Берлиналето и бегалците
13 февруари 2016„Според мене, судирот на цивилизации е вистинската причина за тоа зошто Берлиналето има толку голема привлечност и харизма“, изјави шефот на филмскиот фестивал Дитер Кослик пред почетокот на Берлиналето во 2015 година. Една година подоцна, темата бегалци е во фокусот на фестивалот. Берлиналето е голема, меѓународна културна манифестација, но на фестивалот постојано има и соочување со општествени и политички релевантни теми. Кослик тоа го докажа со примери. Од негова страна цитираниот „судир на цивилизации“ е длабоко вкоренет во Берлиналето, тој е дел од „ДНК на Берлиналето“, нагласува вредниот раководител на фестивалот.
Берлиналето отсекогаш било политички фестивал
„Кога пред 66 години се роди Берлиналето, во Европа милиони Германци беа сѐ уште во бегство или беа трауматизирани од протерувањето“, се нагласува од страна на фестивалот. Берлиналето си зеде за задача да поттикнува разбирање, толеранција и прифаќање. Оттогаш постојано реагира на општествени ситуации. Кога останатите големи фестивали во Европа - Кан и Венеција истото би го тврделе за себе, тоа би било многу поневеродостојно.
Берлиналето, пак, отсекогаш беше политички фестивал, некогаш помалку, но почесто - повеќе. Толку политички, што токму поради тоа беше префрлано дека Берлиналето дава многу општествено релевантно кино, но премалку се посветува на естетскиот развој на филмот. Тука навистина има нешто вистинито. Неретко во последните години се добиваше впечаток дека добитниците на Сребрената и на Златната мечка се избрани само затоа што се „политички важни“, а не затоа што се естетски иновативни.
Сепак, Берлиналето секогаш поентираше со разноликост. Во различните фестивалски секции, пред сѐ во оние кои се од другата страна на гламурозниот натпревар, секоја година се прикажуваат документарни филмови, политички есеистички филмови, ангажирани и критички играни филмови. Маргинализираните општествени групи на Берлиналето секогаш доаѓаат до збор. И бегалците често биле во фокусот на филмскиот фестивал.
„Право на среќа“
Мотото на 66. Берлинале гласи „Право на среќа“, а за човечка среќа, покрај слободата на мислење, се потребни, на пример, и право на храна, или право на слободно практикување на религијата. Се чини годинава мотото е особено добро одбрано. Голем број прилози во сите секции на фестивалот за занимаваат со актуелните теми бегство, протерување и интеграција.
Но, 66. Берлинале се ангажира и надвор од границите на чисто прикажување филмови. Најавени се голем број активности. Попусти за влезници, слободни места, донации - сето тоа треба да отиде во прилог на бегалците. „Минатата година во Берлин свое прибежиште најдоа 79.034 бегалци“, се вели од страна на одговорните на Берлиналето и се додава: „Како фестивал со публика и голем настан во градот, Берлиналето смета дека има одгвоорност да придонесе кон берлинската култура на добредојде.“
Првпат во голем стил се собираат и пари - од публиката, големиот број гости од светот, јавните личности. Пари кои треба да им се донирата на организациите за бегалци, за да се помогне на трауматизираните луѓе и да се финансираат курсеви за учење јазик.