1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Бихаќка“ број 8 го чека новиот лидер

11 декември 2021

Тројца кандидати утре ќе ја бараат довербата на сопартијците. Нивните програми се конкурентни, но со заеднички цели и со пораки за единство и одговорност.

Politik Skopje, Mazedonien
Фотографија: Petr Stojanovski

Црвенковски, Бучковски, Шекеринска, повторно Црвенковски, потоа Заев. Кој ќе биде следниот во низата што ќе седне во претседателската фотелја на „Бихаќка“ број 8? Утре,  на 12-ти декември,  одговорот ќе го дадат членовите на партијата кои се впишани во партискиот избирачки список преку процесот на активна регистрација.

Во историјатот на  СДСМ претседател со најдолг стаж беше  Бранко Црвенковски,  а во пократок период со партијата раководеа и Владо Бучковски и Радмила Шеќеринска.  Зоран Заев за претседател на СДСМ беше избран во јуни 2013 година, а реизбран во мај 2017 година. Третиот претседателски мандат во СДСМ го почна во март годинава, откако беше избран на првите непосредни внатрепартиски избори, на кои, тој беше единствен кандидат. Последниот мандат го започна во годината кога СДСМ го одбележа тридеценискиот јубилеј од основањето на партијата. По изборот тој најави „пролетна офанзива за нов пресврт на политичко делување на СДСМ и на земјата“, но по неуспехот на партијата на локалните избори на сопартијците им приреди есенско изненадување.

Неговата оставка на лидерската позиција не мобилизираше поголем број на кандидати за функцијата. Од пријавени четворица, статутарните услови ги исполнија тројца - Димитар Ковачевски, Фросина Ременски и Јован Деспотовски, кои утре довербата ќе ја бараат на вторите непосредни внатрепартиски избори. Во изминатите денови тие ги промовираа нивните програми и визии за идното функционирање на партијата.

Заедно, одговорно, посветено

Во пресрет на изборите, ДВ на тројцата кандидати им постави идентично прашање: што е клучно во нивната програма, кое ја прави поконкуретна во однос на програмите на другите кандидати?

„На програмите на моите противкандидати Ременски и Деспотовски не гледам како на конкурентски и не ги анализирам од таква перспектива“, вели  Димитар Ковачевски, чија програма е насловена во духот на оваа негова изјава - „Заедно, одговорно, посветено“.

„Од она што го видов и слушнав досега, тоа се програми каде има значајни идеи за реализација на нашата заедничка цел - обединета и силна СДСМ. Од нивните излагања и размислувања, би рекол дека сите тројца еднакво добро ги имаме лоцирано проблемите во партијата и насоките на делување. Доколку станам претседател, со задоволство ќе разговарам за предлозите од сите три програми и ќе се потрудам да ги реализирам. Сепак, ние сме, пред сѐ, другари и уште поважно, се бориме за истите идеали. Што се однесува до мојата програма, таа е фокусирана на внатрепартиска реорганизација, со цел поголема ефективност во работењето, активирање на пасивизираните членови и подигање на нивото на внатрепартиска демократија“, вели Ковачевски.

Димитар КовачевскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Тој е актуелен заменик-министер за финансии, а во неговата биографија стои дека магистрирал на економски науки на УКИМ, а докторирал на Универзитетот во Подгорица. Вонреден професор е на Факултетот за деловна економија и менаџмент на Универзитетот „Американ колеџ“ во Скопје. Работната кариера ја започнал во „Македонски телеком“, а продолжил во „Оне вип Македонија“. Бил на повеќе партиски функции, а во моментов е член на Извршниот одбор на СДСМ.

Како што презентираше во изминатите денови, неговата програма се базира на три основни столба: социјалдемократската визија (социјалдемократски вредности од кои извираат принципите, вредностите на работењето и резултатите кои следуваат од него), економски раст (посветеност кон економските политики и зголемување на животниот стандард на граѓаните) и трето - јасен и правичен систем во кој најдобрите ја добиваат одговорноста и шансата за исполнување на сите проекти ветени пред граѓаните.

„Најзначајно за нас е да ја вратиме вербата дека можеме сами и мораме сами да го унапредиме нашето општество, имајќи го предвид

јасниот пат на нашето општество во европските интеграции“, изјави тој кога ја поднесе кандидатурата.

Концепт 28

Со програмата „Концепт 28“, довербата кај сопартијците ќе ја бара Јован Деспотовски, долгогодишен член на партијата, денес актуелен директор на Дирекцијата за развојни технолошки зони. Тој е дипломиран економист на УКИМ и постдипломец по меѓународни односи и дипломатија на Универзитетот „Американ колеџ“. Работел во Секретаријатот за европски прашања, како и во Фондот за иновации и технолошки развој. Во СДСМ е повеќе од 20 години, каде бил на повеќе функции. Концептот што денес го нуди, вели дека ќе обезбеди квалитет во спроведување на современите вредности и прогресивните политики до 2028 година.

„Концепт 28 воведува еден целосно нов пристап во политиката. Чесноста, отвореноста и одговорноста се нашите основи. Целосен фокус кон граѓаните и нивните проблеми. Завршува времето во кое зборуваме за политичари - за КОЈ. Со Концепт 28 зборуваме прво КАКО да им се помогне на сите, КАКОВ човек/луѓе и се потребни на ова општество, па потоа КОЈ да биде премиер, министер, директор“, објаснува Деспотовски.

Јован ДеспотовскиФотографија: DW/K. Delimitov

Најавува и целосно нов пристап во одговорноста. Наместо кон лидерот, воведување на систем на одговорност на функционерите кон членството, кон граѓаните.

„Секој што има амбиција да се кандидира за функција градоначалник, пратеник, ќе биде избиран од членовите, а не од раководството. Само на овој начин ќе овозможиме функционерите да бидат во целосна служба на граѓаните. Со Концепт 28 зборуваме како СДСМ да остане и да се зацврсти како најсилна политичка организација во Северна Македонија до 2028. Само силен СДСМ, силна држава може да ги заштити членовите и сите граѓани од притисоците, криминалот, партизацијата што ни се случуваа до 2016 година“, вели Деспотовски.

Ќе воведе јасни и конкретни индикатори што ќе го мерат успехот на партискиот лидер.

„За прв пат претседателот на СДСМ и неговиот учинок ќе се мерат преку придонесот во намалување на сиромаштијата, процент на пораст на платите во однос на инфлацијата, преку износ на зголемени вложувања во здравството и образованието. Мојот успех ќе се мери и преку бројот на наши сограѓани што заминале во странство, а ќе ги поттикнеме да се вратат дома. Довербата се гради само со конкретни резултати и факти. Концепт 28 поттикна една енергија во општеството која сметавме дека е неповратно загубена. Оваа енергија, овој капитал имаме обврска да го зачуваме и да го развиваме“, порачува Деспотовски.

СДСМ да биде победничка партија

„Да го вратиме СДСМ на победнички шини“, ова е пораката од програмата на Фросина Ременски, единствената жена која на овие избори се кандидираше за лидерската функција. Таа е доктор на социолошки науки, професорка на Факултет за безбедност, поранешен потпретседател на Собранието, министерка за труд и социјална политика во една од прижинските влади, долгогодишен член на СДСМ и нејзин поренешен потпретседател.

Фросина РеменскиФотографија: DW/P.Stojanovski

„Во програмата разработувам конкретни активности за внатрепартиска интеграција на членовите и нечленовите преку обединувачки активности кои ќе можат да обезбедат намалување на разликите, ќе ја јакнат внатрепартиската демократија“, вели Ременски.

Најавува дека ќе оформи работно тело во кое ќе учествуваат сите поранешни координатори на пратеничките групи на СДСМ, кои на дело и преку парламентарна активност ги спроведувале владините и социјалдемократските политики - и тие ќе бидат врската за успехот во Собранието. И не само тоа.

„Градењето на соработка и со работничките и синдикалните организации, ќе го врати СДСМ на изворните корени и ќе значи креирање и спроведување на вистински социјалдемократски мерки - тоа нема и не смее да значи политизација на синдикатите. Деконцентрацијата на моќта на одлучувањето во партијата ќе ја гарантирам со зголемување на автономијата на делување на општинските, младинските, женските и интересовните организации во рамки на СДСМ. За сите грешки и недостатоци ќе го слушаме гласот на членството, пред сѐ“, ветува Ременски.

Планира изготвување екпертски документи за партиските позиции по сите отворени прашања од јавен и национален интерес, што според неа, тоа ќе оневозможи ширење на лажни вести. Жените ќе бидат доминантна и одлучувачка сила во партијата, бидејќи смета дека нивниот капацитет не е доволно искористен.

„Мојата визија за СДСМ е да биде победничка партија. Со вклучување на иновативни информациски технологии (софтверски пакети и програми) и „вештачката интелигенција“ (AI) кои ќе ги донирам на партијата, ќе ги вратaм младите во партијата во која ќе гледаат место каде што можат да учат и да се усовршуваат, за да бидат дел од современите информациско-комуникациски текови во светот. Свртувањето на пирамидата наопаку - е принцип по кој ќе се донесуваат сите одлуки. Не може за се да одлучува врвот, а базата само да спроведува. Само ако членовите на партијата се вградат во одлуките и процесите кои треба да ги спроведуваат, ќе има успеси. На крајот, сите треба да седнеме на иста маса и да го демонстрираме единството и обединувањето, без посочување кој кого поддржува и кој најмногу или помалку придонел за партијата. Само така СДСМ нема да се дели и раслојува, туку ќе мотивира и победува“, порачува Ременски.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми