„Битката“ за Македонија ќе се бие до последен момент
7 декември 2009Додека за речиси сите други земји е извесен исходот од денешниот совет, македонското прашање останува камен на сопнување.
Македонија од Советот очекува да ја усвои препораката на ЕК и да и‘ се одреди конкретен датум за старт на претпристапните преговори.
Грција не би сакала заклучоци за Македонија
Грчки дипломатски извори пак велат дека Атина би сакала Македонија воопшто да не влезе во денешните заклучоци, со што би се избегнала грчката блокада поради спорот за името.
Но, мнозинството земји членки на ЕУ притискаат за формулација со која ќе се охрабрат македонските власти и граѓани да продолжат со своите напори.
Во тој случај, прашање е дали и како ЕУ ќе се осврне на спорот со името.
Грчките дипломати во Брисел порачуваат дека за нив најсоодветна би била формулацијата од Букурешт, односно да и‘ се порача на Македонија дека ќе ги започне преговорите штом се реши спорот со јужниот сосед.
Надежите постојат
Од препораката на Европската комисија и новата влада во Грција се врати надежта дека проблемот може многу бргу да се реши доколку се има волја од двете страни.
Претседателот на ЕК, Жозе Мануел Баросо пред неколку денови на средба со македонскиот премиер Никола Груевски порача дека е крајно време да се тргне ова прашање од дневен ред и да се оди напред кон ЕУ
Од Советот на ЕУ велат дека овој викенд се остварени низа билатерални контакти помеѓу со Скопје и Атина и дека шведското претседателство се труди да извлече максимум од денешниот состанок во делот за Македонија.
Битката ќе се бие до доцна попладне, оценуваат дипломатите во Брисел, а не е исклучено да не се постигне договор денеска, и дебатата да продолжи и утре.
Сепак, и шведското претседателство и Грција би сакале да ја заокружат расправата за Македонија денеска.
Автор: Тања Милевска
Редактор: Жана Ацеска