1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Владата да обезбеди независност на правосудството

З. Јордановски3 февруари 2015

Официјален Берлин бара од власта и опозицијата во Македонија заеднички да работат на остварување на целта- членство во ЕУ. Кривичната постапка ќе се следи со големо внимание.

Auswärtiges Amt in Berlin
Фотографија: picture-alliance/dpa

Германската влада смета дека е „битно владата и опозицијата да се потрудат за создавање подобра политичка клима и заеднички да работат за остварување на целта на сите македонски партии и на граѓаните на земјата - членство во ЕУ“, се вели во изјавата на портпарол на Министерството за надворешни работи на барање на Македонската редакција на Дојче веле. Во неа е повторена загриженоста на германската влада во врска со покренувањето кривична постапка против 4 лица во Македонија, меѓу нив и лидерот на социјалдемократската опозиција Зоран Заев поради наводно загрозување на уставниот поредок на земјата, како и барањето за „фер и транспарентна постапка според меѓународните стандарди. Притоа мора да биде обезбедена независност на правосудството и на органите за кривичен прогон“.

Во изјавата се потсетува на тоа, дека во Копенхашките критериуми за членство во ЕУ „спаѓа и правната држава. Европската комисија во извештајот за напредокот (на Македонија, н.з.) од октомври 2014 ја искажа својата грижа поради се’ поголемата политизација на правосудството и ја повика македонската влада да обезбеди независност на правосудството. Затоа германската влада, токму како и нашите европски партнери, со големо внимание ќе го следи натамошниот тек на кривичната постапка“.

Во врска со тоа, колку блокадата на евроатлантската интеграција на Македонија придонесува за влошувањето на политичката клима во земјата и дали саботните настани ќе влијаат врз приближувањето на Македонија кон ЕУ, во изјавата се вели дека германската влада, имајќи го предвид спорот околу името, „кој негативно влијае врз политичката клима во земјата, се надева дека сите засегнати ќе придонесат со конструктивни преговори, колку што е можно побргу да се дојде до решение во спорот. За тоа се неопходни компромиси од обете страни. Но, ние сме цврсто уверени дека тие компромиси се од интерес за обете страни за стабилност на Западен Балкан.

На нашето прашање колку и како може Германија да се ангажира и околу новонастанатата ситуација, со оглед на порано искажаната готовност за ангажман за Западен Балкан, во одговорот се потсетува дека „Германската влада со конференцијата за Западен Балкан во август 2014 година даде јасен сигнал дека и натаму засилено ќе ги подржува сите земји мод Западен Балкан на нивниот пат кон ЕУ. Како партнер, ние сме подготвени да ја подржиме и пјР Македонија во спроведувањето на многу реформи кои се неопходни за приближувањето кон ЕУ. Во тоа спаѓаат и реформи во областа на владеењето на правото“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми