1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Бионтек и Фајзер бараат дозвола за вакцина за бебиња

Сузане Ајкенфондер
2 февруари 2022

Фармацевтските компании Бионтек и Фајзер поднесоа барање во САД за дозвола за вакцина против коронавирус наменета за бебиња и мали деца.

Coronavirus - Impfung beim Kinder- und Jugendarzt
Фотографија: Fabian Sommer/dpa/picture alliance

Вакцината против коронавирус на германската фармацевтска компанија Бионтек и нејзиниот американски партнер Фајзер би требало да им се дава на деца на возраст од 6 месеци до 4 години, соопштија двете компании. Доколку американската агенција за лекови ФДА даде дозвола за вакцината, тоа ќе биде прва вакцина против коронавирус за деца во оваа возрасна група. Компаниите нагласуваат дека своето формално барање за дозвола го поднесле „по барање“ на ФДА, поради зголемениот број на инфекции со Омикрон. Агенцијата за лекови на Твитер соопшти дека барањето ќе го разгледува на 15 февруари. „Приоритет е да се има безбедна и ефикасна вакцина за деца во оваа возрасна група“, соопшти вршителката на должност шеф на ФДА, Џенет Вудкок.

Барањето се однесува на две дози од вакцината, со значително намалено количество од супстанцијата. Тоа на родителите би им дало „можност да почнат со вакцинирање на своите деца против Ковид-19, додека чекаат на можна дозвола за трета доза“, објаснува шефот на Фајзер, Алберт Бурла. Податоците од студиите за третата доза „се очекуваат во наредните месеци и ќе ѝ бидат доставени на ФДА за можно проширување“ на ова прво барање, соопштија фармацевтските компании.

На почетокот на јануари ФДА дозволи бустер вакцина за деца над 12-годишна возраст. Освен тоа, дадена е и дозвола за трета доза задеца на возраст помеѓу 5 и 11 години кои имаат многу заслабнат имунолошки систем.

Барањето за дозвола се однесува на две дози од вакцината, со значително намалено количество од супстанцијатаФотографија: Joseph Prezioso/AFP/Getty Images

Постапката за дозвола во Германија сѐ уште трае

Постапката за давање дозвола за вакцината на Бионтек за мали деца во Германијанајверојатно ќе трае со месеци. „Компанијата Фајзер соопшти дека резултатите од клиничките студии во возрасната група од 6 месеци до 4 години се очекуваат во април 2022 година“, изјави портпарол на германското Министерство за здравство за весниците од медиумската групација „Функе“. За дозвола по забрзана постапка овие податоци потоа треба прво да ѝ бидат доставени на Европската агенција за лекови ЕМА. 

- повеќе: Вакцинирање на децата против коронавирусот– секоја земја со свои препораки и правила

Претседателот на Германското друштво за медицина за деца и млади, Јерг Деч, не е уверен во ползата од вакцината за мали деца. „За такво нешто тежината на болеста, токму по зараза со Омикрон, не е доволно голема за тоа (вакцината, н.з.) да се оправда“, изјави за медиумската групација „Функе“, Јерг Деч, кој е и член на експертскиот совет на германската влада за корона. Тој смета дека вакцинирање со две дози „уште пред да заврши студијата“ за трета доза, „за нас не е добар пат“.

„Доколку функционира, тогаш се имало среќа. Доколку не, тогаш децата без потреба се боцкани по двапати“, изјави Деч.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми