Бејрут уште долго ќе се опоравува од страотната експлозија која одекна во вторникот и која однесе над 130 човечки животи. Земјата притисната од економски и политички проблеми сега се соочува со нов предизвик.
Реклама
Меѓу граѓаните на Бејрут кои успеаја да ја преспијат минатата ноќ, многумина се разбудија во средата соочени со траумата и бесот поради страотната експлозија која го потресе градот. Либан е веќе среде хиперинфлација, растечка пандемија на коронавирус и огромна сиромаштија.
Експлозијата, која според либанските власти ја предизвикале 2,700 тони амониум нитрат складирано на пристаништето, уништи дел од главниот градот и однесе стотици човечки животи.
Фред Бтеич, хирург кој за малку го избегнал ударот на експлозијата, сцените од минатата ноќ ги опишува како „апокалиптична, воена сцена“, со огромен број пациенти кои пристигнале во итната служба на болницата во која работи.
„Некои луѓе кои ги опериравме, не им ги знаевме ниту имињата, ниту кои беа, ниту дали имаа роднини. Видовме ужасни работи“, вели Бтеич за ДВ. „Опериравме луѓе кои, технички, веќе беа мртви само за да им мине редот, а имаше деца на возраст од 4 или 5 години. Мислам дека ќе имаме многу повеќе жртви“, вели тој.
Амониум нитратот може да има „ужасен ефект врз човечкото тело, а последиците ќе ги гледаме и за неколку години“, вели Бтеич. Делови од градот се практично уништени. „Личи како Хирошима“, вели хирургот.
Многу семејства кои живееја во близина на експлозијата останаа без своите домови, отворајќи нов проблем. Според градоначалникот на Бејрут, Марван Абуд околу 300,000 луѓе останале без кров над глава.
Некои жители на социјалните мрежи им нудат сместување на своите сограѓани, додека хотелиерите ги постираат своите телефонски броеви под хаштагот "#ourhomesareopen" (нашите домови се отворени).
Страотната експлозија во Бејрут од повеќе агли
00:25
Политички хаос
Иако за многумина е прерано да размислуваат за влијанието кое експлозијата ќе го има врз нивните животи, аналитичарите велат дека бесот кон одговорните ќе предизвика голем политички потрес.
„Очекувањата се дека после ова, кога ќе почне истрагата за тоа кој е одговорен, тоа ќе произведе нов хаотичен проблем затоа што нема речиси никаква доверба меѓу либанските граѓани и властите“, вели дописникот на ДВ од Бејрут Разан Салман. „Ова е дополнение на економската криза во која се наоѓа Либан од октомври“.
Пред експлозијата, во Либан се очекуваше пресудата на меѓународното судење против осомничените убијци на поранешниот премиер Рафик Харири. Пресудата ќе создадеше дополнителни политички тензии во земјата која веќе врие од незадоволство и протести против секташката политика и корумпираните политичари. Но, пресудата во меѓувреме беше одложена за 18 август..
„Никој не размислуваше за тоа во моментов“, вели Салман. „Сите се се уште во шок, во панија. Мислам дека никој не размислува за пресудата повеќе“.
Дали ова може да биде моментот за единство и обединување на граѓаните на Либан, останува отворено прашање.
„Не ми е гајле што се крие зад ова, дали е несреќа, намерно или политички предизвикано- загубите кои ги претрпевме се колосални и не очекувам Бејрут наскоро да се опорави од ова“, вели Бтеич.
Низ фотографии: Бејрут по експлозијата- урнатини, хаос, спасувачки напори
Во Либан денеска е ден на национална жалост по катастрофалната експлозија во главниот град во која досега загинаа 100 лица а повредени се илјадници. Болниците во градот брзо се преполнија и апелираа за донирање крв.
Фотографија: Reuters/M. Azakir
Паника во Бејрут
Страотната експлозија која ги потресе Бејрут и предградијата на либанската престолнина, предизвика паника кај жителите. „Никогаш во животот не сум видел волку голема катастрофа“, изјави гувернерот на Бејрут за локалната телевизија.
Фотографија: Reuters/M. Azakir
Експлозијата почувствувана и во предградијата
Експлозијата која се случи во пристаништето во центарот на Бејрут, беше почувствувана низ целиот главен град. Дури и жителите на предградијата пријавија дека ја слушнале експлозијата, а некои сведочеа дека и прозорците им се разнишале.
Фотографија: Reuters/K. Sokhn
Десетици згинати, илјадници повредени
Министерството за здравство во Либан соопшти дека досега најмалку 100 луѓе загинале, а повеќе од 4.000 се повредени.
Фотографија: Reuters/M. Azakir
„Неприфатливо“ складирање на амониум нитрат
Премиерот Хасан Диаб изјави дека големи залихи од 2.750 метрички тони амониум нитрат во магацин на пристаништето ја предизвикале силната експлозија. „Неприфатливо е дека пратка од 2.750 тони амониум нитрат е присутна веќе шест години во магацин, без да се преземат превентивни мерки“, рече Диаб.
Фотографија: Getty Images/AFP/STR
Трка за спас на преживеаните
Повеќе од 30 екипи на Црвениот крст учествуваат во спасувачките напори, а многу помагаат и многу жители на Бејрут. Болниците алармираа дека брзо ги надминале капацитетите - и апелираа на крводарителство, како и за генератори за да помогнат во обезбедувањето на електрична енергија.
Фотографија: picture-alliance/AA/H. Shbaro
Експлозијата почувствувана дури и на Кипар
Експлозијата во Бејрут предизвикала и силен потрес со интензитет од 3,5 степени според Рихтеровата скала, соопшти германскиот центар за геолошки науки ГФЗ. Жителите на средоземоморскиот остров Кипар, на околу 110 километри оддалеченост од Бејрут, сведочеа дека ја слушнале и ја почувствувале експлозијата.
Фотографија: Getty Images/AFP/STR
Во потрага по роднините, пријателите...
Бројни жители на Бејрут веднаш по експлозијата истрчаа на улица во потрага по своите роднини и пријатели... Дописникот на ДВ, Басел Ариди посети болница во Бејрут по експлозијата. „Она што го видов во болницата беше многу драматично. Сите болници најавија дека се тотално преоптоварени“.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/H. Ammar
Двенеделна вонредна состојба
Либанските власти стравуваат дека многу повеќе луѓе се затрупани под урнатините. Претседателот Мишел Аун закажа итен состанок на кабинетот и порача дека треба да се прогласи двонеделна вонредна состојба.
Фотографија: Getty Images/AFP/STR
Либан се соочува со двоен удар
Уништувачката експлозија се случи во период кога Либан доживува сериозни економски турбуленции, при што многу луѓе излегоа на улиците во последните месеци за да протестираат поради катастрофалната финансиска состојба. Денеска во Либена е прогласен национален ден на жалост за жртвите од експлозијата.