1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бибер: Ова се одлучувачки избори

Елизабета Милошевска Фиданоска
7 декември 2016

Искушението да се влијае врз резултатите од изборите во сопствена полза ќе биде големо, зашто не се работи само за власта, туку и за можноста да се заврши в затвор, вели за ДВ добриот познавач на Балканот, Флоријан Бибер

Mazedonien | Kundgebung der Oppositionspartei SDSM in Skopje
Фотографија: REUTERS/O. Teofilvovski

ДВ: Од Македонија се вративте пред неколку дена. Како Ви изгледаше атмосферата во земјата среде кампања?

Флоријан Бибер: Многу напрегната. Се забележува дека многу работи зависат од изборите и дека е релативно нејасно каков ќе биде резултатот од нив. Оттука, би рекол дека ситуацијата е со отворен исход и има големи тензии.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, вели дека народот на 11 декември ќе ја реши кризата. Тој бара мнозинство гласови за да „не бидеме уценувани“. Што очекувате Вие? Ќе добие ли владејачката партија повторно неопходно мнозинство или ќе дојде можеби до пресврт?

Тешко е да се прогнозира, особено што анкетите покажуваат релативно тесен исход од изборите. Значи, не е јасно кој ќе биде победник. Досегашната владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ има голем интерес да се одржи на власт, со оглед на тоа што не се работи само за власт, туку и за соочување со обвинувањата против партијата и, се разбира, ризикот, кој е голем - ако се загуби власта, не се губи само власт, туку можно е да се заврши и в затвор, односно доколку се победи на изборите има можност да се издејстува сите овие скандали да се заборават. Мислам дека ќе биде големо искушението да се влијае врз резултатите во сопствена полза. Мора прецизно да се набљудува како се спроведуваат изборите, колку се чисти. Кога сето ова ќе се има предвид многу работи се на коцка. Мислам дека и за опозицијата многу работи се на коцка, затоа што ако загуби на изборите и не дојде на власт, голема е веројатноста да биде истуркана натамошно на маргините. Поради сето тоа, мислам дека се ова одлучувачки избори. Тешко може да се предвиди кој би победил. Тука голема улога се разбира игра и јачината на партиите за кои гласаат Албанците.

Флоријан БиберФотографија: Uni Graz

ЕУ инсистира на спроведување на реформите, односно препораките од Извештајот на Прибе, како излез од кризата. Ако се имаат предвид работата на Специјалното јавно обвинителство и скандалот со прислушувањето, би биле ли можни длабоки реформи во случај на победа на ВМРО-ДПНЕ?

Тоа е многу неверојатно, меѓу другото и затоа што партијата, односно Никола Груевски, недвосмислено кажа дека исход кој би се интерпретирал како изборна победа би значел и крај на меѓународната интервенција, што значи партијата де факто се бори, води кампања во насока, така да се каже - ако победи, ќе биде ставен крај на истрагите. Со оглед на тоа, тешко е да се верува дека оваа партија потоа критички би се соочила со овие прашања и дека би му дозволила на СЈО да си ја продолжи работата. Се разбира, доколку партијата победи ќе има притисок однадвор, на пример во првите редови на ВМРО-ДПМНЕ да избијат други политичари и процесот да продолжи. Само што можностите за вршење притисок однадвор се многу ограничени, а владејачката партија новиот мандат сигурно ќе го интерпретира така што ќе создаде состојба која ќе ѝ овозможи полесно да се спротивстави на ваквиот притисок. Значи, мислам дека навистина супстанцијален третман на проблемите опфатени со Извештајот на Прибе не може да се замисли во случај на изборна победа на ВМРО-ДПМНЕ.

Како гледате на евроатлантската иднина на земјата? Дали иднината зависи од составот на идната влада?

Се разбира. Мислам дека со влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ е тешко да се претстави напредување на процесот на приклучување кон НАТО и ЕУ. Мислам дека прво ќе биде тешко подобрувањето на внатрешнополитчката демократска состојба. Исто така, тешко е замисливо дека партијата ќе биде подготвена на компромис со Грција, што пак е неоходно за да се постигне напредок. Мислам дека во тој дел ќе биде многу тешко да се постигне напредок, што не значи дека ако опозицијата победи напредувањето би било полесно. Имаме криза на НАТО, криза на ЕУ, така што напредок е многу тежок, а блокирачкиот став на Грција во последните години, во врска со Македонија, беше секогаш многу непродуктивен и сигурно нема да биде лесно тоа да се промени, иако има сигнали дека односите меѓу Македонија и Грција на неформално, техничко ниво, се подобри отколку што беа во изминатите години. Извесен потенцијал сигурно постои, но на крајот дали ќе има пробив во односите ќе зависи и од тоа колку другите земји, на пример Германија, се залагаат за решение на конфликтот. Во тој дел, за жал, состојбата не е многу охрабрувачка, затоа што поради ЕУ-кризата и вкупната кризна состојба во светот, веројатноста дека ќе се најде енергија и мотивација за ова прашање, не е многу голема.

Во ЕУ има две различни струења, кои делумно влечат во различни насоки, вели БиберФотографија: AP

Дали Западот има искрен интерес за состојбите во Македонија или на оние што се на власт сѐ им се простува сѐ додека нема безредија и бегалците не можат да се движат кон север?

Во ЕУ и Западот има различни ставови. Не станува збор за еден актер, туку за различни актери со различни позиции. Како што видовме од посетата на австрискиот министер за надворешни работи Себастијан Курц на Македонија и неговиот настап на митингот на ВМРО-ДПМНЕ, има став дека стабилноста и соработката по прашањето на бегалците треба да имаат предност пред внатрешнополитичките реформи и ЕУ-интеграцијата. Ваквото гледање на работите сигурно не е и единствената позиција. Има и други позиции во рамките на ЕУ. На пример, сметам дека Германија, со именувањето на специјален пратеник за Македонија, покажа дека е заинтересирана за внатрешнополитичката состојба и за демократизација која ги надминува рамките на прашањето на стабилноста. Би рекол дека во ЕУ има две различни струења, кои делумно влечат во различни насоки.

Многу македонски граѓани не веруваат во брзо оздравување на македонската демократија. Како вие гледате на блиската иднина на Македонија?

Мислам дека изборите се шанса, но се разбира, една демократија во криза не може да се реструктуира преку ноќ. Значи, не се работи само за можноста за надминување на кризата преку Специјалното обвинителство и други процеси, туку мора да се променат структурите. Јавната управа е многу детерминирана од партиската политика и, би рекол, делумно од еднострани политички одлуки кои ја поткопуваат правната држава. Сето тоа не може да се реструктуира преку ноќ. Тоа е долгорочен процес и за цивилното општество, во случај на победа на опозицијата, ќе биде голем предизвик да внимава таа да не ги преземе овие структури на досегашната влада и да ги употребува во сопствен интерес, туку навистина да спроведува реформи и системот повторно темелно да го доведе во насока кон демократија. Од искуствата од други земји знаеме дека тоа е долгорочен процес, кој не може да се заврши преку ноќ. Во најдобар случај, тоа ќе биде долгорочен процес.

Проф. д-р Флоријан Бибер е раководител на Центарот за југоисточноевропски студии на Универзитетот во Грац, Австрија. Во својата научна работа главно се занимава со политичките системи на земјите од Југоисточна Европа, како и со процесот на демократизација и етнички конфликти. Важи за еден од најдобрите познавачи на Балканот во германското говорно подрачје.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми