1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Берлин е „мека“ за новите фирми

8 ноември 2011

Интернет гигантот „Гугл“ неодамна ја купи фирмата „Дејли Дил”, интернет портал на кој се продаваат бонови од маркетинг партнери. Гугл наводно платил 150 милиони долари за фирма што се наоѓа во „старт-ап“ фаза. Зошто?

Гигантот Гугл купува „старт-ап“ фирмиФотографија: AP

Улицата Розенталер се наоѓа во центарот на Берлин, тоа е многу раздвижен и популарен кварт. На тротоарите се туркаат пешаци и туристи, а во излозите - најновата мода. Кафулињата и бистроата се преполни. Покрај „Лате макијато“ и „Чаи лате“, на масите има и лаптоп компјутери. Во овој кварт на Берлин има најголем број фирми од интернет-браншата. На „Розенталер штрасе“ се наоѓа и фирмата „Урбанара” на Бенјамин Есер. Преку овој онлајн шоп, што постои пет месеци, се продава луксузен текстил и украси за домови од цел свет: „Мислам дека Берлин денеска е центарот на електронска продажба во Европа. Ние овде во Берлин имаме неверојатна креативност, трошоците се’ уште се релативно ниски, а во меѓувреме и инвеститорите се блиску, што долго време беше главен аргумент за градови како Лондон на пример, Минхен, Барселона или Мадрид . Може да се најдат креативни луѓе, кои добро се разбираат во техниката, графичари, и се’ друго што ти е потребно. Освен тоа, животот во Берлин е едноставно забавен”, вели Бенјамин Есер.

Бенјамин ЕсерФотографија: Zoe Glazebrook

Според него и работата секако треба да причинува задоволство. Мајката на Есер доаѓа од Боливија, а татко му е Германец. Тој досега во животот прошетал и видел многу, а последен пат работел во една штотуку основана фирма во Шангај. Овој бизнис-модел, продавање мебел преку интернет, за него изгледал многу надежен. Се ориентирал на продажба на ќебиња од кашмир, ленена постелнина и свилени перници, а целата понуда ја прилагодил за германскиот пазар. Седиштето на фирмата се наоѓа во еден голем стан од стара градба на улицата Розенталер. Есер за овој деловен простор во Минхен би плаќал двојно повеќе, а пак, во Лондон дури четири пати повеќе. Во станот, во кој некогаш се живеело, има поставено провизорни работни маси, на кои седат неколкумина млади луѓе пред нивните лаптопи. „Добиваме апликации за работа од Барселона, Цирих, од Јужна Африка и Јужна Америка. Луѓето сакаат да дојдат во Берлин, затоа што сакаат да бидат дел од овој развој на градот. Многумина со право го споредуват Берлин со Лондон во осумдесетите години или Њујорк во седумдесетите”, вели Есер.

Берлин привлекува големи гиганти од целиот свет

Младиот претприемач две простории од неговиот стан изнајмува на една друга „-„млада” интернет фирма. И тоа само за еден месец, затоа што не знае колку брзо ќе се развива бизнисот со неговата фирма. Меѓутоа, така се одвиваат работите кај една млада т.н. „старт-ап” фирма. Ова милје не е вистинското место за оној кој бара сигурност и стабилност. Тоа го потврдува и Ана От. Таа работи во берлинската агенција за персонал „И-потенциал”, и е специјализирана за млади интернет претпријатија. Ана ја познава сцената и за Берлин зборува како европски пандан на калифорниската силиконска долина. Веб-сцената се развива многу брзо, а почетните фази се секогаш најинтересни. „Во моментов, се‘ почесто имаме фирми кои велат: потребни ни‘ се луѓе, но не можеме да ви кажеме што точно работиме. Ова е секогаш многу конспиративно и понекогаш се чувствуваме како да се наоѓаме на пазар на црно. Кандидатите треба да потпишат спогодба за чување тајна, уште пред да им се каже што ќе работат и за што точно станува збор.”

На втората страница: „Старт-ап“ инвестиции со голем ризик

Во минатото голем број основачи на фирми беа т.н. „Копи кетс”, односно фирми што се обидуваа да копираат успешни интернет проекти од САД и да го пласираат истиот концепт под друго име на локалниот пазар. Во Берлин се множат интернет фирми, но со сопствени идеи. Познати примери се музичката платформа „Саундклуд” или „Вога”, фирма што развива онлајн игри за социјалната мрежа „Фејсбук”. За голема сензација неодамна се погрижи порталот за ренкинг и јавно мислење „Амен” во кој наводно два милиони долари инвестирале познатиот холивудски актер Ештон Кучер и менаџерот на пејачката Мадона, Гај Озери. Инвестиција со голем ризик. Имено, кој може да предвиди при основањето на една интернет стартап-фирма дека ќе се пробие некоја идеја. Особено доколку за оваа идеја досега немало пазар. Од десет интерент стартап фирми, вели Ана От, на крајот ќе опстане само една: „Но, што точно значи фирмата да опстане? Има интерент шопови, како на пример Заландо, што продава чевли преку интернет, или интернет-платформи што продаваат бонови за попуст од различни фирми, и во Берлин се големи работодавачи, но според мое сознание, не работат профитабилно. Тогаш, што значи тоа да преживеат? Да се вработат повеќе од илјада работници не значи дека е некоја фирма добра, или пак дека ќе опстане”, објаснува Ана От.

Шансите за успех се неизвесни

Фирмата „Саундклуд“ развива онлајн-игри за „Фејсбук“

Дали еден стартап има изгледи за успех, за Јенс Шмидт-Емке е нешто основно. Аналитичарот прави проценка дали претпријатието треба да добие пари за инвестиција или не. Јенс Шмит-Емке работи за финансиерот за ризичен капитал Хасо Платнер Венчурис. Кај него стигнуваат неделно по 15 апликации. Доколку му се допадне идејата, го кани основачот и му дава 20 минути лично да ја претстави својата идеја и бизнис-модел. Доколку основачот добро се презентира Јенс Шмит му одобрува неколку милиони евра капитал: „Тоа не се исплаќа секогаш. Некои претпријатија функционираат одлично. Потоа ги носиме на берза, или пак ги продаваме на други конкуренти од браншата. Но, од некои претпријатија едноставно треба да се откажеме”, објаснува Шмит-Емке.

Фирмата Хасо Платнер Венчурис е со седиште во Потсдам. Но, аналитичарот Шмит-Емке се’ почесто патува во Берлин. Дури од САД доаѓаат се’ почесто основачи во Берлин. Додека сцената во силиконската долина веќе одамна е етаблирана, оваа во Берлин се наоѓа на самиот почеток и очигледно зрачи со неверојатен творечки дух и иновативна сила. Кон ова се надоврзуваат и големата слобода во градот со неговиот атрактивен ноќен живот. Во едно нешто сите се единствени од берлинската стартап сцена: крај на економскиот подем не е ниту на повидок, туку напротив - неговиот ек штотуку претстои!

Автор: Сабине Кинкарц / Бисера Огњановска Митров

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми