1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЗдравјеГлобално

Берлин и короната: Крај на забавата?

Кај-Александер Шолц
14 јули 2020

За германскиот главен град пандемијата на коронавирус е тежок удар. Фокусот на градот на забава и туризам сега му се враќа како бумеранг и го „удира по глава“. Но, креативниот дух на градот не може да замре.

Berlin Menschen feiern in einem Club
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Kembowski

Портата кон легендарниот „Бергхајн", омиленото место на меѓународната парти-сцена сега е испрскана со графити „Black-Lives-Matter". Откако во март годинава сенаторката на Берлин за здравство Дилек Калајчи објави „Не е време за забава!” тука веќе не поминал ниту еден гостин.

Изгледа до крајот на годината, рекоа берлинските покраински власти, ништо нема да се смени во тој поглед. Различно од Цирих на пример, Берлин уште не ги разлабави забраните за дискотеки.

Берлин не би бил Берлин да нема луѓе кои сепак се забавуваат.

„Медитанцион" се нарекува групата која на улица организира настан како микс од јога медитација, техно танцување и „Сите сме еднакви”. „Нео хипиците” организираат и вечери директно пред Бранденбуршката капија. Останатите млади од Берлин бегаат во околните паркови. Таму на големите ливади се среќаваат редовно на танцување. Полицијата често наминува, но по правило ги остава, само повремено довикува да држат растојание. 

Коронавирус: Како работат рестораните и баровите во Германија по повторното отворање

01:15

This browser does not support the video element.

„Да ’џускаш’ додека седиш не е забавно"

Некои дискотеки се отворени и покрај корона-пандемијата, барем половично. Кој има надворешен дел може таму да продава пијалоци. Танцувањето е забрането! За да не потсетуваат премногу на обични пивници омилениот клуб „About blank" делот на отворено го вика „градина за шампањ”. Но, Денис, инаку бербер во отмен салон недалеку од Пазарот на жандармите, вели дека „џускањето” во седечка положба не е забавно. Со години негово хоби била добра забава. Можеби е и добро што сега нешто се менува, вели тој. Веќе подолго време не бил на забава. „Музиката, луѓето, сѐ беше многу комерцијално и малку креативно”. Пред локдаунот, се потсетува тој, влегол во еден клуб, но не останал ни да си го допие пивото. „Музиката беше ужасна.”

Повеќе:

Германија: Опасноста од втор бран на коронавирус е реална

Кавга околу носењето маски во Германија

Фотографија на денот: Светлечки повик за помош

Но, и пред короната комерцијализацијата не беше единствениот проблем за парти-имиџот на Берлин, туку и протерувањето на едни кираџии од други, финансиски помоќни. Светски познатиот клуб за фетиши „Киткет” кон крајот на 2019 најави дека затвора на старата локација - и не беше единствениот кој мораше да отстапи место.

 Помалку забави - полошо за Берлин

 Тоа што на парти-метрополата не и оди добро е економски проблем за Берлин сѐвкупно. Од почетокот на милениумот Берлин се рекламираше со слоганот „Сиромашен, но секси” и така масовно привлече туристи. А, сега? Дали на крај ќе остане само „сиромашен - и веќе не секси”?

Степенот на невработеност во јуни годинава порасна на 2,7 проценти, колку во ниедна друга покраина. Хотелите во моментов се пополнети со 10 или 20 проценти од капацитетите, а не 80 или 90 насто како вообичаено. Ситуацијата е „катастрофална”, изјавија од Здружението на хотелиери и угостители минатиот месец. Во ниту еден друг голем германски град падот не е толкав.

250 дискотеки, 150 милиони евра обрт, три милиони туристи - студија ги опишува размерите за кои се зборува. Повеќе години 3,7 милионскиот град живееше прилично добро благодарение на имиџот на парти-метропола. „Тоа влијаеше и на инвестиции надвор од туризмот”, вели градскиот планер и автор Давид Козер.

„Таквиот имиџ изгледа играл улога во изградбата на фабриката на Тесла во околината на Берлин - на крајот на краиштата градот не е класична локација за производство на автомобили."

Јоханес кој има ресторан во населбата Берлин Мите стравува од најлошото. Прво клубовите, потоа рестораните, продавниците за пијалоци и други места од индустријата за забава. Во втората половина од годината тој предвидува голем бран на банкротирање. Кон тоа се надоврзува и веста која одекна како бомба кон крајот на јуни. Изиџет, компанијата која се занимава претежно со парти- туризам ја преполови својата флота во Берлин.

Сопственици на клубови, ресторани и културни центри ги здружија силите против ваквиот тренд. Тие се викаат „Еден Берлин„. Бараат од градската управа даночни олеснувања. Меѓу нив владее егзистенцијален страв и се многу загрижени за урбаниот живот во Берлин – беше речено на основачкото собрание. Меѓу другото тие бараат и да им се дозволат повеќе забави  на отворено како на Александар Плац или во Берлин Мите.

Улицата Фридрих ново место за забава?

 Многу луѓе во Берлин пак велат дека им годи мирот и тоа што ја нема бучавата од забавите што пак е последица на намалениот број туристи. „Парти-туризмот имаше особено влијание врз структурата на некои населби во градот,“ вели Козер „што водеше кон отворање на поголем број ресторани, киосци кои работат до доцна, апартмани за издавање и хостели.“ Според него ова има ефект на постепено раселување на локалните и „нетуристички“ бизниси, а подем на бучен ноќен живот во омилените населби за забава.“

Веројатно кризата ќе отвори и пат за некои работи да се реорганизираат. Како шансата „парти-туризмот“ да се пресели надвор од населените области, вели Козер. „Имено онаму каде што и припаѓаат и нема да пречат никому: во градските центри – особено во областа околу улицата Фридрих, која некогаш беше централно место за забава во Берлин.“

Во суштина улицата Фридрих во моментов е во потрага по иднина. Ништо не излезе од планот за луксузна променада. Многу продавници зјаат празни. Сенатот сака од август да го запре сообраќајот и да тестира дали како пешачка зона ќе привлече повеќе публика. Многумина се скептични.

„Под услов да се надмине корона - кризата не гледам крај на Берлин како парти-метропола“, смета Козер. „Се уште постои желба за забава во урбан контекст.“

При тоа „иновативниот потенцијал“ на Берлин е далеку од исцрпен. Па дури ако треба да ја снема технокултурата градена 30 години. Конечно во Берлин од секогаш било така, празното место нуди простор за нова културна понуда.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми