1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бирократијата ги кочи германските инвестиции во БиХ

Азер Слањанкиќ / Елизабета М. Фиданоска18 август 2014

Германија е главен надворешнотрговски партнер на БиХ. Сепак, многу работи босанските власти му ги препуштаат на случајот или на комликуваната бирократија, велат претставниците на германското стопанство.

Фотографија: klix.ba

„Кој еднаш ќе се напие вода на Башчаршија, секогаш и‘ се враќа“. Оваа поговорка би можела да се примени и на германските стопанственици кои се активни во Босна и Херцеговина. „Повеќето се задоволни со остварените деловни резултати“, вели Анја Квиринг од Одборот за исток во Здружението на германските стопанственици.

„Во периодот од 2012 до 2013 година остваривме раст на трговскиот промет меѓу Германија и БиХ за 4 отсто. Со 1,3 милијарди евра таков промет, Германија е најважен надворешнотрговски партнер на БиХ.“

Квиринг вели дека БиХ има големи потенцијали во бранши како автоиндустријата, односно испорака на делови за автомобили, дрвната и металопреработувачката индустрија, но и дека постојат можности за развој на услуги во информатичката бранша.

Комплексната структура на властите ги збунува Германците

„Четиринаесетте различни влади, секоја со свои прописи, се сигурно најголемата пречка за поголеми инвестиции на германските бизнисмени“, оценува Александер Мердијан, шеф на Делегацијата на германското стопанство во БиХ. Гломазниот и неефикасен бирократски апарат е она што претставува најголем проблем.

Александер МердијанФотографија: AHK

„Кога сакате да покренете фирма во БиХ, или ако веќе ја имате, тогаш надлежностите за таа фирма се протегаат од локалните, преку кантоналните и ентитетските, па до државните власти. Често не се знае кој е за што задолжен, или надлежностите се преклопуваат. При сето тоа, БиХ воопшто нема лоши закони, единствено воопшто не е дефинирано кој е задолжен да спроведува одредени одредби од нив.“

На германските фирми во БиХ им е потребен куп различни дозволи, но тие немаат партнер во власта кому би му се обратиле, нема никого кој може да ги упати. Затоа е многу важно инвеститорите добро да размислат за тоа каде сакаа да подигнат фабрика. Постојат општини кои се ислучително отворени за инвестиции.

„Општините Тешањ, Теслиќ, Жепче, па и Какањ, Читлук, Лакташи и Бања Лука - сето тоа се подрачја каде локалните власти вложуваат големи напори за да им се најдат на инвеститорите при рака и им помагаат во борбата низ бирократските пречки“, вели Мердијан.

„Од врата до врата“

Низ бирократската шума морал да се пробива и Хорст Ајзенахер, менаџер на фирмата Веритас АГ која произведува делови за автомобили. Кога во 2010 година неговата фирма одлучила да префрли дел од производството од Унгарија во БиХ, првите проблеми настанале веќе при обидот да се добие дозвола за престој. „За среќа, имав познаничка која работеше за Бундесверот и имаше искуство во тоа. Таа ме водеше ’од врата до врата’ додека не добив дозвола.“

Шефот на германската дипломатија Штајнмајер во разговор со Ајзенах за време на посетата на погонот на Веритас во Рајловац (27.05.2014)Фотографија: klix.ba

Шест месеци подоцна фирмата се‘ уште ги немала сите потребни документи, а неговата дозвола за престој и работа во БиХ истекла. „Очекував, како во Германија, едноставно да ми ја продолжат постоечката дозвола, конечно го имаат целото мое досие. Но прво морав поворно да поминам низ целата процедура од почеток, како да ме гледаат првпат.“

Затоа германските претприемачи со кои разговаравме препорачуваат ангажирање локална адвокатска канцеларија или наоѓање деловен партнер во БиХ. Тие многу подобро ги познаваат процедурите и можат да бидат од голема помош.

Каде е Босна, а каде Кина?

Според резултатите од некои истражувања во Германија, речиси секој петти бизнисмен кој отворил погон во Кина размислува да се повлече. Платите на работниците пораснаа и таму, трошоците за транспорт исто така, а многу бизнисмени се жалат на „нелојалност на работниците“. Дали е тоа шанса за БиХ?

Веритас планира проширување на производството во БиХФотографија: klix.ba

„Кога се одлучивме да го префрлиме производството во БиХ знаевме дека регионот на Сараево има традиција во производството на автоделови за Фолксваген. Знаевме и дека таму има многу невработени. Потоа се покажа дека тие луѓе биле одлично обучени за работа“, нагласува Ајзенахер. Веритас АГ сега во Рајловац кај Сараево вработува 150 работници. Планирано е проширување на производството, воведување нови производни линии и вработување нови луѓе.

БиН денес е во жестока конкурентска борба за привлекување странски инвеститори, не само со помалку развиените членки на ЕУ, како Бугарија, Романија, па и Хрватска, туку и со другите земји во регионот. Анја Квиринг истакнува дека инвеститорите може да бираат и дека многу нешта зависат од ставот на властите кон нив. „Тие велат - зошто да влезам во земја каде политичарите не се во состојба да донесат каква било одлука? За почеток, на БиХ и‘ е потребна ефикасна власт.“

Анја КвирингФотографија: Ost-Ausschuss der Deutschen Wirtschaft

Сепак, и покрај сите проблеми со бирократијата, па и корупцијата, германските стопанственици кои се веќе активни во БиХ се главно задоволни. Според едно истражување на Делегацијата на германското стопанство, 75% од претприемачите кои инвестирале во таа земја повторно би го сториле истото.

Во моментов, во БиХ се активни околу 150 германски фирми. Се потврдува правилото дека еден инвеститор привлекува друг. „Нашите деловни партнери во Германија се распрашуваа какви ни се искуствата“, вели Ајзенахер. „Кога им раскажавме за нашиот деловен успех и тие одлучија да се обидат да органзиираат производство во Рајловац. Конкретно, се работи за една фирма која се занимава со монтажа на електроуреди.“

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми