1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

ЕУ планира поостро да ја санкционира Белорусија

Бернд Ригерт
28 мај 2021

Министрите за надворешни работи на ЕУ во Лисабон разговараа за заострување на санкциите против Белорусија. За првпат, цели стопански гранки треба да го почувствуваат незадоволство на Унијата.

Portugal | EU Außenministertreffen in Lissabon
Фотографија: Armando Franca/AP Photo/picture alliance

„Како можете да се изврши најголем притисок врз белоруското раководство околу властодржецот Александар Лукашенко? Тоа е прашањето за кое 27-те министри за надворешни работи на Европската унија интензивно разговараа во Лисабон. Сè уште нема конкретен, правно обврзувачки одговор за тоа кои санкции треба да бидат воведени. Претходно, имено, надлежните комисии и тела во Брисел мора да ги разработат деталите, бидејќи санкциите и нивните цели мора да имаат образложение кое ќе „држи вода“ и пред суд. Конечно, во правниот систем на ЕУ, секој кој е предмет на санкции може да покрене тужба против нив пред Европскиот суд на правдата во Луксембург. Покрај тоа, мора внимателно да се одмерат последиците од можните казни.

Ударната насока меѓутоа стана јасна во Лисабон. Доходовната индустрија за калиумова сол (поташа), петрохемиските компании и финансискиот сектор во Белорусија треба да бидат погодени од новите санкции. Белорусија е четврти најголем производител на поташа во светот, по Канада, Кина и Русија. Санкциите нема да важат на физички лица, како што беа досега; за првпат тие имаат за цел да погодат целите сектори на белоруската економија. Досега само политички одговорните за затворање на опозициските активисти или демонстранти се санкционирани со забрани за влез во ЕУ или замрзнување на нивниот евентуален имот во ЕУ.

Последните инциденти - особено принудното слетување на патнички авион на Рајанер во Минск минатата недела - покажуваат дека „насочените санкции“, вклучително и против претседателот Александар Лукашенко, досега немаа ефект. Затоа на самитот на ЕУ во понеделникот вечерта беше одлучено да се употребат помоќни оружја. И токму на тоа се работи во моментов.

Германскиот министер за надворешни работи, Хајко МасФотографија: Martin Luy/DW

Можна е долга спирала на санкции

Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас во Лисабон изјави дека ЕУ ќе ги следи ефектите од нејзините санкции и дали Лукашенко ќе попушти. „Ако тоа не се случи, тогаш треба да се претпостави дека ова ќе биде само почеток на голема и долга спирала на санкции“, рече Мас. Фокусот на ЕУ не е насочен само на присилното слетување на авионот на Рајанер и апсењето на двајца опозиционери кои беа во авионот, туку и кон луѓето кои беа затворени во Белорусија по протестите против владата во последните месеци. „Првиот сигнал што го очекуваме е да бидат ослободени повеќе од 400 политички затвореници во земјата. Сè додека тоа не се случи, не може ниту кај ЕУ да има попуштање, кога станува збор за воведувањето на санкциите“, истакна Мас.

Други министри, како шефот на австриската дипломатија, Александар Шаленберг, останаа прилично скептични дека пошироките економски санкции може да го имаат посакуваниот ефект, па се смета дури и оти можат да бидат и контрапродуктивни: „Како Европска унија, ние мора јасно да ги покажеме црвените линии, но исто така треба да бидеме внимателни дека не ги погодиме луѓето во Белорусија. Тоа не е нашата цел“, рече Шаленберг.

Тој исто така изрази загриженост дека со тоа Белорусија уште повеќе ќе биде турната во прегратките на нејзиниот најблизок партнер Русија. „Колку е добро за белоруското население ако европските компании се повлечат, и потоа бидат заменети со руски или турски компаниите што не почитуваат никакви стандарди?“, праша Шаленберг.

Фотографија: Valery Sharifulin/TASS/dpa/picture alliance

Белоруската опозициска лидерка Светлана Тихановскаја, која живее во егзил во Литванија, изрази разбирање за затворање на воздушниот простор на ЕУ за белоруските авиокомпании. Но, таа повика да се отворат копнените граници со Белорусија. „Не смее да се дозволи режимот да направи 9 милиони затвореници во сопствената  земја“, рече Тихановскаја.

Во потрага по стратегија за Русија

Првите дипломати на државите на ЕУ, предводени од Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Жозеп Борел, се согласија дека клучот за натамошен развој на ситуацијата е кај Кремљ. Иако не мостојат директни сознанија дали рускиот претседател Владимир Путин бил вмешан во „чинот на воздушна пиратерија“, сепак е јасно оти Минск не дејствува без знаење на Москва. Треба да се разговара со Русија, гласеше општата проценка на министрите, бидејќи таа игра важна улога не само во Белорусија, туку и во сите тековни или „замрзнати“ конфликти во источноевропското соседство.  Тука се мисли на окупацијата на Крим од страна на Русија, руско учество во граѓанската војна во источна Украина и територијални конфликти во Грузија, Ерменија и во Молдавија.

Но во Лисабон остана нејасно, каков притисок би можела да употреби ЕУ против Москва, за да ги прошири „насочените санкции“  кои веќе се во сила за одредени одговорни физички лица и компании. Земјите-членки на ЕУ имаат различни економски интереси во односот со Русија. Франција сака да развие посебна стратешка врска со претседателот Путин. Поради споровите околу контроверзниот руско-германски гасоводен проект „Северен тек 2“, германските дипломати постојано истакнуваат дека политиката и бизнисот мора да бидат разделени.

Габриелиус Ландсбергис, министерот за надворешни работи на Литванија, за време на состанокот рече дека стравува од анексија на Белорусија од страна на Русија. „Тоа е како кај Крим, само поголемо“, шпекулираше Ландсбергис, чија земја се граничи со двете земји. Главниот град на Литванија, Вилнус всушност беше дестинацијата на летот на Рајанер, кој беше пренасочен кон Минск. ЕУ мора да се подготви за оваа можност, апелираше Ландсбергис. Германскиот министер за надворешни работи очигледно не го дели овој страв. „Тоа може да се гледа на тој начин, но не мора“, рече Хајко Мас.

 

Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми