Берлин домаќин на најновото од воздухопловната и вселенската индустрија
21 мај 2014Сцена како од акциски филмови: два Јурофајтера и четири Торнада во низок прелет. Тие всушност обезбедуваат три хеликоптери од кои со помош на сајли се спуштаат на ливада. По неколку минути недалеку од нив слетува авион во маслинесто зелена боја во кој влегуваат војниците заедно со еден џип кој се појави во меѓувреме.
Ова беше демонстрација на една акција на германската војска Бундесверот на Меѓународниот саем за воздухопловство и вселенски летови во Берлин. Триесет проценти од учесниците на саемот се воени излагачи, десет до 15 насто се фирми за вселенска технологија а остатокот е резервиран за цивилното воздухопловство. „ИЛА е еден од трите најголеми саеми од ваков вид во светот“, вели директорот на манифестацијата Штефан Граве. Тој посебно ја истакнува важноста на вселенската технологија: „Таа во ваков обем не се прикажува ни во британскиот Фернборо ниту во францускиот Ле Бурже“.
Се говори за Русите
Средиште на одделот за вселенски летови е халата 4 ,во кој се наоѓа т.н. Вселенски павилјон со површина од околу 1.500 квадратни метри. Веќе на самиот влез во павилјонот виси модел на телекомуникацискиот сателит Алфасат во оригинални димензии. Веднаш покрај него се моделите на ракетите-носачи. Европската вселенска агенција ЕСА и индустријата се подеднакво застапени на саемот: „Овде на едно место ги претставуваме сите важни европски и германски вселенски програми, како што се сателитските програми, важни технологии за лет во вселената- на примет ракетните технологии, како и меѓународната вселенска станица ИСС и други програми планирани за во иднина“, вели Штефан Хес од Сојузот на германската воздухопловна и вселенска индустрија.
Една од темите за која се говори многу на саемот е и одлуката на Русија да се повлече од заедничкото одржување на ИСС. „За нас тоа е тема за која мора да одлучуваат политичарите.Многу години заедно работевме со Русите на полето на воздухопловството и вселенската индустрија и се надеваме оти ситуацијата сепакќе биде решена на задоволителен начин“.
Ова е пораката упатена до сите посетители на саемот ИЛА, а посебно до политичарите.Меѓу гостите годинава се цела низа високи функционери ,меѓу нив и германската канцеларка Ангела Меркел.
Порачките се во втор план
Саемот трае до 25. мај а своите производи и технологии ги претставуваат 1200 излагачи од целиот свет. Пријавени се и презентации на 200 летала. Управата на саемот смета на 200 илјади посетители од кои повеќе од половина доаѓаат од странство. Тие не носат никакви нарачки, зашто саемот е осмислен како политичка платформа за воспоставување на контакти.
„Серазбира дека овде се покажува што сѐ можат овие летала. Меѓутоа не се случува да дојде претставник на некоја авиокомпанија, на пример некој шеик, и да каже: спакувајте ми три Ербаса А380 а покрај тоа ќе земам и еден А350,пакажете ми каков попуст ќе добијам. Тоа меѓутоа не значи дека на ИЛА не можат да се најават нови атрактивни зделки“, вели директорот на саемот, Граве.
„Невидливиот“ А350 и електричниот авион на Ербас
Најголемиот индустриски излагач на саемот е Ербас. Покрај воениот транспортер А400М , Ербас го претставува и најновиот модел од цивилната флота- А350, иако овој авион нема да може да се види за целото времетраење на саемот. Всушност обичните посетители за кои вратите на саемот се отвораат за време на претстојниот викенд воопшто нема да можат да го видат, но затоа ќе бидат изложени многу негови составни делови. Покрај сето ова ќе бидат претставени и новите производи од технологијата на млазни мотори од компанијата МТУ од Минхен. Ербас пак го претставува и електричниот авион Е-фан кој можеда превезе две лица. Во овој сегмент претстои голема работа за развој на технологијата.