1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Битката против „Рекетот“ ги симнува последните пречки за ЕУ

Костадин Делимитов
13 септември 2019

Извесниот старт на преговорите за членство во ЕУ ќе ја заостри битката за владеење на правото. Позитивните пораки од Берлин, за упатените се повеќе од охрабрувачки.

Berlin - mazedonische Flagge
Од Берлин доаѓаат охрабрувачки сигнали за датумот за евроинтеграциитеФотографија: DW/S. Padori

Тоа што со претходната власт беше невозможно, со актуелната стана можно. Вака накусо може да се сумира оценката на официјален Берлин во однос на она што се случува во делот на владеењето на правото. Битката против криминалот, корупцијата, продолжување на процесите кои ги започна СЈО за расчистување со индициите за криминал на високи функционери, скандалот „Рекет". Процесите одат тешко и бавно, ама она што е битно е дека тие не влијаат на европскиот пат на земјата, туку напротив. Изјавата на шефот на германската дипломатија Мас дека сите пречки за Северна Македонија се отстранети и пораката од пратеникот на ЦДУ,  Гунтер Кирхбаум, дека во октомври следува зелено светло во Бундестагот за старт на преговорите за членство во ЕУ, се повеќе од охрабрувачки, но и очекувани:

„Оваа вест беше очекувана со оглед дека уште пролетта, кога ние очекувавме датум за преговори, канцеларката Меркел најави дека Македонија има добри шанси и дека на седниците на Бундестагот ќе помине поддршката за утврдување на датумот за почетокот на преговорите. И секако дека ова не е случајна изјава на шефот на германската дипломатија, туку таа пред сѐ се базира врз досегашните реформи, достигнатите промени и пред сѐ на Договорот од Преспа. Да не заборавиме дека се работи само за почнување на преговорите, а додека вистинската тежина и содржина на тоа што претпоставуваат тие преговори, како реформи и сите поглавја што треба да се поминат, практично започнуваат со тој датум. Затоа мислам дека кога ќе ги споредиме оние оптимистички тврдења и на министерот за надворешни работи на Франција, а и сега од Берлин, можеме да бидеме оптимисти дека конечно ќе добиеме во текот на октомври датум за почеток на преговорите“, изјави за Дојче веле поранешниот дипломат Нано Ружин.

Шефот на германската дипломатија Хајко Мас не гледа веќе никакви пречки за Северна Македонија да ги започне преговорите за членство со ЕУ (фото: македонскиот министер за надворешни работи Димитров кај колегата Мас во Берлин, 12.09.2019)Фотографија: MFA of North Macedonia

Преговорите се позитивен импулс

Она што посебно охрабрува, според него, се и пораките дека случајот „Рекет" и неуспехот да се најде компромис околу Законот за јавно обвинителство нема да влијаат негативно на процесот, кој само ќе даде ветар во едра во нивно целосно расчистување:

„Аферата Рекет е една афера која е откриена и тоа е добрата страна, бидејќи вообичаено, кога се работи за значајни личности во разни криминогени процеси, обично власта настојува да ги замаскира, што беше случај со режимот на Груевски. Затоа не треба не изненади што поддршката за Македонија доаѓа од држава која што е позната по владеење на правото“, смета Ружин и додава дека воедно тоа е поддршка и на државата, на политичката гарнитура, а пред сѐ на правната, да се фати во костец со сите оние фактори кои влијаат на непочитување на владеењето на правото:

„Вистинската битка со тоа се води со започнувањето на преговорите. Ние засега сме надвор и сме еден добар кандидат, бидејќи ако се споредиме со Бугарија, Романија, кои веќе долго време се членки на ЕУ, мислам дека сме во предност. Затоа сум оптимист и мислам дека ќе успееме да го интензивираме овој европски пат на државата“, смета Ружин.

Пред политиката и германскиот бизнис го поздрави фактот што во државата работите конечно почнаа да се поместуваат. Конкретно, Делегацијата на германското стопанство оцени дека случајот „Рекет" е сигнал дека правото почнува да функционира. Првиот човек на Делегацијата во Скопје, Патрик Мартенс, во изјава за Дојче веле рече дека скандалот со специјалната обинителка е сигнал дека правосудните органи почнуваа да функционираат. Расчистувањето на состојбите и поставувањето на нови темели по кризата, според него, е единствениот начин земјата да има независно судство.

Во СЈО денеска и формално треба да почне предавањето на сите случаи, истраги и предистраги на Јавното обвинителствоФотографија: DW/P. Stojanovski

Продолжуваат заканите околу Рекет"

Охрабрувачките пораки од Берлин доаѓаат во период кога внатре во државата кулминира отпорот во битката за расчистување со криминалот. Посебно оној за кој постојат индиции за инволвираност на високи функционери од претходната власт кои се мета на предметите и истрагите на СЈО. Но и на случајот „Рекет" кој ја компромитира специјалната обвинителка Катица Јанева која заврши во притвор.

Во вакви услови и не чуди што преговорите околу Законот за јавно обвинителство се во фаза да се биде или не, пред сѐ за опозицијата, која отфрлајќи го планот на власта уфрли во игра и јавни предупредувања дека поседува документи со искази од случајот „Рекет" во кои наводно се наоѓале имиња на високи функционери од власта. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски,тврди дека документите ги добиле од „свиркачи“. Обвинителството предупреди дека е сторено кривично дело и е нарушена тајноста на постапката. Мицкоски изјави дека сѐ уште не бил повикан од обвинителството да даде исказ, но очекува да го осудат и апсат. Повторно предупреди дека ако истрагата запне, тогаш тие ќе ги објават документите кои ги добиле од „свиркач“.

Повеќе:Предметите од СЈО одат во ЈО

Кој ќе работи на предметите на СЈО?

Додека власта и опозицијата се натегаат околу законското решение, во СЈО денеска и формално треба да почне предавањето на сите случаи, истраги и предистраги на Јавното обвинителство. Останува да виси кои обвинители ќе продолжат да работат по нив - ние што досега работеле по нив, или ќе се прави нова распределба. Денеска или утре треба да биде закажана и собраниска седница за разрешување на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева. Нејзиниот мандат истекува на 15 септември, недела, но спикерот Талат Џафери изјави дека нема да се чека последниот ден за да се гласа.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми