1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бислимовски за ДВ: Нема причини за поскапување на струјата!

Костадин Делимитов
5 октомври 2021

Потребите за струја по регулирана цена за домаќинствата се обезбедени најмалку до Нова година, уверува првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика. Бизнисот и експертите се загрижени, бараат заштитни мерки.

Symbolbild Stromzähler & Strompreis | Klimadebatte
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Woitas

Глобалната енергетска криза и вртоглавиот раст на цената на струјата на светските берзи ја притиска и македонската економија, но дали и до толкава мера да се алармира со панични сценарија? Бизнисот се жали дека е веќе на удар од поскапи сметки и проблеми во набавката на потребните киловати и бара да се интервенира за да се спречат можни ценовни шокови. Проблемите се евидентни, но какви и колкави се последиците, засега конкретни бројки нема. Притисокот е врз сите што се на слободниот пазар и купуваат струјапреку директни договори со лиценцираните трговци. Но не и кај домаќинствата каде цената односно пазарот и натаму е регулиран од страна на државата. Надлежните уверуваат дека состојбите во овој сегмент се стабилни и не гледаат причини за посебна загриженост:

„Нема причина да се прави каква било паника. Граѓаните треба да бидат мирни оти ‘А.Д. Електрани' го покрива пазарот во целост и ги обезбедува потребните количини на електрична енергија. И тоа по 36 евра за мегават час во услови кога цената на светските берзи е 140 или 150 евра. Обезбедени сме до Нова година, но и потоа, ќе имаме тендер и А.Д. ЕСМ повторно ќе има понуда и не мислам дека може да се очекуваат промени. Така што засега не гледам причини за корекции на цената на струјата која, да ве потсетам, се утврдува секогаш во јуни“, изјави за Дојче веле Марко Бислимовски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика.

Марко Бислимовски: Нема причина за паникаФотографија: DW/K. Delimitov

За случувањата на светските берзи тој смета дека се резултат на повеќе фактори, меѓу кои и шпекулации кои влијаат и на домашниот пазар:

„Ова што се зголемуваат цените на берзите е на слободниот пазар. Во принцип никаде нема зголемување на трошоците на производство во Европа, ова е пред се шпекулативно направено. Станува збор за инцидентна ситуација. Ние се бориме да ги задржиме снабдувачите, има такви кои си ги гарантираат цените но започнавме постапка за некои од нив кои се покажаа несериозни и незаконски ги откажаа договорите. Едноставно вршиме притисок да си ги завршат обврските. Компаниите имаат проблеми, но за тоа ние како регулатори не можеме повеќе да сториме. За тој дел на потег е државата, односно Владата“, укажува Бислимовски.

Апел поради вонредна состојба

Заклучно со 30 септември, на македонскиот пазар егзистираат 58 лиценцирани трговци со електрична енергија. Тие се дел од Стопанската комора за енергетика од каде неодамна беше испратен апел дека состојбата станува вонредна:

„Неодамна предупредив дека сме во вонредна енергетска состојба и дека цената ќе дојде до 190 евра. Кажавме дека ова ќе доведе до одземање на лиценците за трговците доколку не им се помогне. На пазарот тие продаваат по 70, 80 евра, а набавната е веќе двојно поскапа, па и повеќе. Ова е светски проблем, но имаше начини како ние да се заштитиме. Ние сме Стопанска комора за енергетика и ги следиме состојбите во минута, детално и прецизно преку податоци кои ги немаат ниту во Владата ниту во Регулаторна комисија за енергетика. Ниту сме Влада, ниту опозиција и позиција, туку кажуваме реално и кој како ќе сака да разбере нека нѐ разбере“, коментира за Дојче веле Ѓорѓи Манасков, претседател на Стопанската комора за енергетика.

Тој веќе не сака да зборува за загриженост, туку за потреба од итно преземање мерки, бидејќи нивните прогнози се дека работите се движат кон полошо:

„Нашите проценки се дека ова ќе се случува до февруари, кога ќе дојде до одредено олабавување, но ценатанема да падне. Вака ќе се држи можеби уште година до две, според оние пресметки кои што ние ги гледаме и се резултат на консултациите кои што ги имаме со Брисел, Германија, Полска, Чешка, Русија. Еден од начините да се стопира оваа криза е примерот на Шпанија, која ја замрзна цената. Има начини како да се добијат и средства за државата ова да може да го стопира и надмине. Не е целта да се биде загрижен, туку да се преземат мерки навремено затоа што оди полошо и полошо. Затоа мора да се седне и да се договори начинот како тоа да се обезбеди, вклучително и за потребните средства за покривање на субвенциите, за тоа да не ги удри по џеб граѓаните и компаниите“, укажува Манасков.

Проблемот со цената на струјата ја истакнува потребата од инвестиции во енергетикатаФотографија: Andreas Franke/dpa/picture alliance

Итни мерки и решителност во справување со предизвикот бараат и од Стопанската комора на Северна Македонија. Оттаму апелираат на зголемување на домашното производство, поенергично дејствување на Регулаторот против манипулативното откажување на договорите, но и јасни прогнози за наредниот период за да може компаниите да имаат предвидливост при кроењето на бизнис плановите.

Во Владата се работи на случајот

Од Владата уверуваат дека преземаат мерки за стабилизација на состојбите. Но дали и што конкретно ќе произлезе од иницијативата и барањата на бизнис заедницата и комората за енергетика, засега официјално не споделуваат информации. Дојче веле дознава дека во Владата веќе е мобилизиран работен тим кој вклучува и експерти за да се разгледа состојбата и да се преземат конкретни чекори.

Премиерот Заев вели дека и досега државата водела сметка за стабилизација на состојбите и преземала мерки од социјален аспект. Како пример, се наведува намалувањето на данокот на додадена вредност за електричната енергија од 18 на 5%, со што се амортизираат дел од трошоците кои би биле на товар на граѓаните. Дополнително вели дека државата го обезбедува производството на струјата и нејзината дистрибуција до граѓаните.

Енергетска криза во Европа

Енергетската криза во Европа ја предизвика зголемената побарувачка на гасот што влијаеше на зголемување на неговата цена. Една од причините за ваквиот тренд е глобалниот економски подем, како последица на укинување на ковид - ограничувањата и отворањето на економиите. Дополнително и намаленото производство на гас од страна на Европа, како и помалиот извоз на рускиот гас на европскиот пазар. Веста за полнењето на првиот дел од гасоводот „Северен тек 2“, кој оди под Балтикот од Русија до Германија би можело да ги релаксира состојбите, односно да помогне во решавањето на проблемот со актуелниот недостаток во снабдувањето со гас што директно влијаеше на неговата цена.

Енергетската криза во Европа која директно влијае и на зголемената цена на струјата само ја покажува неопходноста односно потребата од инвестиции во енергетиката. Македонските власти во изминатиов период ги засилија активностите во насока на инвестирање во т.н. Зелена агенда со фокус на обновливи извори на енергија. Но исто така и надвор, во енергетски капацитети кои треба да обезбедат помирна иднина. Конкретно, во проектот за гасна централаАлександрополис Грција, преку кој Северна Македонија ќе обезбеди директен пристап до природен гас од Азербејџан, односно течен гас од САД и други земји.

Овој проект според Владата е историски и ќе обезбеди долгорочна стабилност во делот на енергетиката. Експертската фела пак сѐ уште го спори. Дел се против и сметаат дека парите кои таму ќе се инвестираат, износ од повеќе од половина милијарда евра, би било подобро да се искористат во обнова и изградба на нови домашни енергетски капацитети. Дел пак сметаат дека инвестицијатаноси повеќекратна добивка за Северна Македонија, не само од аспект на стратешкото позиционирање и обезбедување сигурен извор на енергенси, туку и економски преку можноста за транспорт на гасот во земјите од регионот.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми