Берлински процес во рикверц
28 септември 2017Штотуку ќе помислите дека на балканите се е предвидливо, дежавуизирано, однекаде ќе бликне некој бисер за да не потсети за нашата уникатна непредвидливост. Првата рата на изненадување беше пред неколку месеци, кога една ревносна пратеничка од Тирана се истакна со серија изјави вперени против легализацијата на истополните бракови и зачувување на традиционалните вредности. Второто продолжение следуваше пред десетина дена кога пратеник од Србија, и тоа од редовите на екстремната „Српски Двери", се истакна со уште пожестока анти-ЛГБТ тирада и завет дека "нема да дозволиме тие да ни ги воспитуваат децата”. И сѐ би било банално, стереотипно, доколку изјавите на дотичната пратеничка од Албанија, освен подршката од Фејсбук истомисленици од Косово или Албанците во Македонија не наидеше на согласност од читатели од Србија, Босна или Црна Гора. И реципрочно, доколку изјавата на пратеникот на Српски Двери освен Србите не беше "шерувана” низ социјалните мрежи од страна на Албанци, Бошњаци, Македонци итн.
Иако недоволно за преку два гаврана да се прогласи зима, ова интересно совпаѓање на вкусови отаде етничките бариери чинам дека ја отсликува растечката тенденција на општествата во регионот за вртење во десно. При што традиционалните етно-ексклузивни наративи се надополнуваат и надградуваат со идеолошки спони на (во недостаток на подобар збор) идео-културолошки инклузивности, според не сосема прогресивни параметри. Делумно поради традиционалните, закоравени светоназори, но делумно (и повеќе) како негативен рефлекс против индуцираната политичка коректност во прифаќање на ново-вековните слободи и права. Колку и да нема причина за прославување, барем според таа линија на нештата, Балканот фаќа чекор со тековните глобални војни на културите прекршени преку моралот на учкурот и низ процепот во гласачките кутии.
Изненадувањето Груевски
Малиот куриозитет од маргините на општеството беше надополнет и со изненадувањето на неделата во форма на гостување на Груевски во приштинската ТВ Клан. Интервју кое ги забрза до прединфарктна состојба кревките срца на социјалдемократите, шарените и помал дел од Албанците. Кои за разлика од Македонците, веќе со месеци се сведоци на интересната поставеност на редица медиуми од Приштина и Тирана во непрекинати атаки против двоецот Заев-Ахмети и широкоградо покривање на активностите на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ. Очекувано, сета дебата за фамозното интервју се впери кон дилемата како тоа без-пасошниот Груевски стигнал до Приштина, со речиси ни малку осврт за мотивите кои го донеле до таму. Башка што вистинското прашање не е како стигнал Груевски до Приштина, туку дали Шеќеринска, Заев, Шилегов, можат да одговорат кога воопшто или за последен пат биле во Косово, а да притоа не направат гримаси на гадење.
Накратко, Груевски ги претрка сите. Пак. И повторно. Останувајќи доследен на стекнатата аура на двигател на настаните (во ВМРО и СДСМ) и политичар кој е секогаш барем шест чекори понапред од ривалите. Кои, занесени од својата подарена победа преферираа да се потсмеваат на "новата ера', но без осет да се замислат што подразбира Грујо под тој нов слоган. Да беше поинаку, некој ќе подразмислеше за смислата на ориентирното прешалтување од национална во „граѓанска десница" со која ВМРО-ДПМНЕ се прилагодува кон новите пост-етнички реалности и го започнува процесот на ребрендирање на партијата врз идеолошки козервативизам како мост кон истомислечките етнички пандани. А притоа, за разлика од целосно идеолошки де-социјалдемократизираната СДСМ, ја задржува аурата на демо-христијанска партија со комотно загарантирана улога на заштитник на македонските национални интереси, сега надградена со отвореност кон иноверните и идејните посестрими од регионот.
Фрапантно, но и освестувачки е што токму ВМРО-ДПМНЕ на Груевски е таа која не се либи да за сопствени потреби соработува и со истомисленици од Албанија (Мета, Баша), Косово (Тачи, Харадинај). Додека пак само-прогласената напредна социјал-демократија и лицемерна соросовштина се уште ја смета соработката со партиите и интелектуалците од соседните албански држави како скарадна бласфемија, недостојна за нивните високо-софистицирани вкусови на последна интелектуална провинција во Европа. Со што само ја докажуваат, пак и повторно, зависноста од вградениот дефектен чип на етно-социјализам според маштрафите наследени од застарените модели на федералната република.
Идеолошка битка
Потегот на Груевски заслужува да се именува како дрскост, довитливост и способност за прилагодување кон состојбите сегашни како подготовка за оние кои допрва ќе уследат, како политика на пред-локални тактики за пред-парламентарни стратегии. Сето останато е панична хистерија на вересија-убедените дека заборавноста за злоделата од минатото е ексклузива наменета само за СДСМ, но не и за ВМРО-ДПМНЕ. Башка што со братимењето со ДУИ и кастрирањето на СЈО манекенките стана кристално јасно колку реално СДСМ и соросијството се определени за борба против крим-корупцијата. Посебно кај Албанците.
Наведените примери се само точки за поврзување во исцртување на забрзаниот процес на регрупирање на десницата во регионот. При што посетите во Приштина и гостувањата на Орбан, Давутоглу, Јанша се само површна потврда за тектонските динамики кои се одвиваат на фонот на евидентната предсмртна агонија во социјал-демократијата во Европа. Надмената поза на Заевистите да во освојувањето на власта се ослонуваат врз излитени флоскули на соросовската партизанштина, партизирана граѓанштина и млитава југо-носталгија ги цементира во дефанзивната поставеност за одбрана на нешто што ионака однапред било лага. Превземањето на матрицата на левичарење според републички оградени атари на наследени црвени буржоазии и просудување за соседите според закоравени генералско-удбашки етнички мерила на вреднување не само што ја има осудено СДСМ на само-осакатување, туку им има оставено огромен простор на ривалите да најдат заеднички јазик со соседите во борба против нивните идеолошки сатрапи.
Општествено-политичките регрупирања кон десницата на Балканите се доволна причина за главоболка. Но тука е ЕУ за да главоболката прерасне во мигрена во очекување на исходите на најновиот производ за замајување наречен Берлински процес. Кој е однапред оптоварен со веќе предвидливите два заклучоци за финалниот епилог. Првиот, дека извесната ЕУ иднина за лепрозниот дел на Балканот е речиси целосно отфрлена. Барем ако судиме според најавите на Јункер, ставовите на холандскиот премиер и компаративниот редослед на зачленување кое постепено ретерира кон "специјални односи” за да на крај се сведе на „кој прв ќе потегне” двобој во кој обете страни се свесни дека на бракот му е дојен крај, со надеж дека другиот ќе побара развод и си ја понесе вината. Онака, според видената еволуција и деволуција во односите помеѓу ЕУ и Турција..
Статус-кво стабилност
Збор два за вториот заклучок базиран брз претходните и тековни искуства на европските рецептури наменети за Балканот. Да не кобиме, но и да не се правиме недоветни во заборавност за финалните происходи на претходните експерименти со солунски агенди, Копенхашки критериуми, бриселски Хладови, борби против корупција како суштински предизвик за безбедноста итн. Сите ефективно ако не напуштени, тогаш стишани до молк во име на сочувување на статус-кво стабилноста.
Евидентно, ретки се причините за искрен ентузијазам за конечниот успех на Берлинскиот процес. Како поради минатите искуства со наведените „гарант, ќе ја биде” процеси, толку повеќе поради последиците кои следат – со негативен финиш. Убаво срочената и замислена намера на Берлин за зајакнување на соработката помеѓу државите во регионот е сосема извесно дека може да заврши со длабоку реперкусии и дефинитивен колапс на демократијата и она малку либерална душа во носот ни. Причините за таква нескриена скепса се помалку во растечкиот анти-демократски дискурс на Европа или во паролашењата на Заев за Европа додека во рок од година дена два пати патува во Израел и ниту еднаш во големите ЕУ земји членки. Не е ни поради диктатурната цензура на револуцијата која се спроведува од владините агит-проп пекинезери на која дури и Протуѓер би можел да им позавиди. Причините за загриженост се кријат некаде другде.
Според сето наведено, Берлинскиот процес замислен во полза на приближување на демократските сили и либерални кругови во регионот може сосема лесно да заврши како дар во рацете на од нив легитимираните криминогени елити и автократски фактори со споделени регионални врски на нечисти бизниси. Но и контрола на мирот и немирот како мотив да Западот повторно се сврти кон оправдувањето дека "оние кои прават бељи умеат и да ги разрешат”. Подемот на десниот-конзервативизам како последица на разочараноста во предадените битки на лажната левица можат само да ги забрзаат процесите спротивни од замисленото во Берлин. Тоа можеби ќе биде неочекуван пресврт за нас, но секако не и за европската бирократија на која и е сосема јасен "дефицитот на административни капацитети”, како што е неформалниот заклучок на еден од славните германски набљудувачи кај нас. Констатација која некако се совпаѓа со новиот евро-бирократски описен термин на Брисел за регионот - Resilience of Western Balkans (Отпорноста на Западниот Балкан). Со кој префинето, увиено и благоглаголно ни се порачува – дечки, снајдете се сами, па кој преживее...