По слетувањето, сепак, не беше пронајдена бомба, но двете лица, белорускиот опозициски активист и неговата девојка, беа уапсени. „Времето за реторика сега заврши“, изјави литванскиот претседател Гитанас Науседа на почетокот на состанокот во Брисел.

Проширување на санкциите против Белорусија

ЕУ сега сака да забрани белоруската авиокомпанија „Белавија“ да полетува или слетува од 27-те земји членки на Унијата. „Белавија“ лета за Амстердам, Барселона, Стокхолм и Брисел и нуди авионски врски не само со Минск, туку и со Централна Азија и Русија. Од меѓународните авиокомпании беше побарано да престанат да летаат над белорускиот воздушен простор. Белорусија тогаш би останала без доспеаните такси за прелети. Германскиот авиопревозник Луфтханза уште вечерта објави дека ќе го заобиколува белорускиот воздушен простор.

ЕУ планира да казни натамошни поединци од лидерската елита околу диктаторот Александар Лукашенко со забрани за влез во земјите од Унијата и замрзнување на имотот во ЕУ. Околу 80 лица се веќе на оваа листа затоа што се сметаат за одговорни за сузбивање на демократската опозиција во Белорусија. И Лукашенко лично е веќе погоден од санкциите.

Повеќе: ЕУ со нови санкции против Русија

Она што е ново е дека ЕУ исто така сака да ја разгледа можноста за „насочени“ санкции против цели економски сектори. ЕУ е втор по големина трговски партнер на Белорусија. Годишниот обем на трговска размена изнесува 11 милијарди евра и е релативно мал. Белорусија главно извезува дрва, градежни материјали и хемикалии во Европа, а увезува опрема и машини, главно од Германија. ЕУ, се разбира, секогаш мора да провери какви ефекти би можеле да имаат потенцијалните санкции и кого точно би го погодиле: елитата во власта или широкото население, изјави дипломат на ЕУ пред состанокот.

Русија во фокусот

Главен трговски партнер и политички сојузник на белорускиот диктатор е рускиот претседател Владимир Путин. Лукашенко всушност не прави ништо без одобрување од Кремљ, гласи заедничката проценка на лидерите на ЕУ во Брисел. Затоа сега е двојно важно да се дефинира јасна стратегија кон Русија. Односите се на историски најниско ниво заради конфликтот околу Украина, анексијата на Крим и труењето на рускиот опозиционер Алексеј Навални. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров планира да ја игнорира ЕУ во иднина. Лидерите на ЕУ, пак, повторно одлучија да се раководат од планот од пет точки за подобрување на односите. Овие пет принципи се на маса од 2016 година. Тие сè уште не се имплементирани.

Станува збор за: 1. целосно спроведување на мировниот процес во Минск во украинскиот конфликт; 2. јакнење на ЕУ во однос на заканите од Русија, воено или на интернет; 3. поблиски односи со соседните држави на Русија; 4. селективна соработка во одредени сектори, како на пример извоз на енергија, контратероризам или вселенската програма; 5. повеќе контакти меѓу граѓанските организации во ЕУ и во Русија.

Малку надеж буди и можниот самит помеѓу новиот американски претседател Џо Бајден и рускиот претседател Владимир Путин. Оваа средба, на која се работи во заднина, но сè уште не е потврдена, можеби ќе доведе до затоплување во односите помеѓу Русија и Западот.

Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми