1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Берлин: СЈО и реформите на Прибе клучни за Македонија

Е.М. Фиданоска
17 ноември 2016

Германската влада ја анализираше состојбата со човековите права во Македонија на барање на пратеници од Бундестагот. Зафатени се судството, СЈО, тајната служба, медиумите, правата на малцинствата, НВО-секторот...

Mazedonien Deutschland Westerwelle Poposki Fahnen
Фотографија: DW

Клучни за идниот развој на Македонија се непречената работа на Специјалното јавно обвинителство и имплементирање на препораките од Извештајот на Прибе, порачува германската влада. Во детален одговор на повеќе од 70 прашања поставени од група пратеници во Бундестагот, владата во Берлин ја сецира состојбата во Македонија во речиси сите клучни сегменти и не се воздржува од критики кон владата, судството и делувањето на тајната служба.

Во својот одговор на прашањето во врска со состојбата со човековите права во Македонија, поставено од пратениците Луизе Амтсберг, Фолкер Бек, Мануел Сарацин, други пратеници и пратеничката група на Зелените во Бундестагот, германската влада оценува дека земјата е во внатрешнополитичка криза, за која „има различни причини, но не станува збор за етнички конфликт“. „Една од причините за кризата е заострената конфронтација меѓу владејачките и опозиционите партии, натамошно засилена со еклатантното погрешно однесување на Владата и тајната служба, кое опозицијата го обелодени со објавување снимки од телефонски разговори. Притоа, од снимките се создава впечаток дека највисоките владини кругови во најмала рака имале сознанија за активностите на тајните служби.“

Работата на СЈО од извонредно значење

Потсетувајќи дека во Македонија пролетта 2015 и една година подоцна избија граѓански протести ширум земјата, германската влада наведува дека Специјалното јавно обвинителство, основано врз основа на Пржинскиот договор, би требало да ги анализира снимките и да утврди дали има основа за обвиненија за корупција, непотизам и злоупотреби.

Според германската влада,„од извонредно значење за натамошниот развој на земјата е Специјалното јавно обвинителство да може да ја продолжи својата работа без ограничувања“.

Фотографија: DW/P. Stojanovski

Одговарајќи на прашањата за позицијата на судството и евентуални полициски, административни или судски мерки кои би биле дискриминирачки, германската влада оценува:

„Може да се види дека претпријатија или приватни лица, често оние кои се познати како поддржувачи на опозицијата или постојат сомневања дека се нејзини поддржувачи, се предмет на селективна примена на правните норми и соодветни мерки на санкционирање (инспекции, казни, затворање фирми)... Уставот на ПЈР Македонија гарантира независност на судството, но има знаци во насока дека судовите понекогаш донесуваат пресуди по интервенција. Законски дозволената должина на притворот пред подигнување обвинение изнесува максимални 180 дена, а по подигање обивинение истражниот зтавор може да трае најдолго две години. Со додавање на нови точки на обвинение овие рокови може да се продолжат. Тоа делумно се користи за да се продолжи притворот.“

Тајната служба масивно посегнала во приватната сфера, особено на критичарите на власта

Работата на националната контраразузнавачка служба е исто така зафатена со дел од одговорот на германската влада, па се вели дека во Македонија оваа служба „масивно посегнала во приватната сфера на граѓаните, особено на опозиционерите и критичарите на власта“. Натаму во одговорот стои: „Тоа го потврдуваат снимките од телефонските разговори објавени пролетта 2015 година. Снимките покажуваат дека највисоки владини кругови имале сознанија за активностите на тајната служба.“

Што се однесува до правата на малцинствата, се констатира дека „од политичка страна или од страна на медиумите нема дискриминација на малцинствата, но поради внатрешнополитичката криза во земјата има сѐ повеќе навредливи текстови меѓу напријателски поставените политички табори, сеедно од кој етникум или со каква верска припадност.“ Околу позицијата на албанското малцинство во државата, германската влада констатира:

„Албанското малцинство е застапено во владата и државните организации, но смета дека е соочено со предрасуди и стереотипи и се жали на дискриминација. Истовремено, меѓутоа, може да се види дека припадници на ова малцинство понекогаш се однесуваат дискриминаторски кон етничките Македонци. Меѓу Албанците и Македонците има постојана тензија, но во секојдневниот живот албанското малцинство е сепак почитувано.“

Во делот за медиумите, се оценува дека „по затворањето на А1 телевизија, електронските медиуми се во голем дел под контрола на владејачките партии“. „Печатените медиуми се исто така зависни од партиите. Од јануари 2012 година најтиражните весници Дневник, Утрински весник и Вест припаѓаат на ОРКА Холдинг, кој е поврзан со најголемата владејачка партија (ВМРО ДПМНЕ). Доминантното влијание на владата се остварува пред сѐ преку рекламни кампањи од кои медиумите се зависни. За тоа да не биде загрозено, може да се смета дека раководството на препријатието врши влијание врз редакциите. Критичките новинари се понекогаш предмет на отворени закани со физичко и психичко насилство. На германската влада ѝ се познати случаи на новинари кои биле жртви на напади.“

Протести на новинари во Скопје во октомври 2013Фотографија: DW/F. Musliu

Ангажирани новинари се редовно жртви на навреди

Предмет на закани и напади не се само новинарите, туку и членови на невладини организации. Германската влада констатира дека во Македонија политичките сили и невладините организации, сеедно со каков етнички предзнак, може слободно да делуваат. Но, во изминатите години постојано има случаи на водење кампањи од страна на медиуми кои се под доминација на државата против опозициски политичари или експонирани личности од невладините организации, кои делумно се обвинувани без основа. Опозицијата понекогаш постапува исто така. Критичарите на моќниците во земјата се соочени со закани и застрашувања, кои може да стигнат и до физички насилство... Во текот на изминатата година има сѐ повеќе напади и клевети во медиумите на сметка на експонирани личности од важни невладини организации. Поранешниот претседател на фондацијата Сорос, Милчин, беше наклеветен како наводен колаборатор на поранешната комунистичка тајна служба, иако тој во комунистичка Југославија бил жртва на државен надзор. И Хелсиншкиот комитет за човекови права и ангажирани новинари се редовно жртви на навреди.“

Протести против власта во Скопје, април 2016Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Со примена на препораките на Прибе кон излез од кризата

Германската влада смета дека Извештајот на Прибе содржи клучни реформски мерки за одржлив развој на Македонија. Владата во Берлин „е единствена во ставот со европските партнери и САД дека спроведувањето на реформите е основа за нова динамика во евро-атлантското приближување на земјата... Германската влада е уверена дека ситуацијата со човековите права во земјата може значително да се подобри со одржлива примена на препораките во т.н. 'Извештај на Прибе'.“

На прашањето на пратениците од Бундестагот како владата во Берлин го оценува развојот на ситуацијата со човековите права во времето на владеењето на Никола Груевски, одговорот е следен:

„Според извештаите на Хелсиншкиот комитет, постоечките дефицити во сферата на човековите права во овој период се зајакнале.“

Според германската влада, спроведувањето на неопходните реформи, согласно препораките на Прибе, може да придонесе многу за излез од внатрешнополитичката криза и за демократски развој. „Согласноста на партиите за нови избори на 11 декември 2016, според Сојузната влада, е важен чекор во таа насока.“

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми