1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

„Беспомошно гледавме како бомбите паѓаа врз нашите куќи“

Магдалена Гвожџ-Палокат
7 мај 2022

Војната во Украина кај постарите Полјаци буди сеќавања и трауми од Втората светска војна, но истовремено и солидарност со луѓето во воената зона.

2. Weltkrieg  |  Aufstand in Warschau 1944 | Heimatarmee AK
Фотографија: CAF/dpa/picture alliance

Веднаш по будење, Ванда Тражук-Ставска оди во дневната соба и го вклучува телевизорот. Секое утро, од 24 февруари годинава. Како тоа да ѝ е должност. 95-годишната жена сака да знае дали Украинците уште се борат против руските освојувачи. Сака да биде со нив, иако само од својата дневна соба.

Тражук-Ставска предобро знае што значат борби: во текот на Варшавското востание против германските окупатори во 1944 година, тогаш како 17-годишна девојка била во состав на единиците на полското движење на отпорот. Во интервју за Дојче веле се обидува да ги визуализира звуците, мирисите и вкусот на тоа страшно време. Понекогаш ги затвора очите и зборува побавно, како да сака да го почувствува секој збор.

Како се чувствуваат младите украински бегалци во моментов?

01:03

This browser does not support the video element.

„Во првите денови на војната видов како Германците убиваат едно дете“, раскажува Ванда Тражук-Ставска, наведнувајќи ја главата. „Дотогаш не можев ни да замислам дека можат да постојат толку лоши луѓе. Од тој ден желба ми беше да бидам возрасна за да можам да се борам“.

„Мразам војна, тоа е најголемата глупост на човештвото“, нагласува Тражук-Ставска. Но, веќе два месеци повторно се соочува со нејзините стравотии. „Најрадо би сакала веќе да не сум жива и да не поминувам низ сево ова, ама бидејќи сум жива, се чувствувам должна да се борам, а тоа можам да го направам само така што ќе му порачам на светот: помогнете ѝ на Украина!“

Ванда Тражук-СтавскаФотографија: M. Gwozdz-Pallokat/DW

Небото над Украина

Тражук-Ставска добро се сеќава на чувството кога не се ужива поддршка во војната против Германците. Сега е факт дека Западот не сака да воведе забрана за летови над Украина, што ја потсетува токму на тоа чувство. „Во тоа време немавме противвоздушна одбрана. Не можете да урнете авион со пушкомитралез. Така, моравме незаштитени беспомошно да гледаме како бомбите паѓаа врз нашите домови. Тоа е нашата најголема траума.“

„Ова што сега се случува е огромен товар за луѓето кои ја преживеаја Втората светска војна“, вели Агњешка Попиел, психијатар и психотерапевт од Универзитетот СВПС во Варшава. Професорката, која заедно со колегата води клиника за когнитивно бихевиорално лекување, меѓу останатото ги проучува и третира и траумите. Овј универзитет воспоставил телефонска линија за луѓе кои побегнале од војната во Украина, а и натаму се чувствуваат загрозени, загрижени се за роднините или доживеале губење на сакана личност.

Станислав ВалскиФотографија: Privat

Ноќни кошмари за чудовишта

Станислав Валски доживеал лоши работи во текот на Втората светска војна. Роден е во 1933 година, година во која Хитлер дошол на власт во Германија.

„Рускиот напад ми ја раскина психата во мали парчиња. По сите грозотии кои ги доживеав во Втората светска војна, помислив: ова веќе никогаш не смее да се повтори. Но, за жал, секогаш одново има болни луѓе кои мора да предизвикаат војна“, вели тој во телефонски разговор за Дојче веле.

„Подарок“ за пријателот на Путин

02:04

This browser does not support the video element.

Денес 88-годишниот Валски живее во Вроцлав. Учествувал во кампањата „Никогаш повеќе војна“ на историскиот центар „Зајездниа“ (Депо). Во кратки филмови луѓе кои ја преживеале Втората светска војна, ја осудуваат војната во Украина. Валски во своето видео зборува како со 11 години бил депортиран во логорот Нојмаркт/Горна Фалачка. Со години потоа имал ноќни кошмари: во сонот лебдел во воздух, а чудовишта се обидувале да го зграпчат за нозете.

„Мислам дека психата на мало момче какво што бев јас тогаш, не можеше да го поднесе погледот на толкав број трупови. Погледот на луѓе кои се фрлаа на оградата од бодликава жица“, објаснува Валски. Ги памети звуците, мирисите  и сѐприсутниот глад. „Беше неподносливо. Ако мува ми влетуваше во уста, не ја плукав, туку ја голтав“.

Со годините спомените се изоструваат

Агњешка Попиел истакнува дека старите луѓе често многу поживо се сеќаваат на она што го доживеале во младоста, отколку на она од неодамнешното минато.

„Тогаш искуствата длабоко се врежуваат во сеќавањето, а во подоцнежни години, кога силата опаѓа, тоа се случува сѐ поретко“, вели таа. Затоа сеќавањата од младоста се враќаат посилно и понепосредно.

Психологот објаснува дека луѓето несвесно градат заштитен механизам: секој кој доживеал страшни работи, ги „архивира“ одредените дразби како звуци, мириси или слики за да го подготви телото да се заштити во слични ситуации во иднина.

Агњешка Попиел, психијатар и психотерапевт од ВаршаваФотографија: Privat

„Германците се неодлучни“

„Често слушам дека ние тогаш сме биле невообичаена генерација. Тоа не е вистина. Бевме како и луѓето денес“, вели Ванда Тражук-Ставска. Во разговорот за Дојче веле неколку пати повторува дека на Украинките им советува да не остануваат во Полска, која сега стана прва држава до фронтот, туку да продолжат  да бегаат  кон Запад. „Знам дека овие жени размислуваат за своите мажи кои се борат во  Украина.  Сакаат да бидат блиску до нив. Но, тоа е погрешно! На мажите кои останаа им е важно да знаат дека нивните жени и деца се на безбедно.“

Полска: Делче нормалност за децата бегалци од Украина

01:58

This browser does not support the video element.

Кога ѝ се заблагодарувам на разговорот, оваа жена борец од Втората светска војна, вели дека и таа има причина да се заблагодари: можност да им се обрати директно на Германците. „Сакам Германија да се бори за мир во светот. Мир нема да има сѐ додека постои војна. Но,  Германците премногу се колебаат.“

Пред да ме испрати до вратата, Ванда Тражук-Ставска со одлучен глас вели: „Да сум малку помлада, сега би се борела со Украинците."

Полската ветеранка вели дека луѓето во соседната земја никогаш не смеат да се откажат. Уверена е дека Украина ќе победи: „Затоа што луѓето таму знаат, исто како и јас, што значи слобода, и што е човечко достоинство.“

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми