1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пад со најава

Хенрик Беме / превод: З. Јордановски25 август 2015

Со денови светските берзи се во пад. Се заканува ли нова криза што би произлегла од Кина? Побргу е дека прегреаниот пазар се лади на нормална температура, смета Хенрик Беме.

Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Lane

Уште не се случи ништо. Се’ уште се само „пазарите“ силно растресени. В ред, секоја минута на берзанско тргување ширум светот уништува грст милијарди долари. Но, со оглед на вртоглавите височини во кои се движеа последните недели и месеци индексите на акциите, актуелниот пад навистина не е изненадувачки.

Секако, прегреаните финансиски пазари последните недели мораа да совладаат поголем број лоши вести, првенствено од Кина. Кога втората најголема национална економија во светот доживува колапси од таков вид, тоа може да предизвикува нервоза кај вложувачите. Но, тоа не е единствената причина. Грижи предизвикуваат и другите земји во забрзан подем, за кои некогаш се врзуваа надежите. На пример Русија, заслабната од санкциите наметнати од Западот и од сопствените, дома предизвикани, проблеми. Или Бразил, кој како и Русија првенствено се потпира врз извоз на суровини и сега западна во рецесија поради намалената побарувачка и од тоа предизвиканиот пад на цените.

Што да се прави со парите?

Но, премногу е едноставно да се бараат причините само во земјите во подем. Оти, бумот на пазарот на акции, кој трае веќе седум години, е сибвенциониран од емисионите банки во светот. Американската Фед и европската ЕЦБ по крахот на Лиман Брадерс (што ја предизвика глобалната економска криза - н.з.)на пазарот уфрлуваат билиони (илјадници милијарди - н.з.) долари и евра , додека каматите ги држат блиску до нула. Но, што да се прави со тие пари? Тие мора некаде да се вложат за да носат добивка, првенствено ако пензиските фондови и осигурувањата сакаат да ги одржат ветувањата за ренти.

Хенрик Беме, автор на коментаротФотографија: DW

Значи, се инвестираше претежно во акции со сите замисливи игри притоа. Но, акциите се подложни на варирања на курсовите, кои можат да водат и до целосна загуба - оваа реченица стои како предупредување под секоја зделка со хартии од вредност. Затоа, секогаш да се внимава на забелешките на обвивката! На ова се надоврзува и еден друг феномен на овие луди години. Претпријатијата од своите забележителни добивки со поголемо задоволство ги наградуваат акционерите со големи ренти, отколку да ги користат за нови инвестиции.

Нема прашања кога се’ оди добро

Ова и не е прв крах во последниве години. Со оглед на меурот од евтини пари, многумина експерти претскажаа дека пазарите ќе бидат екстремно волатилни, односно екстремно ќе варираат. Да се потсетиме на минатата есен кога германскиот индекс Дакс одненадеж почна да паѓа и запре на 8400 поени. Причина беше загриженоста поради конјунктурата. Но, тоа се покажа како неосновано и Дакс направи скок од 4000 поени за само половина година. Ловот доживеа крај дури кога вредноста достигна рекордни 12390 поени. Интересно е дека во вакви фази никој не прашува за причините. Но, кога ќе тргне надолу, тогаш сите се нервозни и сакаат да знаат зошто доаѓа до пад и каде е дното.

Во такви случаи доволен е поглед врз голите бројки. Извозната нација Германија испорачува стоки првенствено во Европа, а само седум проценти одат во Кина. Можно е секако проблемите на Пекинг да им приредуваат бессони ноќи на некои раководители на германски фирми, пред се’ од автомобилската бранша. Но, многу други немаат такви грижи. Друг смирувачки факт е состојбата на американската економија, која се наоѓа на курс на пораст. Згора на тоа, тука се и во моментов ниските цени на суровините како нафта и бакар. Тоа предизвикува проблеми во земјите што извезуваат суровини, но за оние кои ги увезуваат тоа е како програма за поттикнување на конјунктурата.

Сега многу нешта се во рацете на американската Фед-банка и нејзиниот шеф Џенет Јелен. Оти, веќе и само најавата за промена кон камати што повторно би растеле, предизвикува големи стравови, особено во земјите во подем. Инвеститорите уште од пред подолго време масивно извлекуваат пари оттаму, оти очекуваат повисоки камати во САД. Тоа е ѓаволски круг. Но, кога и да е, мора да престане кризната медицина од поплава од пари и нула-камати. Проблем е само, ако се шири кризата во Кина и го повлече надолу и светското стопанство, тогаш на Западот веќе сега му недостасуваат инструменти за да се подготви против тоа. Крахот на Лиман се’ уште влијае.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми