1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Битка за Идлиб - битка за Сирија

Керстен Книп
30 август 2018

Режимот на Асад се спрема за битка за Идлиб, последното бунтовничко упориште. Но, не е во прашање само контролата врз градот, во игра е иднината на целата земја, а свои интереси тука имаат и странски фактори.

Syrien Luftangriffe in Idlib
Фотографија: picture-alliance/AA/E. Diyab

Од ОН се упатуваат ургентни предупредувања за можна хуманитарна катастрофа во Идлиб, кон нив се приклучи и генералниот секретар Антонио Гутереш. При масивен напад врз градот, реално е да се очекува „најлошото сценарио“, истакнува директорот за координација на хуманитарните активности на ОН, Џон Гинг. Најава за она што може да следи беа настаните од првите денови на август, кога режимот на Асад го стегна притисокот врз градот, загинаа најмалку 50 луѓе, десетици беа ранети.

Атакот врз Идлиб се чини веќе не може да се избегне. Градот е во фокусот на интересот на бројни актери, вели турскиот политиколог Самир Салха од Коџали-универзитетот во Истанбул. „Сите инволвирани актери се обидуваат да го искористат градот во свои цели. Турција таму сака да ги оствари своите интереси, исто како и САД. На владата на сирискиот претседател Башар ал-Асад пак ѝ е важно повторна контрола врз Идлиб.“

повеќе: Животот во Сирија: Готвењето е луксуз

Идлиб - последното упориште на бунтовниците

Интересот за Идлиб е поголем во однос на други градови, за кои се водеа борби во текот на војната, и од една друга причина. Чекор по чекор, владата на Асад, поддржувана од Русија и од Иран, во последните години успеа да ја врати превласта во земјата. Провинцијата Илдиб сега е последното упориште на воглавно џихадистичките контрахенти на Асад, меѓу кои доминираат милициите на т.н. Хајат Тахри ал-Шам, Организација за ослободување на Сирија, која е наследничка на Нусра-фронтот.

За градот и за целата провинција, тоа не навестува ништо добро. Во досегашните борби, џихадистите постојано имаа можности за повлекување. За да избегне местата контролирани од бунтовниците при нивното повлекување целосно да бидат уништени и жителите да бидат земени за заложници или убиени, владата на Асад им нуди на милициите  да прекинат со отпорот и да бидат извлечени од завојуваните локации. Стратегијата беше успешна и функционираше подолго време, сѐ додека сириската војска не ги доведе повторно под своја контрола мнозинството градови во земјата.

Со грбот до ѕид

Но, провинцијата Илдиб е последното прибежиште за бунтовниците. „Владата на Асад сигурно нема да дозволи Идлиб трајно да егзистрира како енклава на радикалните џихадисти“, вели експертот за Блиски Исток Гинтер Мајер, раководител на Центарот за истражување на арапскиот свет на Универзитетот во Мајнц. Може да се очекува сириските трупи да започнат обид за уништување на исламистите. „Но, тоа ќе биде многу потешко да се реализира од досегашните освојувања на градовите. Зашто, каде би оделе џихадистите? Тие едноставно немаат друга можност освен да се борат до последен здив, доколку сепак ненадејно не биде најдено некое политичко решение.“

Во оваа ситуација, според медиумски извештаи, руски преговарачи се сретнале со лидери на милициите околу наоѓање можно излезно решение. Реално, шансите за него се исклучително мали, токму од наведената причина - милиците се натерани во ќош. Дека и Русите очекуваат насилно заземање на градот, зборува концентрацијата на нивни воени бродови во Средозменото Море, кои би требало да ја поддржуваат сириската војска.

повеќе:Сомнително предупредување од Москва

Турска војска близу Идлиб, архиваФотографија: Getty Images/AFP/O. H. Kadour

Грижите на Анкара

Очекуваната можна воена ескалација околу Идлиб Русите ја дискутираат и со претставници на турската влада. Високорагниран дипломат од опкружувањето на турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу минатиот петок бил на соодветни разговори во Москва. Чавушоглу предупреди дека заземањето на тримилионскиот град Идлиб ќе води до хуманитарна катастрофа. Притоа, тој во вид ги нема само натамошните бегалски бранови - Турција во меѓувреме згрижува речиси три милиони сириски бегалци- туку и џихадистите. Тие во никој случај не смеат да стигнат на турска територија. Од тие причини Турција во последниот период засилено ги обезбедува и персонално ги зајакнува своите граници кон Сирија.

Загрижени не се само Турците, уште појасни предупредувања испраќаат Американците, заедно со Британците и Французите. Советникот за национална безбедност на САД, Џон Билтон упати јасна порака минатиот викенд - ако режимот на Асад при нападот врз Идлиб употреби отровен гас, ќе следи „многу силен одговор од САД“.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров одговори со контрапредупредување до Западот - да не наседнува на „провокации“ на бунтовниците од Идлиб и да не ја попречува тамошната планирана „антитетористичка операција“. Во Идлиб терористите се собрани во една заштитна зона на деескалација и држат цивили како заложници. Од тие причини, овој „чир“ мора да биде ликвидиран, изјави Лавров, според агенцијата Тасс.

Интересите на САД

Американците во поглед на Сирија следат првенствено една цел, вели Гинтер Мајер. Заедно со Израел и Саудиска Арабија, тие се ангажираат против трајно присуство во Сирија на Асадовата втора заштитничка сила, Иран. „Тие нудат повлекување на своите трупи од Сирија ако истото го направи и Иран,“ вели Мајер. Но, сириската влада засега не прифаќа ваков дил. „Оттаму, реална е претпоставката Американците да не се откажат од своето воено присуство, во прв ред во североисточна Сирија. Во спротивно, тие фактички би капитулирале и Сирија би им ја препуштиле на Русите и Иранците.“ 

Ова за Идлиб не навестува ништо добро. Кружат различни сценарија во врска со Илдиб, истакнува политикологот Самир Салха. „Најможното е - да дојде до борби за Илдиб. Асад ќе сака да ги комплетира своите воени успеси.“

 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми