1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нов меур на ИТ-берза?

Тимо Штукенберг/З.Јордановски10 март 2015

Американскиот берзански индекс за технологија Несдак (Nasdaq) по втор пат воопшто ја надмина границата од 5000. Пред 15 години, два дена по рекордот, пукна меурот на дотком. Дали е ова причина за паника?

Nasdaq Börse New York
Фотографија: AP

Пред 15 години возењето со такси во Њујорк најчесто беше зачинето со препораки во врска со трговија со акции од страна на возачот. Вејн Кауфмен, шеф на одделот за инвестмент кај Феникс фајненшел сервис, се сеќава дека кога одел на забави други гости му приоѓале и нему - експерт за пазарот на акции - му давале совети во однос на акции. „Тоа беше бизарно, тотално лудило! Секој инвестираше“, вели Кауфмен денес.

Претпријатија како Ворлдком, Петс.ком и АОЛ со интернетото во подем им ветуваа величествени добивки на ситните вложувачи. Така секој инвестираше во акции од областа на технологијата - од таксисти до банкари од сферата на инвестментот. На 9 март 2000 година индексот Несдак (Nasdaq) за првпат во својата историја ја пречекори границата од 5000 поени. Два дена подоцна пукна меурот. Не само во САД, туку и во Германија илјадници вложувачи ги загубија парите.

Вчера, 9 март 2015, по точно 15 години, Насдак по втор пат воопшто ја надмина границата од 5000 поени. Загриженоста дека би можела да се повтори историјата, го придуши славјето на берзата во Њујорк.

„Денес фирмите сепак се профитабилни“

Американските финансиски аналитичари сепак категорично уверуваат дека пазарот се променил. Кога пукна меурот на дотком, Ејпл уште не продаваше ајфони, најголемата пребарувачка машина се викаше АОЛ, а основачот на Фејсбук Марк Закерберг уште одеше на училиште. „Далеку помалку од половина од 100-те денес најголеми фирми тогаш веќе беа нотирани во Насдак“, вели Кауфмен.

Фотографија: picture-alliance/AP Photo/Mark Lennihan

Денес Ејпл со пазарна капитализација од околу 750 милијарди американски долари има далеку најголема вредност во Несдак и е главен фактор за скокот преку границата од 5000. Откако таа фирма лани во септември го претстави ајфонот 6, нејзината пазарна вредност порасна за 166 милијарди долари. Од големите очекувања од Ејпл профитираат и фирмите - лиферанти, чии акции во изминатите 12 месеци пораснаа и до 140 проценти. Кон средината на март Ејпл беше нотиран и на Дау Џонс (Dow-Jones) индексот и таму го потисна концернот АТ&Т од Телеком-групата.

Во што е разликата?

Петнаесет години траеше додека Несдак-индексот повторно се искачи над 5000 поени. Од повеќе од 4700, станаа само околу 2600 претпријатија. Уделот на технолошката бранша опадна, просторот го зафатија претпријатија од услужни дејности и фармакологија.

Решавачката разлика, според Даниел Ернст, аналитичар кај Хадсон сквер рисрч во Њујорк, се крие во билансите на претпријатијата и го илустрира тоа со примерот на Твитер, чија вредност е околу 30 милијарди долари: „Твитер верјатно е преценет, но сепак е профитабилен“. Тоа не се однесува само на врвните фирми, туку речиси на целиот Несдак-индекс. И навистина, во 2000 година само 68, а денес 90 од 100-те најголеми фирми нотирани на Несдак остваруваат добивка.

Фотографија: dapd

И други факти зборуваат против можно повторување на лудилото од 2000. година: во петте години пред да пукне меурот на дотком, акционерите вложија повеќе од еден билион (илјада милијарди) долари во инвестиционите фондови. Оттогаш се вложени само 394 милијарди. „Не гледам такво лудило, какво што забележував кај меурот на дотком“, вели за Волстрит џорнал и Ричард Сила од њујоршкиот Јуниверзитис скул оф бизнис. „Инвеститорите се значително попретпазливи и се прашуваат: Се исплати ли навистина?“

Скепсата останува

Се’ повеќе - и не само инвеститорите, се прашуваат, дали такси-апликацијата за смартфон (Uber) навистина вреди 17 милијарди долари. Вреди ли видео-апликацијата Снепчет дури 20 милијарди долари? Таа така испаѓа дека е повредна од Комерцбанк или дури десет пати повисоко вреднувана од Њујорк тајмс.

Бројот на стартап-фирми, кои се вреднувани со повеќе од една милијарда американски долари, во периодот од 2013 до 2014 година порасна од 40 на 73, извести Волстрит џорнал. Вложувачите на ризичен капитал ги покачија своите инвестиции во технолошки стартап-фирми на околу 52 милијарди долари - толку последен пат беа во 2000 година.

Но, најголемиот дел од тие високо вреднувани инвестменти сепак не се нотирани на берзата. „Овде се инвестираат пари од институционални вложувачи, а не пензијата на некоја стара дама“, смирувачки вели Вејн Кауфмен. „Тоа се искусни вложувачи, кои знаат што прават и сметаат на тоа дека нема секоја инвестиција да се исплати.“

Дејвид Каток, главен во одделот за инвестмент кај Камберленд едвајзорс, сепак очекува одредени промени кај Несдак. „Шест години пазарот беше под знакот на бик (добивка, н.з.), корекциите - и во Несдак, се неизбежни“, вели тој во една анализа.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми