1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

БиХ во фудбалска треска

Самир Хусеиновиќ/ Александра Трајковска15 јуни 2014

Атмосферата во пресрет на натпреварот БиХ - Аргентина е вжештена. Во Босна и Херцеговина веруваат дека нивната земја победила со самиот пласман на СП и дека и вечерва ќе покажат како се бранат државните бои.

Фотографија: Fedja Krvavac/Klix.ba

Денеска (15.06) на полноќ по средноевропско време, БиХ првпат настапува на Светско фудбалско првенство. На познатата Маракана во Рио де Жанеиро „Змејовите“ ќе ги одмерат силите со двократниот светски првак, Аргентина. Мнoгумина во БиХ тврдат дека и самиот настап на Мундијалот е голем успех за босанско-херцеговскиот фудбал и дека репрезентативците и вечерва во дуелот со Аргентина храбро ќе ги бранат државните бои.

„Мислам дека репрезентацијата на БиХ постигна голем успех, а што се однесува до вечерашниот натпревар, сѐ е можно (...) сигурен сум дека нашите 'Змејови' вечерва нема да се предадат и дека храбро ќе се бориме до последниот свиреж на судијата“, вели С.М од Сараево.

Навивачите на БиХ на стадионот МараканаФотографија: Fedja Krvavac/Klix.ba

Инаку Босна и Херцеговина во пресрет на натпреварот со Аргенитна ја зафати фудбалска треска. Улиците на главниот град и многу други градови се накитени со знамиња на фудбалските репрезентации кои оваа 2014 година се натпреваруваат на Светското првенство во фудбал во Бразил. Доминираат сѐ разбира сината и жолтата боја на БиХ. За фудбалот и претстојните дуели на националниот тим на БиХ се зборува насекаде, на улиците, во кафеаните, на инеренет мрежите... Исклучок се понекои средини со српско и хрватско мнозинство.

Неколку илјади навивачи од Босна и Херцеговина и од други делови на светот отпатуваа за Бразил за вечерва на Маракана да ги бодрат „Змејовите“ во натпреварот против „Гаучосите“. Фејсбук, Твитер, Инстаграм и други интернет мрежи се преплавени со фотографии од навивачите на Босна и Херцеговина во Бразил.

„Дојдоа од БиХ, ги заложиле заштедите, подигале кредити само за да бидат со своите љубимци. Дојдоа и од разни делови на светот, воглавно втората генерација од дијаспората, млади и успешни во својата работа тука за и на овој начин да ја почувствуваат врската со татковината. Нивната база е кафеаната на Копакабана 'Роте 66'. Тука се ори наша песна, развеани се знамиња, шалови, приоѓаат и други навивачи за да се сликаат, разменат прогнози, сѐ е многу опшутено и пријателски“, вели за Дојче веле уредникот на спортската редакција на БХ радио 1 Аднан Љубовиќ.

Спортскиот новинар Аднан ЉубовиќФотографија: Adnan Ljubovic

По последниот тренинг на Маракана пред натпреварот со Аргентина, селекторот на репрезентацијата на Босна и Херцеговина Сафет Сушиќ рече дека БиХ е свесна дека игра против „апсолутниот фаворит“ за првото место во групата. Но и „еден од кандидатите за титулата светски првак“.

„Јас сум тренер кој сака да постигне гол повеќе од противникот. Во нашата филозофија е да дојдеме до тоа со напаѓачка игра. Не знам дали ќе ни успее тоа против Аргентина. За нас клучни ќе бидат натпреварите против Нигерија и Иран, селекции со кои ќе се бориме за второто место во групата 'Ф''', рече Сушиќ на прес- конференциајта во Рио де Жанеиро.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми