1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Берлин ќе истражува дали Турција била шпионирана

Б. Георгиевски/дпа18 август 2014

Информациите дека германската тајна служба БНД шпионирала во Турција, ги алармира властите во Анкара. На разговор е повикан германскиот амбасадор во земјата

Фотографија: picture-alliance/AP

Турското министерство за надворешни работи денеска соопшти дека е повикан на разговор германскиот амбасадор во Анкара, по извештаите за време на викендот дека Берлин го шпионира својот НАТО-сојузник

Но, во истовреме портпаролот на германското МНР, Мартин Шефер, инсистира дека амбасадорот Еберхард Пол не е повикан на разговор. Турските претставници побарале состанок на кој би се расчистиле информациите кои беа објавени во германскиот печат, вели Шефер.

Германската разузнувачка служба - БНД, ја шпионирала Турција од 2009 година, а операциите веројатно сѐ уште траат, објави викендов магазинот „Дер Шпигл“. Во соопштение на турското МНР се вели дека, доколку тврдењата се покажат точни, тоа би било „сериозна работа“. Оттаму побараа шпионирањето веднаш да престане.

Германските медиуми исто така тврдат дека БНД ги прислушувало телефоните на американскиот државен секретар Џон Кери и на неговата претходничка Хилари Клинтон.

Портпаролката на канцеларката Ангела Меркел, Кристијане Вирц, вели дека специјална германска парламентарна комисија ги разгледува обвинувањата за шпионирање, а владата веќе ја информирала комисијата за дел од тврдењата минатиот месец. Вирц објасни дека БНД има своја целна група, но одби да каже детали за листата, затоа што се работи за тајни податоци.

Германија остро протестираше откако беше откриено дека американската тајна служба НСА ги следи комуникациите не само на нејзините граѓани, туку и на канцеларката Меркел. Во порака до американскиот претседател Барак Обама, Меркел тогаш изјави дека „шпионирањето на пријатели е неприфатливо“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми