За имунитетот на пратениците ќе се одлучува попладнево
29 ноември 2017Досега вкупно шест лица, меѓу нив и поранешниот министер за внатрешни работи и директор на БЈБ, Митко Чавков добија 30 дневен притвор во судот во Скопје. Последен во низата, според агенцијата Макфакс, е Богдан Илиевски алијас „Бетмен велит“, актуелен член на Извршниот комитет на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, и еден од главните организатори на протестите кои завршија со насилничкиот упад во Собранието на 27 април годинава. Меѓу притворените е и оперскиот пејач Игор Дурловски. На две лица им е одредена мерка домашен притвор.
Во Собранието се очекува враќањето на претседателот Талат Џафери, а потоа треба да се одржи седница на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања која треба да расправа по барањето на судот за одземање на пратеничкиот имунитет на шест пратеници: Крсто Мукоски, Сашо Василeвски, Јохан Тарчуловски, Жаклина Пешевска и Љубен Арнаудов од ВМРО-ДПМНЕ и Љупчо Димовски од Социјалистичката партија.
Сите шестмина се дел од предметот на Јавното обвинителство за упадот во Собранието. Обвинети се за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, согласно членот 313 од Кривичниот законик.
Комисијата треба да донесе одлука со мнозинство гласови, а истата потоа треба да ја потврди и Собранието со мнозинство од 61 пратеник.
Десетина приврзаници на ВМРО-ДПМНЕ до рано утрово останаа пред седиштето на Основниот суд Скопје 1, протестирајќи против приведувањето на осомничените за упадот во Собранието. Денеска пред судот е мирно.