1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Берлин испраќа „Торнадо“ авиони во Авганистан

7 февруари 2007

Германската влада денеска донесе одлука за испраќање на авионите од типот „Торнадо„ во Авганистан. Извидувачките авиони треба да ги снабдуваат војниците од мисијата на НАТО, ИСАФ со повеќе иноформации за непријателските позиции. Ако со одлуката се согласи и парламентот во почетокот на март, тогаш авионите би можеле од средината на април да бидат во акција.

Фотографија: picture-alliance/ dpa

Специјалност на авионите Торнадо е од големи височини да фотографираат и најмали детали на земјата. Владата во април во Авганистан би испратила најмалку шест од нив. Министерот за одбрана Франц Јозеф Јунг:

„Имаме граница кон Пакистан во должина од 2 илјади и 400 километри. Талибанците за почетокот на пролетта најавија офанзива. Мислам дека е важно за безбедноста на нашите војници, за тимовите што учествуваат во обновата и за населението да го засилиме извидувањето за да понудиме поголема заштита„.

Торнадата нема да бидат ангажирани како борбени авиони, туку исклучиво за воздушно набљудување, вели Улрих Кирш од Бундесверот:

„Тие се исклучиво авиони за набљудување што прават фотографии и со инфра-црвени зраци, па се способни и за ноќно дејство. Резултатите се видливи дури откако ќе атерираат. Не се опремени за воздушни битки„.

Решението за германската влада не беше лесно зашто веќе сега на северниот дел на Авганистан во мисија се скоро 3 илјади германски војници чија главна задача е стабилизацијата. Така ќе остане и во иднина, вели министерот Јунг:

„Нема промена во стратегијата. Станува збор за воспоставување безбедност и унапредување на обновата. Мисијата нема ништо со непосредни воени дејства„.

Според владата, сегашниот мандат сепак не е доволен за да се испратат авионите и дополнителни 500 германски војници. Затоа се реши за нов мандат. Улрих Кирш од Бундесверот смета дека тоа е исправно:

„Го поздравуваме фактот што ќе има нормален мандат, зашто првобитно се размислуваше мисијата на авионите да се вклучи во досегашниот мандат на ИСАФ„.

Критики упатија многумина пратеници кои во почетокот на март треба да гласаат за мисијата. Тие страхуваат дека Бундесверот би можел да биде вовлечен во борби, при што секогаш има многу цивилни жртви.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми