1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Битка за ребалансот во Собрание

Костадин Делимитов
19 септември 2019

Прекроената државна каса е пред пратениците. Се очекува жестока расправа.

Mazedonien - Das Parlament
Фотографија: MAKFAX

Повеќе пари за граѓаните, помалку за капитални инвестиции. Вака накусо може да се скенира предлогот на Владата за ребаланс на буџетот за годинава кој е на дневен ред на матичната собраниска комисија. Државната каса по обем се крати незначително, но осетно се корегираат приоритетите. Од дневен ред се симнуваат предвидени капитални проекти за близу 50 милиони евра, чија реализација не се одвива според планираното.

Социјален аспект

Но затоа фокусот се става на социјалниот апсект, односно обезбедување услови за повисоки плати но и нови вработувања. Ова е и клучниот адут на власта која уверува дека економските политики ќе донеле повисок животен стандард и подобар живот за граѓаните:

„Со спроведување на вистински фискални политики преку Буџетот, Владата има за цел да понуди подобри услуги кон граѓаните, да ги поддржи стопанството и економскиот раст, што ќе резултира со повисок животен стандард и подобар живот за граѓаните", изјави министерката за финансии Нина Ангеловска, која денеска пред пратениците ќе го брани предлогот. 

Македонската министерка за финансии, Нина АнгеловскаФотографија: privat

Субвенции за повисоки плати

Најголем дел од парите ќе се пренаменат за поддршка односно субвенционирање на придонесите за фирмите кои ќе ги зголемат платите на вработените до 100 евра, односно до 6.000 денари. За ова, Владата предвидува 6,5 милиони евра, односно близу 3,5 милиони евра за активните политики и мерки за поддршка на вработувањето. Предвидени се и околу 9 милиони евра директна поддршка за зземјоделството, 3,2 милиони евра за набавка на лекови за ретки болести и инсулин.

Капитални проекти во аут"

Сепак, она што боде очи е што се кратат проекти во делот на капиталните инвестиции, меѓу нив и образованието. Или од предвидените 420 милиони евра, сега тие се намалуваат на 370 милиони евра:

„Поради ниската реализација на одредени капитални инвестиции за период јануари-август од иницијално планираните 25.9 милијарди, намалени се одредени позиции кај капиталните расходи кај кои е евидентирана забавена динамика на реализација, во главно кај проекти финансирани со кредити. Со ребалансот овие средства се пренаменети во корист на сите учесници, контрибутери и корисници“, изјави Ангеловска.

Предизборен буџет!?

Опозицијата вече предупреди дека власта скроила буџет кој е катастрофален, нереален и популистички.

Прекорената државна каса ќе ја нападнат со повеќе амандмани со кои ќе бараат да се обезбедат повеќе апри за капитални проекти:

„Ова е признание дека власта нема капацитет да ги води инситуциите и да ги инвестира средствата во капитални проекти, градинки, болници, студентски домови, гасификација, водоснабдување и друго, туку парите ги распределува во популистички мерки кои имаат за цел поткуп на одреден дел од гласачкото тело во предизборен период и делење на пари на луѓе блиски до власта“, реагираше опозициската партија.

Фотографија: Regierung Mazedonien

Во ВМРО ДПМНЕ се сомневаат и околу издржаноста на мерката за зголемување на платите во која препознаваат немоќ на институциите да се справат со сивата економија

„Заев, Анѓушев и Ангеловска јавно признаваат дека целта е фирмите кои исплаќаат пари на рака да ги исплатат на трансакциска сметка без да платат придонеси. Ваквата поставеност покажува дека единствен интерес на Владата е статистичко зголемување на платата, а реалниот износ што го земаат вработените ќе остане ист. На иста линија е и мерката Мој ДДВ која е воведена пред се за граѓаните да ја вршат работата на институциите во контролата на тоа дали некој издава фискални сметки или не“, предупредуваат од ВМРО ДПМНЕ.

Фалби, критики, сугестии

Наспроти политиката, стопанството негодува, главно поради фактот што се крати најмногу во делот на капиталните инвестиции. Дел од нив ја поздравија, но дел и ја критикуваа мерката за субвенции за придонесите за здравствено и пензиско осигурување за зголемување на платите.

„Она од што компаниите најмногу стравуваат е оваа мерка да не се претвори во оправдување за паралелно да се зголеми минималната плата, за што и од нас и од меѓународните финансиски институции има реакции дека ако се вештачки наметнати може да донесат далекусежни последици“, изјави Данела Арсовска, претседател на Сојузот на стопански комори.

Дел од експертите сметаат дека мерката ќе го намали плаќањето во кеш и ќе влијае на зголемување на просечните палти. Според институтот „Фајнанс тинк" во наредните три години, од буџетот ќе се потрошат околу 90 милиони евра за оваа намена:

„Субвенциите да се ограничат на плати до 24 илјади денари, со што би се опфатиле 85,7% од од примателите на плата во плико. Исто така, да се оневозможи, по завршување на мерката платите да се намалат и предлогот е со тек на годините, субвенциите да се намалуваат со текот на годините“, сметаат од „Фајнанс тинк".

Ребалансот на Буџетот е заснован на проекција за економски раст од 3,5%, или 0.3% повеќе од првично планираното за годинава. Вкупните приходи и расходи се намалени незначително, за по околу 0,1% и се позиционирани на ниво од 210.5 милијарди денари, односно 228.3 милијарди денари. Буџетскиот дефицит е непроменет и изнесува 2,5 проценти од БДП. Комисиската расправа согласно Деловникот трае 10 денови. По ова, предлогот за прекројување на државната каса оди на пленарна седница. За да се усвои, потребна е поддршка од мнозинството пратеници.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми