1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Берлин бара од Атина поголем економски пораст

7 јули 2011

Германија очекува брзо спроведување на планот за штедење на грчката Влада, но и преземање мерки за побрзо заживување на економијата. Во Берлин вчера престојуваа шефот на грчката дипломатија и министерот за финансии.

German Finance Minister Wolfgang Schaeuble speaks with the media as he arrives for a meeting of eurozone finance ministers in Luxembourg on Sunday, June 19, 2011. On only his third day in office, Greece's new Finance Minister Evangelos Venizelos faces his first big test: He must convince his eurozone counterparts to release a loan installment his country needs to avoid defaulting on its massive debts next month, and to commit to billions in new loans to keep Greece afloat in the coming years. (Foto:Virginia Mayo/AP/dapd)
Германскиот министер за финансии, Волфганг ШојблеФотографија: dapd

Грција доби позитивни оценки во Берлин за напорите за санирање на буџетската криза и намалување на енормните трошоци. Владата на канцеларката Ангела Меркел се обидува да ја придобие поддршката на домашната јавност за најновиот пакет-помош за Грција, која многу често во германските медиуми се портретира како земја која неуморно троши туѓи пари.

„Германија ги признава огромните напори кои ги прави Грција“, изјави министерот за надворешни работи Гидо Вестервеле. Неговиот грчки колега Ставрос Ламбринидис тврдеше дека Атина „нема да потроши залудно ниту едно евро на ЕУ“ и оцени дека одговорноста и солидарноста ги враќаат „загубените европски вредности“.

Поттик за стопанството

Парите беа тема и на состанокот на германскиот и грчкиот министер за финансии Волфганг Шојбле и Евангелос Венизелос. Ова е прва средба на двајцата, по минатомесечното именување на Венизелос на функцијата во рамките на реконструкцијата на Владата на премиерот Јоргос Папандреу. Двајцата се согласиле дека Атина не само што мора прецизно и брзо да ги спроведе мерките за штедење и реформите во социјалниот и даночниот систем, туку и да се посвети повеќе на развој на економијата.

Новиот шеф на грчката дипломатија, Ставрос ЛамбринидисФотографија: AP

„Други мерки за поддршка на развојот мора да бидат преземени. Само со силна приватна економија и инвестиции Грција ќе успее да дојде до балансиран буџет на среден и на долг рок“, се наведува во соопштението на германското министерство за финансии.

Офанзива на шарм

Германија повторно треба да го плати најголемиот дел од најновиот пакет-помош за Грција вреден 12 милијарди евра, кој беше одобрен овој месец од ЕУ и ММФ. Вкупно, на Грција досега и беа одобрени околу 110 милијарди евра за следните три години. Од таа сума, ЕУ треба да издвои околу 80 милијарди, а нешто повеќе од 20 милијарди евра ќе дојдат од Германија.

Новиот министер за финансии, Евангелос ВенизелосФотографија: dapd

Германската новинска агенција ДПА оценува дека Грција сега започнала „офанзива на шарм“ низ европските метрополи, со цел да се обиде да го смени критичкото расположение во медиумите и во јавноста кон неа, истовремено убедувајќи ги соговорниците во Германија дека жртвите кои таа ги прави се далеку поголеми од социјалните или даночните реформи во било која друга земја.

Во Унијата е се поголем револтот и кон американските рејтинг агенции, откако вчера агенцијата Мудис го симна на најниско ниво кредитниот рејтинг на Португалија, а претходно истото го стори и со Грција. Вестервеле вчера повика на институционални реформи и формирање на европски рејтинг агенции, бидејќи постојните, според него, имале премногу конфликти на интереси.

Автор: Борис Георгиевски/дпа/афп

Редактор: Горан Чутаноски

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми