1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Битка за секој глас во вториот круг во Скопје

ДТЗ
18 октомври 2021

Кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ се во убедливо водство на локалните избори во скопските општини. Во дел победија, а во дел од општините со предност влегуваат во вториот круг.

Nordmazedonien Kommunalwahlen
Се очекува неизвесна трка за Скопје во вториот изборен кругФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Сонце денеска го огреа Скопје. Скопјани ја однесоа големата победа за водство во првиот круг“, изјави денеска независната кандидатка за градоначалник на Град Скопје, Данела Арсовска, која што е поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, на прес-конференција по изборниот ден. Таа информираше дека согласно податоците коишто ги има од Државната изборна комисија, во вториот круг влегува со предност од 5.334 гласа пред нејзиниот противкандидат, досегашниот градоначалник на СДСМ, Петре Шилегов. 

„Скопјани гласаа за промени. Овој резултат покажува дека е време за модерно Скопје. На скопјани им е преку глава од празни ветувања. Важно беше да се обединиме на овие избори“, рече Арсовска, повикувајќи ги сите што не се задоволни од сегашните градски власти, да се здружат и да ги поразат. „Скопје не смее да биде предмет на политика, треба да се развива онака како што ние скопјани сакаме“, додаде Арсовска, критикувајќи ја работата на нејзиниот противкандидат, Петре Шилегов. 

ВМРО-ДПМНЕ се прогласи за победник што се однесува до локалните избори во скопските општини.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Иако Арсовска е во водство, актуелниот градоначалник Шилегов е убеден во победа. „Јас сум сигурен дека во вториот круг ќе извојуваме победа. Ако ги погледнете резултатите, ќе констатирате дека Арсовска го достигна истиот резултат на ВМРО-ДПМНЕ како на парламентарните избори лани. Јас се потпирам на гласовите на граѓаните и верувам во триумф“, изјави Шилегов. Тој посочи дека вчера имало успешен демократски ден и празник на демократијата и упати честитки до сите кандидати за резултатот во првиот круг и на граѓаните кои излегле на гласање. 

Најголем број кандидати 

Во првиот круг на локалните избори за Град Скопје имаше најголем број кандидати досега - дури 12-мина влегоа во трката, но само двајца ќе си ги измерат силите во вториот круг на 31 октомври. Според првичните податоци на ДИК, независната кандидатка поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска, освоила 83.968 гласови, додека кандидатот на СДСМ, Петре Шилегов, 76.832 гласа и тие двајцата ја продолжуваат битката за градоначалник на Град Скопје. За споредба, во 2017 година Шилегов во првиот изборен круг беше избран за градоначалник со над 141 илјада гласови. 

Победникот ќе го одлучи прелевањето на гласовите од кандидатот на Левица, Перо Георгиевски кој освои 19.877 гласа, како и Ана Петровска, преку граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“, во првиот круг освои 9.568 гласа и со тоа за неа заврши изборната трка.  

Победници и губитници 

ВМРО-ДПМНЕ се прогласи за победник што се однесува до локалните избори во скопските општини, откако нивните кандидати за градоначалници победија во првиот круг во неколку општини. Во дел од општините влегуваат како фаворити, во други пак е тесна разликата со противкандидатите. 

Според податоците на ДИК, ВМРО-ДПМНЕ убедливо победи во Гази Баба во првиот круг, каде Бобан Стевковски освои 17.910 гласови, а актуелниот градоначалник Борис Георгиевски од СДСМ двојно помалку, или 8.804 гласови. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ убедливо победи и во Аеродром, каде Тимчо Муцунски освои 18 300 гласови, а кандидатот на СДСМ, Александар Филиповски освои 8 739 гласови. 

Убедлива победа постигна и кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ во Кисела Вода Орце Ѓеоргиевски, кој освои 14.691 гласови, додека неговиот противник од СДСМ, Филип Темелковски освои 7.691 гласа. ВМРО-ДПМНЕ во првиот круг победи и во Бутел, каде Дарко Костовски освои 9.012 гласови, а актуелниот градоначалник од СДСМ, Велимир Смилевски 6.831 гласови. 

Во Сарај градоначалничката функција ја задржа Блерим Беџети од ДУИ со 73,10 отсто освоени гласови. 

Битката за Центар и Карпош

Кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ во Ѓорче Петров, Александар Стојковски, освои повеќе гласови од противкандидатот на СДСМ, Александар Наумовски (8.431 наспроти 5.731) и двајцата продолжуваат во вториот круг. СДСМ успеа да го задржи Центар во првиот круг, каде Горан Герасимовсски освои 8.160 гласови, а Наташа Котлар од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ освои 6.720 гласови. Но, за епилогот на изборите на 31 октомври пресудно ќе биде каде ќе се слеат 2.302 гласови, на оние коишто гласаа за Андреа Јанков, кандидат за Левица.  

Неизвесна е ситуацијата во Карпош, каде кандидатот на СДСМ, Душко Весковски освои најмногу гласови.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Неизвесна е ситуацијата во Карпош, каде кандидатот на СДСМ, Душко Весковски освои најмногу гласови - 9.296 гласови, и во вториот круг ќе си ги измери силите со  поранешниот градоначалник Стевчо Јакимовски, кој во првиот круг освои 6.830 гласови, со што го претрка кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Оливер Зафировски, кој освои 6.551 глас. Со оглед на тоа дека ВМРО-ДПМНЕ е во коалиција со ГРОМ на Јакимовски, прогнозите се дека власта многу лесно може во вториот круг да ја изгуби битката за оваа скопска општина. 

Втора среќа 

Втор круг ќе има и во Шуто Оризари каде што Ферат Асан од СДСМ доби 37,18 отстоод гласовите пред Курто Дудуш од ЛДП/ДОМ со 25,46 отсто. Во Чаир се обработени сите избирачки места и во трката за градоначалник во вториот круг влегоа Висар Ганиу од ДУИ со 48,90 и Беким Сали од АА/Алтернатива со 36,98 отсто од гласовите. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми