1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Берлин ја потврди смртта на германскиот заложник

ЕМФ /агенции
27 февруари 2017

По повеќе од три месеци заложништво, на Филипини е убиен германски државјанин. Одговорноста ја презеде терористичката група Абу Сајаф.

Philippinen Deutschland Segelboot Entführungsopfer Abu Sayyaf
Фотографија: picture alliance/AP Photo/Wesmincom

Владата на Филипини попладнево соопшти за убиството на Јирген Кантнер. Советникот на претседателот Родриго Дутерте, Жезу Дуреза, во Манила го осуди „варварското обезглавување“. Филипинските безбедносни сили, како што тврди Дуреза, сториле сѐ што е во нивна моќ за ослободување на заложникот. Претходно, терористичката група Абу Сајаф објави видео снимка на која е прикажано, како што се тврди, убивањето на 70-годишниот германски морнар. Абу Сајаф на средината од месецов се закани дека ќе го убие Кантнер доколку во рок од 12 дена не биде платен откуп од 570.000 евра. На таа видео снимка Кантнер лично ја моли германската влада за помош.

Во меѓувреме и Берлин ја потврди смртта на Германецот. Министерството за надворешни работи соопшти дека „нема разумно сомневање дека Германецот грабнат на Филипини веќе не е жив“. „Длабоко сме потресени од нечовечките грозоморни постапки на грабнувачите“, изјави портпарол на германското Министерство за надворешни работи.

Кантнер беше киднапиран на почетокот на ноември минатата година, додека заедно со својата животна сопатничка пловел низ водите меѓу Филипини и Малезија. Жената беше убиена при нападот. Нејзиното тело беше пронајдено на напуштената јахта која им припаѓала на двајцата. Инаку, оваа двојка еднаш веќе беше киднапирана во 2008 година и тоа пред брегот на Сомалија. Тогаш двајцата беа ослободени откако беше платен откуп од 445.000 евра.

Терористичката група Абу Сајаф е верна на џихадистичката милиција Исламска држава. Оваа група со децении киднапира странци на југот на Филипини и за нив бара откуп. Во моментов во нејзини раце се 19 странци и седуммина Филипинци.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми