Бизнисот се гуши во „беспарица“
30 септември 2015Неликвидноста станува хроничен проблем за македонското стопанство. Компаниите се соочени со сериозен недостиг на свежи пари, меѓусебните долгови тешко се наплаќаат, посебно парите што ги должи државата. Банките даваат кредити, но исто така со забавена динамика. Бизнисмените се загрижени дека допрва следуваат уште потешки денови и тоа не само поради актуелната политичка криза и предизбоирниот период кој се очекува да биде турбулентен:
„Има голем проблем со компаниите и работењето, јас многу одамна нагласував дека тоа ќе се случи. Тоа е очигледно по приходите во буџетот од уплатата на ДДВ кои се пониски што пак сигнализира дека прометот е драматично намален. На компаниите им е намалена активноста и во многу лоша состојба е „кешот“. Актуелната криза влијае директно на компаниите што работат со државата а останатите компании си патат од владата и од бизнисот. Еве конкретно јас постојано молам за свои пари, дури и од приватните компании, тоа е страшно. Затоа постојано апелирам, бизнисот едноставно треба да ја остави политиката и да не се меша во нејзе, да не ја финансира, туку да работи за себе. Факт е дека во цел свет има многу поквалитетен кадар во бизнис елитата, отколку во политиката. Прашувате дали политиката ќе го остави бизнисот, но ако бизнисот не се занимава со политиката на крај и политиката нема да може да се занимава со бизнисот. Има компании кои живеат и работат од државните тендери, тие треба да се загрижени за политичката ситуација, но тие не се 100% од македонското стопанство, верувам дека не се ниту 10%. Значи ако тие ја носат целата добивка на македонското стопанство тогаш бизнисот сериозно треба да се запраша што работи? А допрва ќе имаме тежок период најмалку уште две години. Па погледнете што доби Романија кога Маковеј им беше специјален обвинител, како и одеше на романската економија? Така сега ќе и оди и на нашата. Кога се немаше храброст да се направи експертска Влада од една година сега ќе биде катастрофа“, предупредува бизнисменот Горан Рафајловски, претседател на комората на Град Скопје.
Наплатата од јавните претпријатија оди тешко
Инаку според дел од анализите на бизнис заедницата нивото на наплата на меѓусебните долгови кај компаниите е зголемено со оглед на механизмите за наплатата кои се активираат. Но проблемот е што во овој систем не се вклучени и јавните претпријатија каде наплатата оди тешко. Затоа бараме и го дигаме гласот, но немаме шанса да ја промениме таа приказна во услови кога државата е најголем бизнис партнер.
„Повикот од стопанството не треба да се сфати како критика туку како поттик за подобрување на ликвидноста и зголемување на нивниот капацитет, умерената активност и намалените параметри на раст на економијата. Сега во овој момент загрижува тоа што цената на капиталот е уште висока со оглед дека компаниите тешко доаѓаат до свежи пари. Оттука и нашата континуирана заложба да имаме поголема кредитна поддршка особено за оние извозно организирани компании кои имаат ненормална потреба од капитал особено во делот на гаранции, пари кои не се со комерцијална основа. Затоа сметаме дека е потребна докапитализација на Македонската банка за поддршка и развој. Бараме таа да се докапитализира бидејќи сега е многу мала и не одговара на потребите и затоа државата мора да работи на тоа. Видете, ако како приватен домашен сектор не уживаме субвенции како странските инвеститори тогаш таквиот вид на поддршка е неопходен за стимулирање и подобрување на перформансите на нашето стопанство“, коментира за Дојче веле Антони Пешев, бизнисмен и актуелен претседател на собранието на Стопанската комора на Македонија.
Проблеми од германската политика на штедење
Во услови на намалена ликвидност дополнителен проблем или лош сигнал според Рафајловски се и случувањата во Европа, традиционално најголемиот трговски партнер на македонската економија. Тој е посебно загрижен од политиката на Германија во делот на амортизирање на последиците од кризата:
„Ликвидноста е проблем две ипол децении а втор голем проблем е Германија која води штетна економска политика во последниов период. Со политиката на штедење, намалени нарачки, намалена потрошувачка таа клекна на колена мега економии и е сериозна закана и за микро економиите како нашата. Посебно ако се земе предвид фактот дека 80% од извозот е кон Германија и ако тој се намали, а веќе има сигнали во делот на нарачките тогаш ќе биде лошо. Затоа јас постојано предупредувам дека Германија делува премногу заштитнички за своето стопанство, не дека тоа е погрешно но го прави премногу. Таквата политика им прави штета на останатите економии а долгорочно ќе и направи и нејзе бидејќи со кого таа ќе работи. Затоа се чудам што таа иста политика се тера уште од стартот на кризата во 2008 година и ништо друго не се прави“, предупредува Рафајловски.
Според Комората, во моментов само во наредниве пет години, на Македонската банка за поддршка и развој и се потребни околу 60 милиони евра само за стимулирање на претпријатијата. Споредбено, Хрватската развојна банка има 1,4 милијарди евра пари кои и служат за развој на економијата и на компаниите. Нашата банка пак од 2008 досега, има пласирано околу 350 милиони евра за поддршка на македонската економија и на домашните претпријатија.