Берлин се подготвува за градоначалник „со акцент“
18 октомври 2014Тројцата кандидати кои се натпреваруваат за наследник на Клаус Воверајт на градоначалничката функција во Берлин имаат многу заедничко. Сите имаат функции во локалниот огранок на Социјалдемократската партија и покрај тоа што се релативно млади. Сите оставаат позитивен, професионален впечаток. И сите имаат слични планови за градот, во кои главна поента е решавање на проблемот со Меѓународниот аеродром Бранденбург, поради кој Воверајт и си заминува во декември.
Но, парламентарниот лидер на СПД во Берлин Раед Салех (на фотографијата горе) некако отскокнува од другите. Салех дошол во Берлин на петгодишна возраст со своите палестински родители, и иако неговиот германски е одличен, сепак го зборува со одреден арапски шмек.
„Берлин е град на различностите, град на 100 различни акценти. Луѓето ќе мораат да се навикнат на мојот“, вели Салех за ДВ.
Различноста е нормална
Салех признава дека на почетокот имало отпор во редовите на партијата, но со текот на времето научил како со хумор да ги прифаќа забелешките за неговиот акцент. 37-годишникот вели дека е оптимист за изборите.
„Берлин е место каде различноста станува нормална. Во Берлин, сексуалната ориентација, етничкото потекло или физичкиот хендикеп не играат никаква улога. Мојот Берлин е енергичен и толерантен“.
Наследникот на Воверајт нема да биде биран ниту во градскиот парламент ниту на општи избори. За него ќе одлучат 17,200 членови на Социјалдемократската партија. Гласањето е денеска, сабота 18 октомври, и за таквата одлука согласност даде и покраинскиот коалициски партнер на СПД, конзервативната ЦДУ на канцеларката Ангела Меркел.
Фаворити на изборите се претседателот на берлинскиот огранок на СПД Јан Штос и градскиот министер за градежништво Михаел Милер.
„Ќе биде огромно изненадување доколку Салех победи на изборите кај членовите на СПД“, смета Јан Томсен, главен политички уредник на весникот „Берлинер Цајтунг“. „Мислам дека нема да победи, но ќе биде на респектабилното второ место“.
Граѓаните незаинтересирани
Томсен смета дека партијата на Салех е доволно толерантна за некој со неговото потекло, но прашање е дали е и градот. „Мислам дека берлинската СПД е подготвена да прифати млад муслиман со акцент, но и покрај тоа очекувам членството да се одлучи за посигурен, поконвенционален кандидат“. Во секој случај шансите на Салех се подобри меѓу членството на СПД отколку меѓу жителите на Берлин. Затоа и се обидува да ја искористи таа шанса“, вели Томсен.
Поради фактот што нема директни избори, нема ниту анкети меѓу граѓаните на 3,4 милионскиот Берлин кои би сугерирале за кого тие би се одлучиле. За волја на вистината, на неделниот пазар во квартот Нојкелн- епицентарот на мултикултурниот Берлин, никој и не слушнал за Салех ниту луѓето знаат дека СПД викендов ќе бира нов градоначалник. Никој меѓу продавачите не е многу „потресен“ од идејата дека човек со арапско потекло би можел да биде следниот градоначалник. Генералното расположение е дека кој и да биде избран неговата компетентност е многу поважна од неговото потекло.
„Не ми е гајле кој ќе стане градоначалник“, вели еден продавач на текстил. „Само нека го заврши веќе аеродромот“.