Бесплатен компјутер и интернет за сите Британци
21 февруари 2010Британската влада неодамна стартуваше пилот-проект со кој на илјадници семејства им се подарува лаптоп компјутер и една година бесплатен интернет. За семејствата со помали приходи, што не можат да го следат технолошкиот напредок како другите, ваквата иницијатива е многу важна, вели британскиот премиер Гордон Браун:
„Минатата година го започнавме пилот- проектот во Сафолк и Олдхем и денес можам да изјавам дека резултатите се воодушевувачки.”
Национален проект за помош на сиромашните
Премиерот Гордон Браун на почетокот на годината на светскиот форум за учење и технологија изјави дека проектот е успешен и го стартуваше националниот проект за подарување на мобилни компјутери и бесплатен интернет за семејства со ниски приходи: “97% од родителите веруваа дека пристапот до интернет во домовите ќе ги подобри резултатите на нивните деца во училиште. 80% од испитаниците веруваат дека со помош на интернетот и тие полесно можат да бидат вклучени во училишните работи на децата и дека се зголемува нивната самодовербата во користењето на новата технологија. Со ова го објавувам националниот ролаут на Хоум Аксес програмата за делење на лаптоп компјутери и бесплатен интернет на околу 270.000 семејства во Велика Британија. Со поддршка и инвестиции во висина од 300 милиони фунти до крајот на наредната година ќе бидат поделени вкупно 300.000 лаптоп компјутери со бесплатен пристап до интернет.”
Едукација и образование
Главна цел на оваа иницијатива е идните генерации да се едуцираат во користење на компјутери. Но во семејствата во кои никој досега немал пристап до оваа технологија, потребна им е помош и на родителите, вели Енди Стоби, одговорен за пилот програмата во Манчестер: “Работиме на едукација на родителите, затоа што овие семејства никогаш деосега не поседувале компјутер. На овој начин се надеваме дека ќе ја подобриме можноста на родителите да им помагаат на своите деца и полесно да се вклучат во процесот на нивната едукација, но и да ги подобрат своите шанси и перспективи.”
Премостувањето на дигиталниот јаз што постои меѓу посиромашните и добро ситуираните деца ја подобрува социјалната состојба во државата, но и нивната конкурентност на меѓународниот пазар – не само во Велика Британија, туку и во цела ЕУ.
Автор: Ларс Бевенгер / Бисера Огњановска Митров
Редактор: Жана Ацеска